Кошта: Време е за изградба на „Европа на одбраната“ - Канал 5

Кошта: Време е за изградба на „Европа на одбраната“

Лидерите на ЕУ на неформалниот Самит на Унијата постигнаа напредок во дискусиите за изградба на „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта .

Кошта: Време е за изградба на „Европа на одбраната“

Лидерите на ЕУ на неформалниот Самит на Унијата постигнаа напредок во дискусиите за изградба на „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ што се одржа во Брисел.

- Се водиме од заедничко чувство на итност. Веќе не разговараме за „ако“, туку разговараме како да го направиме тоа, истакна Кошта, посочувајќи дека во дискусиите била потврдена цврстата посветеност на ЕУ на безбедноста на Украина и на постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир, како и решеноста да продолжи поддршката за земјата онолку долго колку што е потребно.

Кошта нагласи дека со дискусиите на Самитот лидерите им дале политички насоки на Европската комисија и на Советот на ЕУ за капацитетите, за финансирањето и за односите на ЕУ со НАТО, САД и Велика Британија при изработката на „Бела книга за одбраната“.

- Форматот на оваа средба ни овозможи да имаме искрена, отворена и слободна дискусија. Сега, дојде време да се направи избор и да се носат одлуки, додаде Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и полскиот премиер Доналд Туск, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Кошта потенцира дека тековната војна во Украина, кибер и хибридните напади, ситуацијата на Блискиот Исток бараат силен европски пристап за да се осигура безбедност на сите европски граѓани и да се обезбеди мир во Европа.

- Изградбата на „Европа на одбраната“ е составен дел од овој проект, рече Кошта, додавајќи дека дискусиите на Самитот биле фокусирани на зголемување на капацитетите и финансирањето на одбраната и на партнерствата на ЕУ.

Според него, од средбата е упатена јасна порака дека зајакнувањето на европската одбранбена индустрија мора да биде во центарот на напорите за зголемување на капацитетите.

- Ние мора да произведеме повеќе од капацитетите што ни се потребни и да го направиме тоа побрзо, потенцира претседателот на Европскиот совет.

Кошта оцени дека земјите членки досега направиле доста за зголемување на трошоците за одбрана, при што во периодот од 2021 и 2024 година тие пораснале за 30 отсто.

- Мора да продолжиме во истата насока. Комисијата најави дека ќе ги разгледа флексибилноста во рамките на новите правила за економско управување, за да овозможи повеќе национални трошоци за одбраната, рече Кошта, додавајќи дека за потребите за финансирање на одбраната потребно е мобилизирање на повеќе приватни и јавни инвестиции.

Говорејќи за партнерствата на ЕУ во сферата на одбраната, Кошта потенцира дека од клучно значење за гарантирање на трансатлантска безбедност е стратешкото партнерство меѓу ЕУ и НАТО.

- Двете организации ќе продолжат да работат заедно и меѓусебно да се зајакнуваат, истакна Кошта, додавајќи дека со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој беше поканет на работниот ручек на Самитот, се согласиле дека посилна „Европа на одбраната“ го зајакнува и трансатлантското партнерство.

Кошта посочи и дека САД се пријател, сојузник и партнер на ЕУ и таа врска има длабоки корени и ќе издржи со текот на времето.

- Проблеми и разлики во ставовите може да се појават и меѓу пријателите. Кога ќе дојде до тоа, треба да им се обратиме, да разговараме и да најдеме решенија. Се разбира, дека при тоа ги браниме нашите вредности, ги поддржуваме нашите принципи и нема да ги загрозиме нашите сопствени интереси. Тие универзални вредности и принципи лежат во сржта на меѓународниот поредок што заедно со САД го градиме уште од Втората светска војна: национален суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите, рече Кошта.

Осврнувајќи се на присуството на британскиот премиер Кир Стармер на работната вечера на Самитот, Кошта посочи дека во разговорите со него се потврдило дека има нова позитивна енергија во односите меѓу ЕУ и Велика Британија, која, како што нагласи, е природен партнер на Унијата.

Фон дер Лајен, од своја страна, истакна дека соработката со Велика Британија е посебно важна затоа што европската безбедност ги засега сите во Европа и тие што се во Европската Унија и тие надвор од неа.

Според неа, зајакнувањето на соработката во одбраната значи и продлабочување на партнерството на ЕУ со НАТО и европските земји партнери кои не се членки на ЕУ.

Таа оцени дека овој Самит бил организиран токму на време, во услови на реалните закани со кои се соочува Европа, кои растат и се јавуваат во разни форми - од руската агресија врз Украина, па до кибер заканите и нападите врз критична инфраструктура.

- Мора да се подготвиме и да одговориме на нив заедно, како Европејци. Мора да бидеме посилни во одбраната. На Европа во основа и треба бран во одбраната, рече Фон дер Лајен.

Во тој контекст таа ја нагласи потребата од зајакнување на европската одбранбена индустриска база, зголемување на трошоци и инвестициите за одбрана, поголемо јавно финансирање, зголемена флексибилноста на практиките за кредитирање, заеднички набавки за потребите на одбраната, поедноставување на законодавство и поттикнување на одбранбените иновации.

- Ако потрошиме милијарди и милијарди пари на даночните обврзници, ни треба поврат на инвестицијата во форма на зголемено знаење и нови работни места овде во Европа, истакна Фон дер Лајен.

Полскиот премиер Туск, пак, нагласи дека сите 27 земји членки на ЕУ на средбата ја нагласиле потребата од зајакнување на безбедноста на Европа и на солидарноста со Украина, но и со Данска во контекст на случувањата во последно време.

- Солидарноста со Данска е важна. Сите ние колективно и едногласно ја поддржавме Данска и сите сме свесни за последиците со кои може да се соочиме како заедница, изјави Туск, додавајќи дека тие изрази на солидарност не треба да останат само на зборови, туку и да се покажат на дело.

Тој посочи дека ЕУ се придржува на почитување на територијалниот интегритет на која било земја, а особено на нејзина членка, и ќе го брани тој принцип како заедница.

Нагласувајќи дека Полска е далеку пред сите европски земји во издвојувањата за потребите на одбраната на ниво од четири отсто од националниот БДП, Туск ја нагласи потребата од зголемување на финансирањето на одбраната и преземање на конкретни активности за зајакнување на одбранбените капацитети.

Во тој контекст, тој ја спомена и Иницијативата на Полска и Грција за создавање заедничка за противвоздушна одбрана на Европа со првенствена задача за заштита на границите на ЕУ, која, според него, била поздравена од сите партнери во нивните дискусии на Самитот.

Неформалните самити на ЕУ се собири на лидерите на земјите членки на кои само се дискутира и се разменуваат мислења за одредени прашања, но не се носат никакви одлуки.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Кој стои зад Алта банка- криминал, корупција и пари од дрога

Aлта банка не е обична банка. Зад формалниот сопственик Давор Мацура - човек што до вчера држеше менувачница во Земун, стои мрежа на криминал, корупција и пари од дрога.

СДСМ: Кој стои зад Алта банка- криминал, корупција и пари од дрога

Во Sky преписките Александар Вучиќ е препознаен како „Оскар“ - шеф на мафијата.

Тие преписки, што сега се бараат да се отворат во Србија, укажуваат на врски со криминалната група на Дарко Шариќ и Вељко Беливук. Шариќ - еден од најголемите балкански нарко дилери. Беливук - шеф на криминална група поврзана со убиства и рекетирање.

Истите преписки го поврзуваат и со Шкаљарскиот клан.

Клан Вучиќ: Александар и Андреј. Андреј Вучиќ, брат на Александар, еден од клучните луѓе во системот на моќ и контрола врз безбедносните и финансиските текови.

Полнолетниот син на Вучиќ се споменува во преписките како контакт лице што добивало месечна апанажа од картелот.

Милан Радоичиќ - човек со потерница заради упадот на Косово и обидот за дестабилизација во Бањска. Лице поврзано со организиран криминал на северот на Косово, со рекетирање и со контрола на локални бизниси.

Звонко Веселиновиќ - бизнис партнер на Радоичиќ. Човек со санкции, поврзан со организиран криминал, шверц и контрола на територии на северот на Косово. Неговите компании и мрежи се дел од истиот систем што го финансира и го штити режимот.

Никола Петровиќ (претходно, директор на Електромрежа Србија - ЕМС), кум на Вучиќ. Човек што стекна енормно богатство во периодот на владеење на СНС. Јавноста виде како само прославата на неговиот роденден во Венеција, обележана како карневал, е платена со милиони евра.

Таа група нема објаснување од каде доаѓаат тие пари. Има само факти за блискоста со власта и за бизнисите што растат паралелно со моќта.

Само да знаат граѓаните за случајот со 5 тони дрога што од Македонија заврши во село Коњух кај сестринската партија СНС.

При апсењето еден од уапсените изјавил дека е „државна работа„ на Бата Гашиќ, кој беше директор на БИА, министер за полиција и денес за одбрана во владата на Србија што си оди.

Исто така Александар Вулин, поранешен директор на БИА, министер за полиција и за одбрана. Тој беше доведуван во врска со апсењата во Јовањица, каде што беше откриена огромна нелегална плантажа со марихуана. Исти функции како Гашиќ.

Во Sky преписките овие двајца се споменуваат како главни за шверц на наркотици во рамките на Вучиќевиот клан.

Овие исти луѓе беа гости во Македонија и имаа состаноци со ВМРО и со ЗНАМ, со Максим Димитриевски. Една од темите на состанокот била Алта банка.

Ова е мрежата. Криминал, корупција, пари од дрога, контрола врз медиуми, телеком и банки. Алта банка е пералница на таа мрежа.

Мицкоски ја донесе во Македонија. Ја донесе со притисок. Ја донесе со пари на јавни претпријатија и на граѓаните. Ја внесе и во осигурувањето. Со луѓе од БИА што се споменуваат во преписките за шверц на дрога.

Сега, кога во Србија се бараат истраги за „Оскар“ и за врските со Шариќ и Беливук, во Македонија се кријат трансакциите и се обвинува опозицијата за паника.

Нема паника. Има документи. Има Sky преписки. Има апсења. Има одговорност.

Обвинителството мора да реагира. Дадовте заклетва на граѓаните, не на оваа мафија. Ако продолжите да ја чувате бандата, ќе одговарате заедно со неа.

Паѓа „Оскар“. Паѓа и Мицкоски. Паѓа ВМРО-ОКГ. Вистината излегува. Бандата ќе одговара, се наведува во партиското соопштение.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма кај Белата куќа: Уапсен е вооружен маж, гласови му кажувале да го убие Трамп

Маж по име Рони Јордрикс Гуанипа Кринос (26), венецуелски државјанин, е уапсен во близина на Белата куќа во Вашингтон откако агенти на американската тајна служба го забележале како се однесува сомнително додека бил во паркиран автомобил.

Драма кај Белата куќа: Уапсен е вооружен маж, гласови му кажувале да го убие Трамп

Според соопштението на Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS), тој им рекол на полицајците дека слушнал гласови кои му наредувале да дојде во Вашингтон и да го убие американскиот претседател Доналд Трамп.

Инцидентот се случил во четврток вечерта, на 5 ноември, кога агенти на тајната служба, додека биле во патрола, забележале маж во автомобил паркиран на авенијата Конституција, во близина на комплексот на Белата куќа. Откако му се приближиле, тие започнале разговор, за време на кој, според DHS, тој упатил закани кон претседателот на САД.

Полицајците подоцна утврдиле дека автомобилот е пријавен како украден, а мажот признал дека има предмети во возилото што полицијата подоцна ги пронашла за време на претресот.

Според официјалните информации, во автомобилот биле пронајдени три огнени оружја и десетици куршуми муниција. Меѓу запленетите предмети биле пушка и два пиштола. Министерството објави и фотографија од запленетите предмети.

Кринос се соочува со повеќе обвиненија, вклучувајќи три обвиненија за неовластено транспортирање на огнено оружје, три обвиненија за поседување нерегистрирано огнено оружје и три обвиненија за поседување нерегистрирана муниција. Тој е обвинет и за поседување одредени опасни предмети, носење пиштол без дозвола, управување со моторно возило без дозвола, кражба и примање украден имот.

ДХС соопшти дека осомничениот влегол во Соединетите Држави преку Тексас во март 2024 година, кога бил уапсен од агенти на американската гранична патрола, но подоцна бил ослободен. По неговото апсење, Службата за имиграција и царина (ICE) издала мерка притвор за него, а тој моментално е во притвор на Службата за маршали на САД.

Директорот на тајната служба, Шон Куран, го пофали одговорот на неговите агенти, велејќи дека нивната обука и искуство им помогнале да ја смират потенцијално опасна по живот ситуација.

„Ова е уште еден пример за тоа како агентите на тајната служба се потпираат на обемна обука и искуство за да ја деескалираат нестабилната ситуација што претставувала непосредна закана за лицата што ги штитиме и другите Американци“, рече Куран.

Тој додаде дека овој инцидент го истакнува зголеменото безбедносно опкружување и зголемениот број вооружени лица кои се привлекуваат во комплексот на Белата куќа.

Министерот за внатрешна безбедност, Марквејн Малин, исто така, ги пофали постапките на агентите на Тајната служба.

Благодарение на нашите храбри службеници на Тајната служба, овој човек со три огнени оружја во неговото возило беше уапсен во близина на Белата куќа пред да може да повреди некого, рече Малин.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Царинска управа: Европската комисија нотира добро ниво на подготвеност

Европската комисија нотира добро ниво на подготвеност на Царинската управа во спроведување на реформите за забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

Царинска управа: Европската комисија нотира добро ниво на подготвеност

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на државата нотира добро ниво на подготвеност во реформските процеси што ги презема Царинската управа во Поглавјето 29 - Царина унија, со цел забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на Европската унија. Зголемените приходи, воспоставување на сеопфатен разузнавачки систем за поддршка на истрагите и спроведување на законот, зајакнување на капацитетите на Секторот за контрола и истраги, надградбата на ИТ системите и усогласеноста на царинското законодавство, се дел од областите каде е забележан напредок.

„Вкупните приходи наплатени од Царинската управа во 2025 година беа за 5,2 проценти повисоки во споредба со 2024 година, надминувајќи 2,1 милијарди евра“, нотира ЕК во последниот извештај.

Во делот на оперативни и административни капацитети, од Комисијата го истакнуваат воспоставувањето на сеопфатен разузнавачки систем за поддршка на истрагите и спроведување на законот како и новиот систем за управување со ризик и податочен склад. Во оваа насока потенцирано е учеството во меѓународни операции и размената на разузнавачки информации. Контролите, се засноваат на анализа на ризик поткрепена со разузнавачки информации, информации добиени пред пристигнување на стоката и техники на селективност.

Воедно, со финансиска поддршка на ЕУ со цел зајакнување на борбата против организираниот криминал, нотирано е дека капацитетите на Секторот за контрола и истраги се значително зајакнати со нови возила и заштитна опрема, како и ИТ опрема за сервер салата со што се подобрува ИТ безбедноста на царинските операции. Во делот на борбата против корупција Комисијата наведува дека продолжува спроведувањето на Стратегијата за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027 година.

Во делот на дигитализацијата се потенцира дека е обезбедено одржување и понатамошен развој на системот за Интегрирана тарофна околина, како и започнување на пилот фаза на системите за регистрација и идентификација на економските оператори и за унифицирано управување со корисниците и дигитален потпис.

Царинското законодавство е со висок степен на усогласеност со правото на ЕУ, при што Царинската тарифа во 2026 година е донесена и усогласена со Комбинираната номенклатура на ЕУ.

Во областа на добрососедски односи и регионална соработка нотирано е ратификувањето на Протоколите 5 и 6 со кои се воспоставува рамка за олеснување на трговијата преку царинска соработка и либерализација на трговијата со услуги, соопштуваат од ЦУ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер