Јовевски: Добрите учители ги учат учениците дека се важни и можат да прават промени

 Во 2012 година во Вашингтон освои втора награда на Светскиот форум за иновативни наставници на Мајкрософт со проектот „Бабини игри".

Во 2018 е прогласен за најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија, освои прва награда на „365 челенџ 2017" – Мајкрософт филмскиот фестивал, победник е на Европскиот форум за иновативни наставници „Москва 2011", добитник е на највисокото општинско признание на Крива Паланка „8-октомвриска награда". Признат обучувач и ментор од МОН и Бирото за развој на образованието во професионалниот развој на наставниците и модернизацијата на образованието, лидер и вебинар-предавач со над 3 000 обучени наставници во голем број училишта од државата, автор и коавтор на многу трудови, публикувани од интернационални издавачки куќи.

Добри Јовевски, одделенски наставник во основното општинско училиште „Илинден", Крива Паланка, на свечената академија по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, која се одржа во Крива Паланка, е прогласен за најдобар просветен работник од одделенска настава во учебната 2018/2019 година, а неговата богата професионална биографија беше повод да поразговараме со него, за неговите методи и техники во образовниот процес што го отсликуваат учителот на 21 век.

Посебен предизвик ви е работата со социјално исклучени деца, создавате програма за филантропски активности кај учениците. Каков е учителот Добри Јовевски, велите тајната на успехот е во едноставноста?

Приодот на мојата работа го поддржува детското природно чувство на бесконечни можности и богата фантазија. Учениците ослободени од сите мисли на ограничување, кога ќе ја почувствуваат слободата, доживуваат радост изразена преку спорт, уметност, технологија, наука и секоја нивна креативна работа. На учениците им го пружам она знаење што им е потребно за да ги поттикнам, секој ученик да напредува на свој начин и со индивидуално темпо, за да чувствуваат дека се дел од заедницата во која учат. Кај некои ученици доминира логичко-последично размислување и учење, кај други чувствата, кај трети хуманистичкиот аспект. Ги препознавам нивните начини на учење, ги респектирам, ги следам, бележам и користам за правилно да ги насочам. Така учениците даваат сè од себе, се внесуваат, концентрирани се во работата и на крајот доживуваат успех.

Важен дел за мене е стимулативната средина за учење на учениците, која тие сами ја создаваат, бидејќи имаат можност да избираат ресурси за реализација на активностите. Учениците сами се креатори на еден училиштен ден.

Тајната на моето успешно поучување е во едноставноста. Јас како наставник им дозволувам, ги поттикнувам и ги насочувам дека имаат право на избор во сè што работат и во секоја активност во која учествуваат. Во целиот овој процес учениците истражуваат. Тоа е процес што ги почитува правилата на животот, затоа и создава живот. За нив училиштето е живот што тие сакаат да го живеат. Создаваат сопствена среќа, слобода, љубов, го избегнуваат магичниот круг на рутина насочувајќи се на промени и се одлепуваат од застарените правила. Така се подготвени да создадат своја реалност за своето добро, доброто на заедницата и целиот свет. Ги поттикнувам да размислуваат на големо поради себе и својата иднина за да бидат концентрирани на својот успех.

Каков треба да биде одделенскиот наставник, првиот учител кој го среќаваат децата?

Учителот е тој што ја трасира патеката на животот, го препознава и го буди талентот кај учениците, ги буди љубопитноста, желбата, одговорноста. Добрите учители ќе те научат дека си важен, дека работите зависат од тебе и дека можеш да правиш промени. На тој начин создаваме желба кај учениците за откривање нови знаења. Исто така, со создавање пријатна работна атмосфера во училницата, секој ученик активно се вклучува во сите активности, согласно неговиот капацитет за учење. Сметам дека една од најважните задачи на образованието е да укаже на емоциите и затоа учителот треба да им пружи на учениците искуства што долго ќе ги паметат. Од активностите учениците треба да се воодушевени, возбудени, разиграни, фокусирани и да сакаат уште активности. Такаучителот поттикнува и инспирира желба за учење, допира до срцата на учениците и тогаш тие се наоѓаат во фаза на раст и напредок. Тоа за мене е значаен стил за поучување. Тоа се пристапи при кои децата се мотивираат да се натпреваруваат, не едно со друго, туку самиот ученик со себе. Кога на учениците ќе им се дозволи да излезат од рамките на очекуваното, со помош на нивната фантазија, се внесуваат во интересни предизвици.

Што за вас е успех во учењето и целокупниот живот на секој човек?

Успех во животот за мене е да се направи идеална рамнотежа помеѓу професионалниот и личниот развој, да се негуваат семејните вредности, а во исто време професионално да се реализираш и да напредуваш. Доколку човекот успее да постигне таква идеална рамнотежа, тоа е тајната на успешниот живот. Професионалното усовршување за мене е исклучително важно бидејќи инспирира на храбри одлуки и излегување од стандардните рамки. Така ги постигнав моите најголеми успеси и така го замислувам успехот на учениците, во текот на школувањето и подоцна во животот, решително да излезат од рамките и да ги решаваат предизвиците во учењето верувајќи во себе.

Каков е одност помеѓу субјектите во училиштето, ученици, родители?

Учителот како центар на воспитно-образовната работа има многу комплексни задачи на кои се очекува да одговори во една динамична и стресна училишна средина. Останатите субјекти, учениците, родителите, училишното раководство, Министерството за образование, просветниот инспекторат и советниците за образование, од кои се очекува да бидат во функција на учителот и образовниот процес, дополнително придонесуваат во зголемување на обемот на задачите на учителот. Јас како просветен работник, како и останатите мои колеги, ги чувствуваме притисоците во смисла на отежнување на нашата работа. Сметам дека платата на наставникот не е соодветна во однос на задолженијата и обемот на работа. За да има издржани реформи во образованието, мора да има мотивирани наставници, како материјално така и со кариерно унапредување.

Учителот, училиштето се клучни за развој на единката, а понатаму на заедницата. Каков е вашиот став за образовниот систем во државата?

Училиштето е комплексна средина каде што се вклучени многу фактори за успех. Ние, наставниците, ги забележуваме аномалиите во нашиот образовен систем, но прашање е дали пристапуваме кон наоѓање соодветни решенија за нивно менување и што е тоа што треба да се менува. Образованието е дел од целокупниот општествен живот. Клучната работа во иднина не е во тоа колку знаење ќе поседува една личност, бидејќи никој не знае сè, но многу е важно што со тоа знаење може да направи и каде може да го примени, бидејќи општеството и фирмите тоа ги интересира. Треба да ги менуваме образовните политики. Каде односот помеѓу сите субјекти во училиштето ќе биде во функција на квалитен воспитно-образовен систем. Современото општество треба да има јасна визија каде треба да биде едно училиште за 10, односно 20 години, како треба да изгледа учителот, како треба да изгледа еден воспитно-образовен процес и кои се критериумите на човечки и инфраструктурни ресурси што треба да ги имаме на располагање.

Кои се основните начела според кои се водите во животот, работата што им ги пренесувате и всадувате на учениците и вашите наследници?

Чесност, одговорност и искреност. Базата на основни доблести со кои заедно со манирите стекнати во семејството секој човек може гордо и исправено да чекори низ животот и да се развива како личност./МИА

Вучиќ утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на резолуцијата за Сребреница

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека утре ќе отпатува за Њујорк, каде со делегацијата ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, која наредната недела е на дневен ред на Генералното собрание на ОН, а амандманите кои Црна Гора ги поднесе на резолуцијата ги нарече „валкана игра“.

„Утре одиме во Њујорк, четири до пет дена ќе поминеме во Њујорк, ќе имам голем број средби, а во четврток сите заедно ќе се бориме“, истакна денеска Вучиќ во телевизиско интервју.

Тој рече дека со него во делегацијата треба да одат само оние кои се „подготвени за борба на секој можен начин“.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој ќе расправа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана“.

Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора.

Осврнувајќи се на амандманите што Црна Гора ги достави на резолуцијата за Сребреница, а кои главно беа прифатени, Вучиќ тоа го нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, рече Вучиќ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого за тоа преговарата Црна Гора. /МИА

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж утре ќе дознае дали е изгубена неговата 13-годишна правна битка против екстрадицијата од Велика Британија во САД, каде што е обвинет за шпионажа.

Двајца судии на Високиот суд во Лондон утре ќе одлучат дали британскиот суд ги прифаќа гаранциите од Вашингтон дека Асанж (52) нема да се соочи со смртна казна за време на судењето за шпионажа во САД и ќе може да се повика на правото на слобода на говорот од првиот амандман.

Адвокатскиот тим на Асанж вели дека опциите се отворени - тој би можел да се најде во авион за Америка во рок од 24 часа, би можел да биде ослободен или неговиот случај да оди во нова, повеќемесечна правна процедура.

„Имам чувство дека се може да се случи во оваа фаза. Може да биде екстрадиран или да биде ослободен“, изјави сопругата на Асанж, Стела минатата недела.

Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за американските војни во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски телеграми, поради што американското обвинителство го товари Асанж за кршење на Законот за шпионажа. /МИА

Маск пристигна на Бали поради планираната достапност на интернет услугата Старлинк

Маск беше пречекан од индонезискиот министер за инвестиции Лухут Бинсар Панџаитан.

Американскиот милијардер Илон Маск денеска пристигна на индонезискиот остров Бали поради планираната достапност на интернет услугата Старлинк на Спејс Икс за индонезиската Влада, која се надева дека со тоа ќе го зголеми продорот на интернет и здравствените услуги во оддалечените делови на огромниот архипелаг.

Маск беше пречекан од индонезискиот министер за инвестиции Лухут Бинсар Панџаитан и најави дека ќе разговараат за соработка, вклучително и достапност на Старлинк.

Панџаитан истакна дека еднаквиот пристап до Интернет низ Индонезија, островска држава во Југоисточна Азија со повеќе од 270 милиони луѓе кои живеат во три временски зони, ќе им овозможи на луѓето во оддалечените области да уживаат во истата удобност на Интернет со голема брзина, како и оние во урбаните области.

„Старлинк доби лиценца за работа во Индонезија како давател на интернет сервис провајдер“, потврди Панџаитан.

Маск попладне ќе присуствува на промоцијата на Старлинк со индонезискиот претседател Џоко Видодо. Индонезија е третата земја во Југоисточна Азија каде што ќе функционира Старлинк, по Филипините и Малезија./МИА

притисни ентер