Кривична пријава за екс градоначалникот на Неготино и негови соработници

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против пет лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Неготино.

Осомничени за сторени повеќе различни кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување, за несовесно работење во службата, за употреба на исправа со невистинита содржина и за фалсификување службена исправа.

Кривична пријава е поденсена против В.А.(56) од Неготино осомничен за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување", против Ѓ.Т.(34) од Неготино осомничен за сторено кривично дело „несовесно работење во службата", против В.В.(59) и С.В.(35), двајцата од Неготино, осомничени за сторени кривични дела „несовесно работење во службата" и „употреба на исправа со невистинита содржина", и против Љ.Т.(57) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување" и „фалсификување службена исправа".

Во декемри 2015 првопријавениот, како градоначалник на Општина Неготино, соопшти денеска МВР, во повеќе наврати, на ДПТУ „Уни коп градба" ДООЕЛ Неготино, исплатил 2.991.624 денари за изведени градежни работи на локален пат без комплетна документација за истите.

Притоа, надзорот на градежните работи бил извршен и потврден од правното лице кое немало склучено договор со Општина Неготино и не било потпишано од страна на градежен инжинер. Исто така, во текот на 2016 првопријавениот склучил повеќе договори за цесија со повеќе правни лица, со цел отстапување на парични средства во износ од 4.514.623 денари на ДПТУ „Уни коп градба" ДООЕЛ Неготино, без комплетна документација за извршените градежни активности, односно без прилог на градежни дневници и потпис од градежен инжинер.

Во наведениот период, се појаснува во соопштението, второпријавениот, како градежен инжинер во Општина Неготино, и покрај тоа што бил овластен да присуствува во воведувањето на работа на надзорниот инжинер за наведените градежни активност, тој не присуствувал и не ја прегледал и потпишал документацијата од наведеното правно лице за извршените градежни активности.

Третопријавената, како управител ДПТУ „Уни коп градба" ДООЕЛ Неготино и четвртопријавениот, како овластено лице за изведување на наведените градежните активности изготвиле лажна документација за изведените градежни активности и ја употребиле при наплата од Општина Неготино за изведени градежни активности, со што се стекнале со противправна имотна корист од 7.506.247 денари. Петтопријавениот, како надзорен инжинер и сопственик во ДПИТУ „Хидро градежен инжинеринг" ДОО Скопје, ги документирал и одобрувал наведените градежни активности на ДПТУ „Уни коп градба" ДООЕЛ Неготино, и покрај тоа што во почетната фаза, наведеното правно лице немало склучено договор за вршење надзор со Општина Неготино. Со ова, пријавените овозможиле ДПТУ „Уни коп градба" ДООЕЛ Неготино да се стекне со противправна имотна корист од 7.506.247 денари, на штета на Буџетот на Р.С.Македонија./МИА.

Изборната кампања во полн ек - се заострува реториката меѓу партиите

Изборна кампања во полн ек во која секое ветување се става на вага. Вака комуникологот Бојан Кордалов гледа на кампањата за парламентарните и вториот круг од претседателските избори кои ќе се одржат на 8 мај.

Вели дека се што ќе им се вети на граѓаните ќе се следи колку ќе биде исполнето.

-Веќе во вториот круг можеме да видиме една динамика којашто за актуелната власт ќе ги одрази следните четири години на начин на функционирање, како ќе се преструктуираат и слично, додека за актуелната опозиција сериозен тест колкави какви ветувања ќе дадат во случај да навистина успеат како што ветуваат да ја формираат владата че мора многу бргу да ги спроведуваат. Сега секое ветување се става на вага и секое ветување се запишува и многу јасно ќе се следи. – Бојан Кордалов – Комуниколог

Иако вели дека политичките пораки и меѓусебните прозивки и провокации кои доминираат во овој период, пресудно влијание врз гласачите нема да имаат со оглед на тоа што најголемиот дел од граѓаните кои излегуваат на гласање уште претходно знаат за кого ќе гласаат.

-Значи 20 или 40 дена чуда не прават. Можеби некој незначителен дел да променат но генералната слика не. Тоа е истражување, тоа е факт, тоа е искуство досега тоа е пракса. Но партиите мора да разберат, и кандидатите дека тоа што го зборуваат денеска е тајмер којшто почнува да врти за следните година, две, три и ги отсликува нивните амбиции каде ќе бидат следните години. – Бојан Кордалов – Комуниколог

Од изборната капања остануваат уште помалку од десет дена. Загрижувачки, вели Кордалов е што и понатаму останува висок бројот на граѓани кои не гласаат, но ниту на овие избори помеѓу два круга, не очекува дека ќе има промени во бројките околу излезноста.

ДТИ добил петнаесет пријави за непочитување на препораката за денот на изборите

До државниот трудов инспекторат пристигнале петнаесет пријави во однос на непочитување на заклучокот на влада за неработни денови за денот на изборите, потврди за канал 5, директорката на инспекторатот, Весна Томовска.

Од инспекторатот велат и дека за работодавачите кои не ја почитувале одлуката на Владата ќе следуваат казни.

Од Државниот пазарен инспекторат пак, велат дека трговците ја почитувале препораката на Владата.

-За време на изборниот ден 24 април, немаше нерегуларности забележани од ДПИ и Одлуката на Владата се почитуваше од страна на трговците. - ДПИ

Работодавачите на први мај, како и за време на велигденските празници не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние работодавачи каде работните процеси заради својата природа не можат да се прекинат.

Од ДПИ таму велат дека доколку добијат насоки за постапување, во следниот период, за време на првомајските и Велигденските празници, ќе постапуваат во согласност со надлежностите.

Европски фронт во Чаир: Ќе предложиме закон за легализација

Кандидатот за пратеник на Европскиот фронт од Првата изборна зона, Хатиџе Топали, на нејзиниот предизборен настап ја искажа загриженоста со која се соочуваат граѓаните на општина Чаир.

Кандидатот за пратеник на Европскиот фронт од Првата изборна зона, Хатиџе Топали, на нејзиниот предизборен настап ја искажа загриженоста со која се соочуваат граѓаните на општина Чаир, вклучувајќи ги дивоградбите и имотно-правните прашања. Граѓаните во Чаир, според Топали, немаат ниту тротоари, ниту паркинзи, ниту паркови за деца. Таа понатаму вели дека во Собранието ќе предложат Закон за легализација на објектите, а на 8 мај ќе побараат поддршка и за Европскиот фронт.

Во продолжение целиот говор:

Почитувани граѓани на Чаир, браќа и сестри,

Јас сум Хатиџе Топали, учителка и жител на Чаир.

По 22 години општествена активност заедно со вас, денес се кандидирам за пратеник и ја барам вашата поддршка.

На Чаир му треба повеќе и ова ќе го направиме заедно.

Нашата верба беше злоупотребена во Чаир, многу ја злоупотребија и ја доведоа во мизерна состојба, каде што нема тротоари, нема паркинг, нема патишта, нема зеленило, нема игралишта, нема водовод и канализација, нема инвестициски капитал, но има узурпација на јавни простори, непотизам, корупција и злоупотреба.

Денеска ви се обраќам како кандидат за пратеник за сериозно прашање кое не засега сите нас.

Сведоци сме на масовни градби без дозвола и без план во нашата општина, во нашиот чаир. Нашите маала се преполни, граѓаните немаат место за паркирање, децата немаат каде да играат, мајките немаат простор за прошетка.

Над 30 висококатници во Чаир се изградени незаконски и немаат ниту тапии ниту дозволи.

Челниците на Чаир во овие 20 години ги измамија граѓаните и инвеститорите, но и нивните соседи, за лична корист со тоа што ги измамија граѓаните со последните пари, да купуваат станови кои немаат имотни листови и дозволи, додека инвеститорите ги инвестираат нивните во објекти кои го немаат регулирано имотно-правното прашање.

Не се виновни ниту граѓаните што купиле станови, ниту инвеститорите што ги изградиле, туку виновни се челниците на општина што ја злоупотребиле нашата доверба за лична корист и што го уништиле нашиот Чаир и квалитетот на живот.

Затоа, ние како Европски фронт и пратеници во следното Собрание, од причина што граѓаните и инвеститорите не се виновни за овој урбанистички хаос во Чаир, ќе предложиме Закон за легализација на објекти изградени без дозвола за да ги спасиме граѓаните и инвеститорите, а ќе бараме правна одговорност за оние кои ја дозволија оваа состојба, челниците на општина Чаир.

Граѓаните, бизнисите, општеството, со нас се сигурни и треба со нивниот глас да ја осудат оваа неизвесност, урбан хаос, коруптивна измама, со масовно гласање на 8 мај, затоа што ќе ја средиме кашата што им ја приредија 20 години челниците на Чаир,с е наведува во партиското сопштение.

притисни ентер