Киднапиран познат мексикански новинар - Канал 5

Киднапиран познат мексикански новинар

Истакнат новинар во западно Мексико бил киднапиран во понеделникот од вооружени лица и оттогаш се води како исчезнат, објавија странските агенции, повикувајќи се на изјава на Обвинителството.

Киднапиран познат мексикански новинар

Радио и телевизискиот водител Хаиме Барера е исчезнат откако ја напуштил зградата на радио станицата каде што работи во градот Гвадалахара, главниот град на државата Халиско. Тој не пристигнал во телевизија каде што требало да води емисија.

Како што пренесуваат локланите медиуми, случајот го привлече вниманието особено затоа што неговата ќерка Ицул Барера е член на управниот совет на владејачката партија Морена на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Јавниот обвинител на државата Халиско, Луис Хоакин Мендез денеска изјави дека Барера бил киднапиран од тројца или четворица киднапери, од кои најмалку еден бил вооружен, но не кажа дали во моментов се бара откуп за негово ослободување.

„Инспекторите не нашле индикации дека Барера претходно добивал закани“, додаде тој.

Киднапирањето се случило преку ден во прометна населба во Гвадалахара на само неколку метри од зградата на радио станицата. Сторителите го киднапирале Барера пред тој да стигне до својот автомобил.

Мексико е едно од најсмртоносните места во светот за новинарите надвор од воените зони. Комитетот за заштита на новинарите документира убиства на најмалку 55 новинари на мексиканска територија од 2018 година, кога претседателот Лопез Обрадор ја презеде функцијата./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Париз подготвува посебни концерти во чест на Селин Дион со илјадници свеќи

Две години откако Селин Дион ги воодушеви милиони гледачи ширум светот со својот настап на отворањето на Олимписките игри во Париз, нејзините песни повторно ќе одекнат низ Ајфеловата кула. 

Париз подготвува посебни концерти во чест на Селин Дион со илјадници свеќи

Овој пат станува збор за специјална серија концерти во чест на канадската пејачка, кои ќе се одржат под светлината на илјадници свеќи, пишува Paris Secret.

Најголемите хитови во посебна поставка

Концертите ќе се одржат на 11 и 29 декември 2026 година, и на 4 февруари 2027 година, во салата „Густав Ајфел“ на првиот кат од Ајфеловата кула.

Иако Селин Дион нема да настапи лично, публиката ќе може да ужива во инструменталните изведби на нејзините најголеми хитови. Гудачкиот квартет ќе изведе песни како „My Heart Will Go On“, „I'm Alive“, „Pour que tu m'aimes encore“ и „S'il suffisait d'aimer“, како и „L'Hymne à l'amour“ од Едит Пјаф.

YouTube video

Посебна атмосфера ќе создадат илјадници свеќи, додека Париз ќе биде украсен со празнични светла за време на декемвриските концерти.

Потсетник за емотивното враќање на пејачката

Селин Дион настапи на Ајфеловата кула на 26 јули 2024 година, на крајот од церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз. Со изведбата на песната „L'Hymne à l'amour“ таа ги допре гледачите низ целиот свет.

Тоа беше нејзин прв настап откако во декември 2022 година откри дека страда од синдром на вкочанета личност, ретко невролошко нарушување.

Новите концерти ќе се одржат на истиот кат од Ајфеловата кула каде што таа настапуваше тогаш. Тие се организирани како дел од меѓународната концертна програма Candlelight, позната по изведбите на класична и популарна музика на светлина од свеќи.

Колку чинат билетите?

Цените на билетите моментално почнуваат од 54 евра, а може да се купат преку платформата Fever.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познат е идентитетот на младиот човек, кој се запали во центарот на Варшава

Украинецот кој се самозапали вчера пред Претседателската палата во Варшава побара на украинските граѓани во Полска да им се гарантираат истите права како и на полските граѓани.

Познат е идентитетот на младиот човек, кој се запали во центарот на Варшава

Станува збор за 22-годишен украински државјанин, Едвард, студент на Варшавскиот технички универзитет, пишува Украинска правда.

Тој пристигнал пред Претседателската палата со ранец во кој имало запалива течност и неговите документи. Со овој чин, тој сакал да побара украинските граѓани во Полска да имаат ист третман како и Полјаците.

Првите информации велат дека носел транспарент или хартија на која веројатно ги објаснил причините за својот протест, но точната содржина на пораката сè уште не е позната.

Состојба на повредениот

Младиот човек претрпел тешки изгореници на лицето, вратот, рацете и торзото, а облеката му била целосно изгорена. Бил свесен кога пристигнала брзата помош. Бил пренесен во болницата на улицата Сасеров во Варшава, во Воено-медицинскиот институт. Портпаролот на Институтот, Мариуш Ѓереј, утрово потврди за весникот „Факт“ дека младиот човек е жив.

Украинското Министерство за надворешни работи објави дека жртвата најверојатно е украински државјанин и дека полските власти спроведуваат конечна постапка за потврдување на идентитетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Се снима филм за животот на Зинедин Зидан

Снимањето на биографскиот филм за поранешниот француски фудбалер и актуелен селектор на француската репрезентација Зинедин Зидан, под работен наслов „Un Destin“ (Судбина), треба да започне во јануари 2027 година во Марсеј и неговата околина.

Се снима филм за животот на Зинедин Зидан

Филмот ќе го следи животот и кариерата на еден од најпознатите светски фудбалери, од неговото детство во областа Кастелане во Марсеј, освојувајќи ја Златната топка и титулата светски шампион во 1998 година, сè до неговиот успех со Реал Мадрид. Филмот ќе ги опфати и настаните од Светското првенство во 2006 година, вклучувајќи го и неславниот инцидент во финалето кога Зидан со глава го удри италијанскиот играч Марко Матераци.

Аудициите се во тек

Според француските медиуми, аудициите веќе се во тек, продукцијата бара актери за улогите на членовите на семејството со потекло од Кабиле, домородните северноафрикански бербери, млади фудбалери и истакнати личности од светот на францускиот фудбал, меѓу кои Бернар Тапи, Аме Жаке, Биксенте Лизаразу и Кристоф Дугари.

Режисер на филмот се очекува да биде Али Бугераба, 50-годишен режисер со алжирско потекло, кој во младоста тренирал во младинската академија на фудбалскиот клуб Олимпик од Марсеј.

Зидан (54) неодамна започна нова фаза од кариерата како селектор на француската репрезентација, а следните натпревари на неговиот тим се закажани за март, кога на 25 и 28 март во четврт-финалето на Лигата на нации ќе ги одмерат силите со актуелниот светски првак, Шпанците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер