Уште една голема победа на здруженија на Македонците во Бугарија, откако Комитетот на министри на Советот на Европа со конретни рокови донесе одлука со која се бара Софија да покаже видлив напредок во насока на регистрирање на овие организации. Во одлуката во 8 точки донесена за спроведувањето на пресудите на судот во Стразбур за предметите ОМО Илинден и другите против Бугарија, се вели дека станува збор за неоправдано одбивање од страна на судовите во Бугарија да регистрираат здруженија, пракса кој трае и по 15 години од изречената пресуда за оваа група здруженија.
-Советот на Европа ги повикува властите од Софија да ја пренесат пораката, на високо ниво, до засегнатите страни за барањата за извршување на овие пресуди, како што е дефинирано во одлуките на Комитетот на министри, особено дека на овие здруженија треба да не им биде одбиена регистрацијата, се вели во одллуката на Комитетот на министри
За претседател на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, со оваа одлука значително се намалува маневарскиот простор на Бугарија.
-Со оваа одлука се даваат многу конкретни мерки кои треба да се преземат од страна на Бугарија, со рокови, дури и создавање на нови Комитети, кои треба да се грижат да видат применети од пресуди, Се бара од властите да ги информираат судиите дека не можат да ги користат аргументите кои се осудени од судот за човекови права, вели Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден Пирин
Комитетот бара од бугарските власти да обезбедат информации за сите осум заклучоци во одлуката до 1 декември 2021 година. Непочитувањето на ваквиот рок, според Правниот застапник на здруженијата на Македонците во Бугарија, Тони Менкиноски, може скапо да ја чини Софија со отстранување од членството на Советот на Европа.
-Согласно правото на Советот на Европа, се бара од Бугарија да го измени и Уставот и законите до 1 декември. Со тоа, се најавува од страна на Комитетот на министри, доколку не се остварат овие обврски на Бугарија до 22 март 2022 година, тогаш треба да следи финалната одлука каде ќе се побара исфрлање на Бугарија од Совет на Европа, вели за Канал 5 Тони Менкиноски адвокатот и застапник на здруженијата на Македонците во Бугарија
Досега во Стразбур се донесени 14 пресуди против неможноста македонското малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или партија. Лани овие пресуди беа преточени во резолуција на Европскиот Парламент, документ поради кој, екс бугарскиот премиерот Борисов изјави дека е растревожен.