Кацарска: Првото поглавје од преговорите не се отвара веднаш по одлуката на ЕУ

Директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, Симонида Кацарска, во разговор за МИА се осврнува на изјавите на комесарот Хан за "подготвителната" фаза на преговори, но и на капацитетот на македонската администрација.

Директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, Симонида Кацарска, во разговор за МИА се осврнува на изјавите на комесарот Хан за "подготвителната" фаза на преговори, но и на капацитетот на македонската администрација да се сноси со преговарачкиот процес.

Изјавата на европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, дека Европската Комисија ќе предложи отворање на "подготвителна" фаза на преговорите за Северна Македонија во јуни предизвика бура реакции во јавноста и сомнеж дека всушност ЕУ повторно бара изговори да не ги започне ефективно преговорите со земјава. Но, всушност, ако се суди според новиот преговарачки пристап на ЕУ, тоа што го изјави Хан не е изненадување, бидејќи процесот е побавен отколку што бил пред петнаесетина години кога влегуваа земјите од источниот блок, објаснува Кацарска.

–Идеалното сценарио за јуни е Советот да усвои одлука со која се закажува првата меѓувладина конференција, тоа е почетокот на преговорите, а најдоброто сценарио за нас е Советот на Европската Комисија да и побара преговарачка рамка, објаснува Кацарска.

Со други зборови, во јунските заклучоци (доколку тогаш на агендата на Советот биде ставено проширувањето на дневен ред) најпозитивното сценарио за Македонија би било тие да гласат дека "земјите членки на Комисијата да дадат мандат за преговарачка рамка со изглед за свикување меѓувладина конференција (МВК) во декември 2019". МВК го означува ефективниот почеток на преговорите. До тогаш Македонија мора да помине и преку процесот на билатерален скрининг, кој е различен и покомплексен од сегашниот, подготвителен скрининг, бидејќи тогаш администрацијата ќе треба активно да реферира за сработеното пред ЕК и пред земјите членки.

-МВК не значи отворање на поглавја автоматски, бидејќи дотогаш нема да биде завршен билатералниот скрининг, а според новиот пристап, ЕК прави извештаи за тоа колку одредена земја е спремна да ги започне преговорите во одредено поглавје и за поголем дел поглавја става одредници за отворање на поглавјето, познати како opening benchmarks. После тоа, откако земјата ќе ги исполни тие одредници, ЕК прави извештај на проценка на исполнување на тие одредници, а ова се сѐ временски периоди што треба да се земат предвид, нагласува директорката на ЕПИ.

Што значи дека откако ќе се одобри одлуката за старт на преговори, ЕК ќе објавува дополнителни извештаи за нашата земја, овој пат за отворање на поглавјата. Тие одредници Македонија треба да ги исполни, по што повторно Комисијата ќе треба да ги оцени. Секоја од овие етапи може да трае до шест месеци, некогаш и година дена. Во идеално и забрзано сценарио, Македонија би можела да го отвори првото поглавје во текот на идната година, како што посакува Владата, но не би било невообичаено тоа да се случи во 2021.

Но, без оглед на отворањето на првото поглавје, билатералниот скрининг и извештаите на ЕК за одредниците веќе треба да ја мобилизираат администрацијата и да носат промени, доколку постои политичка волја.

-Требаше да ни биде нешто и подготвителниот скрининг, врз основа на него требаше веќе да постојат проценки за тоа каде се наоѓаме во одредени поглавја, овој процес ќе оди напред, нема да нѐ чекаат, колку порано се подготвиме тоа подобро, вели Кацарска, и го дава примерот со Романија, чија најголема грешка била што не почнала да се спрема уште за време на подготвителниот скрининг.

Колку е подготвена Македонија за преговорите ЕПИ не е во можност да процени бидејќи Владата сѐ уште не ја утврдила до крај институционалната структура за преговори, а документите од подготвителниот скрининг не се јавно достапни, бидејќи се сопственост на Европската Комисија и Владата тврди дека не добила дозвола да ги објави. Надежта сега е дека кога ќе почне билатералниот скрининг, јавноста ќе биде повеќе информирана. Билатералниот скрининг ќе биде и корисен за да се утврди капацитетот на администрацијата да преговара со ЕУ. За успешни преговори, објаснува Кацарска, важно е да се создаде силно "јадро" во институциите наместо систематски експертизата да се бара надвор.

-Ние тоа што го слушаме и од Владата е некогаш прашалник дали има доволно капацитет одвнатре, сме слушнале такви размислувања од многу министри, па дали ќе треба да се потпираме на надворешни искуства, тие дискусии постојат, но мислам дека мора да се најде експертизата внатре во администрацијата за ваков долг и тежок процес. Може да имате експертска помош од надвор, но тежината ја носат луѓето внатре во администрација. Прашањето е дали пронајдено тоа клучно јадро во администрација, вели Кацарска за МИА.

Секретаријатот за европски прашање е граден токму по тој принцип на инвестиција во капацитетот на домашно административно јадро способно да се сноси со предизвиците од ЕУ, меѓу другото преку стипендирање на луѓе кои потоа се враќале да работат во СЕП, принцип кој "не е невозможно да се реплицира", смета директорката на ЕПИ.

Кацарска потсетува дека кога ќе започнат преговорите ќе бидат од посебна важност не само да се вклучи граѓанскиот сектор во процесот, туку пред сѐ Собранието.

-Сѐ уште не се разрешени механизмите за улогата што би ја имала Собранието во преговарачкиот процес. Само за споредба, во мноштво земји преговарачките позиции ги усвојува Собранието или соодветните собраниски комисии.

Кацарска за крај укажува и дека при изборот на преговарачкиот модел ќе биде важно да се пронајде добриот баланс помеѓу ефикасноста и транспарентноста на процесот. Бидејќи брз и ефикасен процес претпоставува помалку транспарентност и вклучување на разните чинители во општеството, додека пак инклузивниот процес можеби е побавен но има поголем легитимитет, објаснува Кацарска. /МИА

Опожарени два контејнера во Серава

 Непознати сторители минатата недела опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава во општина Чаир. 

Контејнерите биле со зафатнина од 1,1 кубен метар и лоцирани на улицата „Серава“, информира ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје.

Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од екипите на ова јавно претпријатие, а потоа биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.

- Апелираме до граѓаните внимателно да ракуваат со контејнерите поставени на јавни површини бидејќи секое нивно оштетување значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на тековните активности предвидени согласно Оперативната програма за работа на претпријатието, изјави в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје Сабахадин Рустеми.

Во текот на 2024 година биле опожарени 24 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територија на Град Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи.

Јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција, објавен во 1925  години во Атина.

- Ова дело е драгоцен документ за македонската лингвистичка наука, а уште повеќе за македонската историографија. Абцедарот е печатен на хрватска латиница на леринско-битолско наречје. Всушност тој е првиот документ пишуван по Речникот на Џанели од шеснесетиот век и Даниловиот четиријазичник од деветнаесеттиот век, пишуван на македонски народен јазик, соопшти „Матица македонска“ од Скопје.

Грчкиот публицист и специјалист за балканските прашања Никос Зарифис излегувањето од печат на Букварот го оценува како вонреден настан во животот на малцинствата во Грција. Во весникот „Елфтерон Вима“ од 19 октомври 1925 година, пишува: „Имаме веќе готов буквар за словеногласните, за што грижливо се погрижија и добросовесно работеа специјалистите Г. Г. Папазахариу Сајакис и Лазару. Тоа е дело кое наспроти тешкотиите за неговото составување, претставува прирачник за употреба...“

Абецедарот бил испратен во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) и соодветните училишта преземале мерки за учење на македонските деца до четврто одделение на македонски јазик. Меѓутоа, грчките влади никогаш искрено не пристапуваа кон решавање на прашањето на Македонците и нивните национални права во Грција.

-Абецедарот е едно силно сведоштво, не само за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција, туку и за фактот, дека Грција била принудена од Друштвото на народите да преземе одредени задолженија за задоволување на правата на македонското малцинство, се наведува во соопштението.

Курти соочен со опаѓање на поддршката во Косово

„Ќе ја продолжиме добрата работа што ја започнавме во изминатите четири години и ќе правиме многу други работи, во согласност со нашите ветувања, од едниот до другиот крај на Косово“, рече Курти по прогласувањето на победата.

РСЕ

На своите поддржувачи им вети ангажман во секое „ќоше“ на Косово, а тие му дадоа доверба. Движењето Самоопределување, предводено од премиерот Албин Курти, победи на парламентарните избори на Косово на 9 февруари со околу 41 отсто од гласовите, според прелиминарните резултати.

„Ќе ја продолжиме добрата работа што ја започнавме во изминатите четири години и ќе правиме многу други работи, во согласност со нашите ветувања, од едниот до другиот крај на Косово“, рече Курти по прогласувањето на победата.

Курти ја водеше владата на Косово четири години, почнувајќи од 2021 година и кратко време во 2020 година. Споредено со изборите пред четири години, поддршката за неговата партија е намалена за околу 10 проценти. И покрај тоа, Курти рече дека Самоопределување ќе ја води владата уште четири години.

Се уште не е јасно со која политичка сила ќе коалицира оваа партија за да обезбеди 61 пратеник во косовското Собрание, ниту пак политиката што ќе ја води.

Кој е Курти?

Курти е лидер кој предизвикува бурни реакции од двете страни на политичкиот спектар. За неговите поддржувачи тој е реформатор и заштитник на интересите на земјата која се соочува со надворешни притисоци. За неговите критичари, тој е ригиден идеолог, чијашто неподготвеност за компромиси не само што ги затегна односите со меѓународните сојузници, туку и го изолира Косово на светската сцена.

Курти стана познат во 1990-тите откако организираше протести против репресијата на поранешниот претседател на Република Србија, Слободан Милошевиќ. Поради неговиот активизам, тој помина две години во српски затвори и беше ослободен дури по меѓународен притисок.

Во 2005 година, заедно со други активисти од Акциска мрежа за Косово тој го основаше Движењето Самоопределување, кое подоцна беше регистрирано како политичка партија. Како нејзин лидер, Курти изгради кариера критикувајќи ги претходните политички елити за корупција и непотизам и спротивставувајќи се на странското влијание.

Некогаш познат по водењето на улични протести, па дури и употребата на солзавец во Парламентот, Курти со текот на времето ја омекна својата реторика. Таа повеќе не се залага за обединување со Албанија, туку се фокусира на понатамошно консолидирање на Косово како независна и суверена држава.

Курти првпат беше избран за премиер во февруари 2020 година. Сепак, таа влада беше најкратката во повоено Косово. Несогласувањата околу управувањето со пандемијата Ковид-19, а особено пристапот кон дијалогот со Србија, ескалираа во политичка борба.

На 25 март, Демократската лига на Косово поднесе барање за недоверба, што доведе до пад на владата на Курти. Помалку од една година подоцна, во февруари 2021 година, беа одржани предвремени парламентарни избори, а Самоопределување освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

Како премиер по вторпат, Курти вети дека приоритети на неговата влада ќе бидат здравството, образованието и правдата.

Што го одбележа претходниот мандат на Курти?

Курти вети управување фокусирано на транспарентност и одговорност, нагласувајќи ја важноста од зачувување на националниот суверенитет. И покрај ова, неговата влада е цитирана во извештаите на американскиот Стејт департмент за владина корупција и од Репортери без граници за ограничување на слободата на медиумите. Од 2021 година, невработеноста се намалува, додека економскиот раст е под четири проценти. Платите и пензиите се зголемени, како и странските директни инвестиции.

Сепак, она што најмногу го обележа вториот мандат на Курти беше неговата решеност да ја прошири власта на Косово на северот на земјата, каде мнозинското население се Срби, кои долго време ги отфрлаа одлуките на официјална Приштина. И покрај противењето и протестите, Курти назначи албански градоначалници во општините со мнозинско српско население, откако локалната заедница ги бојкотираше изборите, ги замени српските регистарски таблички со косовски, го отстрани српскиот динар од оптек и ги затвори повеќето српски институции кои работеа од повоениот период и вработија илјадници луѓе. Овие одлуки, иако се клучни за неговата визија за суверено и обединето Косово, беа скапи за меѓународните сојузи.

Во необичен потег, официјални лица од Европската унија и САД остро ја критикуваа косовската влада, опишувајќи ги нејзините постапки како некоординирани и штетни за српската заедница. - Со ваквите потези Курти го доведе во прашање партнерството со САД, изјави поранешниот помошник државен секретар на САД, Џејмс О'Брајан.

Косово може да напредува само со помош на САД и со решавање на нејзините грижи, изјави поранешниот американски амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Според поранешниот шеф за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, Курти не соработуваше.

Како резултат на тоа, ЕУ воведе неколку казнени мерки против Косово, суспендирајќи ја финансиската помош, која останува во сила, и ограничувајќи ги состаноците на високо ниво со косовските официјални претставници.

Иако Курти ги оправда своите одлуки како легални и во согласност со Уставот на земјата, сојузниците инсистираа на тоа дека сè што се однесува на северот треба да се разговара во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Тој дијалог на високо ниво исто така е прекинат.

Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ не се сретнале од септември 2023 година, иако нормализацијата на нивните односи е клучна за европската интеграција и на Косово и на Србија. Неколку дена по тој состанок, вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во Звечан, при што беше убиен еден полицаец. Во судирот што следеше загинаа и тројца српски напаѓачи.

Курти ја обвини Србија за нападот, но тамошните власти негираат каква било вмешаност.

Тој го услови продолжувањето на дијалогот со екстрадиција на Милан Радоичиќ, поранешен српски политичар од Косово, кој ја призна одговорноста за организирање на нападот во Бањска. Курти и пред тоа одби да одговори на неколку барања на меѓународната заедница за нормализирање на односите со Србија со преземање чекори кон формирање Заедница на општини со мнозинско српско население.

Косово и Србија се договорија за оваа унија во 2013 година, многу пред Курти, а Србија упорно бара нејзино спроведување. Сепак, секоја косовска влада се двоумеше, плашејќи се дека тоа може негативно да влијае на внатрешната функционалност на државата. Слично на тоа, Курти најпрво инсистираше на де факто признавање на Косово од Србија, признавање што не се случи.

На митингот со неговите поддржувачи на 1 февруари, Курти повтори дека „Република Косово, со нашата влада на чело, вели 'не' на Заедницата“, српскиот термин што Самоопределување постојано го користи за Заедницата.

Со овој став, Курти сигнализира продолжување на пркосниот став кој ризикува дополнително да го продлабочи јазот на Косово со неговите западни сојузници.

Но, според Чарлс Купчан, од Советот за надворешни односи на САД, „можеби Курти, по реизборот, ќе биде подготвен да ги ублажи работите“.

„...да се движиме во насока што е помалку етно-националистичка и поконструктивна кога станува збор за односите меѓу Приштина и Белград“, рече Купчан за Радио Слободна Европа.

притисни ентер