Коронавирус и кај нас, граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита

Во земјава вчера беше потврден првиот случај на коронавирус. 

Според надлежните, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.

Пациентката кај која е утврден корона вирусот е скопјанка, родена во 1970 година. Одреден период престојувала во Италија, а допатувала вчера утрото во три часот преку граничниот премин Табановце, превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица. Поради симптомите кои ги чувствувала, семејството веднаш ја донело на Клиниката за инфектологија. Моментно е хоспитализирана таму, на Одделот за интензивна нега и изолација. Како што соопшти синоќа министерот за здравство Венко Филипче, пациентката е во добра општа состојба, зафатено и е само едното белодробно крило и нема потреба за механичка вентилација.

Во меѓувреме, идентификувани се и лицата кои биле со заболената скопјанка во комбето. Вкупно се девет, осум патници и еден возач. Тие се веднаш ставени во домашна изолација, а денеска ќе се знае дали изолацијата ќе продолжи во домашни услови или лицата ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор.

Во однос на првиот потврден случај со коронавирус, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје уверува дека едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Според Караџовски, граѓаните може да бидат мирни. Медицинските служби се дежурни 24/7 и способни за само половина час да направат соодветна екипа која би реагирала веднаш.

-Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, посебно на социјалните мрежи. Да не не поведуваат емоциите, туку разумот и да не оставаме простор за панични реакции пред она што е реално, рече вчера премиерот Оливер Спасовски.

Министерот Филипче апелира компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот. Уште еднаш апелира и да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба. Во однос на заштитните маски, повтори дека претставуваат дополнителен ризик за здравите луѓе и дека е најдобро да ги носат здравствените работници, а за нив засега има доволно маски.

На Инфективната клиника вчера беа извршени тестирања кај уште две лица, но резултатите покажаа дека тие немаат коронавирус. Станува збор за наши граѓани кои изминатиов период патувале во Италија, а вчера сами се пријавиле на Клиниката.

Владата претходно формира координативно тело, а состанок одржа и Комисијата за заразни болести на кој беа потврдени заштитните мерки. Обезбеди и соодветни објекти, како и простории за дополнителна изолација, ако за тоа евентуално се јави потреба. Потребната опрема и прашалниците што треба да ги пополнат патниците кои влегуваат во државава, се дистрибуирани до аеродромските служби и граничните премини. Почна набавката на дезинфекциски средства за школите, а ќе се дополнуваат и резервите на заштитна опрема за медицинскиот персонал.

Во меѓувреме, поради новонастанатата ситуација со зголемениот број заболени во Италија, присуството на коронавирус во Хрватска, како и потврдениот прв случај во Грција, откажани се сите екскурзии кои ги организираат државните институции, основните и средните училишта.

Според премиерот Спасовски, засега нема забрани за одржувања јавни собири и други случувања на отворен простор. Одлуки во однос на овие и слични прашања ќе се носат на дневна основа, зависно од текот на случувањата.

Активисти на Здружението за заштита на животните и животната средина вчера побараа Владата да воведе задолжителен индивидуален скрининг според протоколите за спречување епидемии за сите патници кои влегуваат во државава, задолжителен 14-дневен строго контролиран карантин за сите патници кои доаѓаат од Италија, Хрватска, Кина, Хонг-конг, Макао, Кореа и други земји во кои има потврдени случаи на коронавирус, како и задолжително ангажирање/приспособување на сите капацитети и обезбедување максимален број простории за третман на заразените.

Шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила во синоќешното интервју за Македонската телевизија изрази уверување дека земјава е способна и подготвена за многу рано откривање на случаи со коронавирус, за справување со нив, како и за да одговори на потребите за хоспитализација.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба".

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента. .

Во регионот, засега, најголем број случаи со коронавирус има во Италија. Болеста е присутна и во Хрватска, а од вчера е официјална потврдена и во Грција. /МИА

Протести во Перу поради новиот закон за трансродови лица

Околу 500 демонстранти вчера во главниот град на Перу, Лима побараа укинување на новиот закон кој ги опишува трансродовите лица, меѓу другото, како ментално болни кои можат да добијат здравствени бенефиции.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Нема повеќе стигма“ и „Мојот идентитет не е болест“.

Законот, кој беше административно одобрен од Владата на претседателката Дина Болуарте минатата недела, прецизира дека оние кои се идентификуваат како трансродови и оние со „други нарушувања на родов идентитет“ се сметаат за „ментално болни“ кои можат да добиваат јавни здравствени услуги преку јавни и приватни институции. /МИА

На денешен ден

18 мај 

1800.- Умрел рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најистакнатите војсководци во 18. век, под чија команда руските трупи извојувале 57 победи. Во Советскиот Сојуз во 1942 година бил воведен орденот Суворов за високи војнички вештини.

1803.- Велика Британија и објавила војна на Франција затоа што Наполеон Бонапарта ја продолжил воената кампања во Италија и во Швајцарија.

1804.- Наполеон Бонапарта се прогласил за цар на Франција (на општо изненадување на прореволуционерните кругови во Европа), а во декември истата година, бил крунисан како Наполеон Први.

1868.- Роден е рускиот цар Николај Втори Александрович Романов, последниот монарх на Русија, кој владеел од 1894 до абдицирањето во 1917 година. Со сопругата, петте деца и послугата биле убиени во јули 1918 во Екатеринбург (Свердловск) по наредба на Ленин, по што сите искасапени биле фрлени во необележана гробница.

1872.- Роден е Бертранд Расел, англиски филозоф. Студирал математика и физика во Кембриџ. Во 1950 година ја добил Нобеловата награда за литература. Бил на чело на антинуклеарното движење во Британија и претседател на Судот за утврдување на воените злосторства во Виетнам. Умрел на 2 февруари 1970 година.

1897.- Роден е американскиот филмски режисер од италијанско потекло Френк Капра, трипати добитник на Оскар, автор на комедии со сатирични теми. Филмови: „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Господин Дидс оди во град“ (Оскар), „Изгубени хоризонти“, „Запознајте го Џон Дуа“, „Не можете тоа да го понесете со себе“ (Оскар).

1899.- Во Хаг била одржана првата меѓународна конференција против трката за вооружување и спречување на војни.

1908.- Умрел Карл Колдевеј, германски поларен истражувач. Бил водач на првата германска експедиција на Северниот пол. Роден е на 26 октомври 1837 година.

1911.- Умрел австрискиот композитор и диригент Густав Малер, директор на Државната опера во Виена, кој под влијание на Лудвиг ван Бетовен и Рихард Вагнер создавал композиции со изразит драмски набој и силни емоции. Дела: „10-та симфонија“, циклуси соло песни за глас и оркестар, „Песна за земјата“, „Песни за мртвите деца“...

1919.- Родена е англиската балерина Маргарет Хукам, позната како Маргот Фонтејн, една од најпознатите во 20. век, која на секој лик му давала посебна драмска сила. Со извонреден успех ширум светот играла низа улоги во класичните балети „Жизел“, „Лебедово езеро“...

1920.- Роден е римокатоличкиот свештеник Карол Војтила, кој под името Јован Павле Втори во 1978 година, по 455 години, станал првиот папа кој не потекнува од Италија.

1954.- Стапила во сила Европската конвенција за човекови права.

1961.- Во Скопје, во киното „Култура“, била одржана премиерата на „Мирно лето“ - првиот игран филм, режиран од македонски филмски автор, од режисерот Димитрие Османли.

1974.- Индија извршила прва нуклеарна проба во пустината во Раџастан, со што станала шеста држава која извршила нуклеарен тест.

1977.- Во Москва, за време на Дванаесеттото генерално собрание на ИКОМ, 18 мај бил прогласен за Меѓународен ден на музеите.

1980.- Стотици илјади луѓе ја презеле контролата над јужнокорејскиот град Квангџзу, по немирите во кои единиците на воената хунта убиле најмалку двесте продемократски демонстранти.

1981.- Умрел американскиот писател од ерменско потекло Вилијам Саројан. Дела: „Се викам Арам“, „Пет зрели круши“, „Мамо, јас те сакам“, „Доживувањата на Василиј Џексон“, „Предмет на смеата“, „Време на вашиот живот“ (Пулицерова награда 1939), „Моето срце е во гората“.

1990.- Во Виена западногерманскиот канцелар Хелмут Кол и источногерманскиот премиер Лотар де Мезијер ја потпишале спогодбата за монетарна унија, што претставуваше прв чекор кон обединувањето на Германија.

1995.- Умрел рускиот балетан Александар Борисович Годунов, кој по емиграцијата од Советскиот Сојуз во 1979 година се стекнал со светска слава.

2014. – Починал Добрица Ќосиќ, српски и југословенски писател и политичар, член на Српската академија на науките и уметностите. Во српските интелектуални и политички кругови, тој бил познат како „татко на српската нација. За време на распадот на СФРЈ, во текот на 1989 година, Ќосиќ учествувал активно во создавањето на Српската демократска партија во Хрватска, а една година подоцна и на Српската демократска партија во Босна и Херцеговина. По распадот на СФРЈ, на 15 јуни 1992 година, Ќосиќ бил избран за прв претседател на СР Југославија. Сепак, на таа функција останал само една година, зашто по судирот со Слободан Милошевиќ, тој бил разрешен со тајно гласање на двата собора на Сојузното собрание, поради „кршење на Уставот„. Веднаш потоа, Ќосиќ преминал во опозицијата и, на повикот на Зоран Ѓинѓиќ, зборувал на протестните собири во 1996 и 1997 година. Во мај 2000 година му се приклучил на опозициското движење „Отпор“, иако подоцна изјавил дека немало да го направи тоа, ако знаел дека движењето било финансирано од странство.

2023.- На 58 години почина Реј Стивенсон познат ирски актер од филмовите „Казнувач: Воена зона“, „Кралот Артур“, „Тор“ и „Рим“, како и претстојната цртана ТВ-серија „Ахсока“. Стивенсон почина на снимањето на филмот „Касино во Искија“ во Италија, четири дена пред неговиот 59-ти роденден. Тој го играше и украинскиот мафијаш Исак Сирко во седмата сезона од „Декстер“ на „Шоутајм“, „Блекбирд“ во пиратската серија „Црни едра“ и морнарот Отер во „Викинзи“. Покрај „Ахсока“ и „Касино во Искија“, љубителите постхумно ќе го видат и во „1242: Порта кон запад“. /МИА

Тошковски: Службено лице од МВР фатено со над 10.000 евра од извршено кривично дело Измама

Овластено службено лице вработено во МВР фатено на лице место со над 10 илјади евра од извршено кривично дело Измама, соопшти министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски.

На ден 17.05.2024г. лицето И.М. вработено како Виш аналитичар во СВР Скопје, лишено е од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.

Имено, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија.

Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници, стои во објавата на Тошковски.

притисни ентер