Комитет на Европарламентот прифати петиција за поддршка на Македонија и македонското малцинство

Комитетот за петиции на Европскиот парламент ја разгледа и ја прифати петиција на бугарскиот новинар Михаил Михајлов за поддршка на  Македонија и на македонското малцинство во Бугарија и против кршењето на граѓанските права во земјата.

– Со задоволство ве известувам дека Комитетот за петиции ја разгледа вашата петиција и ја прогласи за прифатлива. Врз основа на тоа, ја замолив Европската комисија да спроведе прелиминарна истрага за ова прашање. Бидете сигурни, дека ќе ве информирам за какво било понатамошно дејствие преземено врз основа на вашата петиција, вклучувајќи ги и резултатите на прелиминарната истрага на Европската комисија, се наведува во одговорот на членката на Комитетот за петиции на Европскиот парламент, Долорес Монтсерат упатена до Михајлов на петицијата што тој ја доставил до парламентарниот Комитет на 12 декември минатата година.

Во реакција на одговорот Михајлов изразува задоволството од прифаќањето на неговата петиција и надеж дека тоа ќе им даде дополнителен поттик на политичките партии во Бугарија „да ги почитуваат човековите права и правото на национално самоопределување, како и да дадат „зелено светло" за членство на Македонија во Европската унија".

– Бојко Борисов повеќе не е премиер и сега новите власти ќе треба да му објаснат на Европскиот парламент зошто Бугарија не го почитува Европскиот суд за човекови права и не го признава македонското малцинство, зошто во Бугарија масовно се кршат човековите права и зошто Бугарија одби да дозволи Македонија да преговара за членство во Европската унија. Верувам дека на овој начин новите власти ќе бидат принудени да направат промени, додава Михајлов во изјавата.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

Израел изведе напади на југот на Сирија

Израелските сили рано утрово ја нападнаа позицијата на сириската армија на југот на Сирија, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

„Израелските напади беа насочени кон радарите на сириската армија меѓу провинциите Суеида и Дера“, рече директорот наОпсерваторијата, Рами Абдел Рахман.

Тој додаде дека нападите биле изведени „во време кога израелски авиони интензивно летаа над регионот Дера“, како и дека сириската воздушна одбрана не се активирала. /МИА

притисни ентер