Косовската полиција изврши претрес на пет локации на северот на Косово

Косовската полиција изврши претрес на пет локации на северот на Косово во врска со инцидентот во Бањска

Во три општини на северот на Косово утринава се извршени проверки од страна на косовската полиција во врска со вооружениот напад во селото Бањска што се случи минатиот викенд. Косовската полиција информира дека претресите се во координација со ЕУЛЕКС и КФОР.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани изјави дека претресите се поврзани со настаните во Бањска и дека почнале утрово околу шест часот. Акцијата завршила еден и пол час подоцна, односно во 7:30 часот. Нема уапсени лица.Претрес, како што пренесе Радио Слободна Европа , извршен е и во близина на ресторанот „Греј“, кој се претпоставува дека е во сопственост на Ема Радоичиќ – сопругата на Милан Радоичиќ, потпретседателот на партијата Српска листа, кого косовските власти го обвинија оти учествувал во нападот во Бањска.

Според Косово онлајн претрес е извршен и во Градската болница во Северна Митровица, а директорот на болницата изјави дека полицијата ги земала снимките од видеонадзорот и искршила неколку врати.

Олимпискиот комитет дозволи учество на руски и белоруски спортисти без знамиња

На руските и на белоруските спортисти претходно им беше забрането учество.

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) денеска соопшти дека на руските и белоруските спортисти кои ќе се квалификуваат за завршните натпревари во нивните спортови ќе им биде дозволено да учествуваат на Олимписките игри во Париз следната година, под услов настапуваат неутрално, без знамиња, амблеми и химни.

-Тимовите на овие земји, спортисти кои активно ја поддржуваа војната, како и спортисти кои се ангажирани во армијата или државните безбедносни агенции на Русија и Белорусија, се исклучени од Игрите, се наведува на веб-страницата на Олимпискиот комитет.

На руските и на белоруските спортисти претходно им беше забрането учество во меѓународните натпреварувања по руската инвазија на Украина, но оттогаш постепено им беше дозволено да се вратат како неутрални индивидуални спортисти./МИА

Мицотакис најави релокација на село погодено од неодамнешните поплави

Локалното население и локалните власти, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на Мицотакис му ги претставиле главните проблеми со кои се соочуваат.

Релокација на селото Метаморфоси во областа Тесалија, кое беше особено погодено од невремето „Даниел“, беше во фокусот на посетата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговата средба со жителите и претставниците на локалната самоуправа, јави дописничката на МИА од Атина.

Локалното население и локалните власти, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на Мицотакис му ги претставиле главните проблеми со кои се соочуваат и разговарале за прашањето за преместување на селото што ќе се гради на повисока точка, по одлуката која самите жители ја донесоа.

По средбата, грчкиот премиер рече дека во рамките на неговата посета на областа Тесалија, сметал дека е негова должност да го посети и Метаморфоси за да поразговара со локалното население за иднината на нивното село.

-Штом и тие сакаат и се чини дека за тоа одлучија преку демократски процедури, им ја пренесов волјата на Владата, да се обврземе за изградба на ново Метаморфоси во просторот што е веќе одреден и веднаш ќе се проучи дали е соодветен. Верувам дека можеме многу брзо да тргнеме во оваа насока и конечно да дадеме дефинитивно решение за преселба на селотп, кое, како што знаете, не е првпат поплавено и ќе биде трајно во „окото на циклонот“ на климатската криза, која можеби станува се полоша и полоша, истакна Мицотакис. /МИА

Министрите од арапските земји бараат итен прекин на непријателствата во Газа

Министрите за надворешни работи на неколку арапски земји и Турција денеска во Вашингтон повикаа на итен прекин на војната во Појасот Газа и апелираа до САД да ја поддржат резолуцијата на ОН за хуманитарен прекин на огнот, пренесе Бета.

-Нашата порака е дека веруваме дека е апсолутно неопходно веднаш да се запрат борбите, рече саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, во име на групата, повикувајќи го Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција за хуманитарен прекин на огнот во Газа.

Тој изрази жалење што се чини дека крајот на конфликтот не е „приоритет на меѓународната заедница“.

Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека решението е прекин на огнот, а неговиот јордански колега Ајман Сафади изрази уверување дека „приоритет број еден е да се запре агресијата“.

Тој предупреди дека Израел ќе има одврзани раце да „продолжи со масакрот“ доколку ОН не ја усвојат резолуцијата.

Делегацијата, во која членуваат министри од Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и палестинските власти, подоцна денеска ќе биде примена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Саудискиот министер изрази надеж дека американските партнери ќе направат повеќе и уверување дека можат да направат повеќе за да се стави крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас. /МИА

притисни ентер