Од Организацијата на работодавачи велат дека апелите се слушнати, финансиската помош за исплата на плати продолжува и во овој пакет. Сепак според нив неизвеснота со кризата е се уште присутна и рано е да се зборува за заживување на економијата.
„Тоа е оптимистичка прогноза и јас се надевам дека ќе бидат доволни па од април веќе ќе функционираме како што треба, но мислам дека премиерот најави дека ако се случи кризата да се продлабочи и да има уште проблеми Владата ќе треба да размислува и за 6ти пакет.“ изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи
Пакетот доби одобрување и од експертската јавност. Сепак, од Фајненс тинк предупредуваат дека во иднина државната помош ќе треба да запре, а најголема помош за придвижување на целокупната економија треба да биде масовната вакцинација.
„Ако одиме од пакет во пакет се намалува износот на пакетот. Се гледа притисокот врз буџетот. Со оглед на тоа што во иднина можеби ќе се ограничени овие мерки, во моментов главна мерка ќе биде вакцинацијата.“ истакна Бојан Србиноски, Фајненс Тинк
Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека 5тиот пакет мерки е за замајување на јавноста и нема да ја подобри економијата.
„Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани, односно најмалку 2 милиони дози од истите. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисокки каматни стапки во иднина.“ изјави Трајко Славевски, ВМРО-ДПМНЕ
Петтиот пакет содржи 29 мерки, а тежи 160 милиони евра. Фокус се туризмот, угостителството, занаетчиството, транспортот, извозните компании, медиумите, тутунарите, производителите на грозје.. Граѓаните пак ќе добијат бришење на каматите на долговите кои ги имаат кон јавните претпријатија...