Јакин сигурен пред Италија: Ова е ново поглавје во нашето ривалство

Фудбалерите на швајцарската репрезентација уште еднаш докажаа дека можат да бидат повеќе од конкурентна репрезентација на големите натпреварувања.

Откако освоија бод од Германија и излегоа од групата А на второто место, сега се соочуваат со најголемиот предизвик досега - Италија во осминафиналето.

Во пресрет на споменатиот натпревар, селекторот на швајцарската репрезентација Мурат Јакин најави дека и покрај сите пофалби за неговиот тим, „азурите“ и понатаму се фаворити.

-Докажавме дека добро се подготвуваме за натпреварите против големите нации. Не сакам да кажам кој е фаворит, но добро ја познаваме Италија, нивната тактика, нивниот квалитет, изјави Јакин.

Селекторот со турско потекло истакна дека неговиот тим веќе покажал дека може да биде подобар од тимот на Апенинскиот Полуостров.

-Во квалификациите за Светското првенство бевме подобри од Италија и ги испративме во баражот. Ова е ново поглавје во нашето ривалство со Италија, изјави Јакин.

Јан Зомер, голманот на швајцарската репрезентација изјави дека познава многу италијански играчи и додаде дека Италија е фаворит.

-Подготвени сме да се прилагодиме на нивната тактика. Тие се бранат како тим. Но, сакам да се фокусирам на нашата игра и како да ги изненадиме. Нашиот успех го должиме на нашиот квалитет во контранападот, рече Зомер.

Натпреварот меѓу Италија и Швајцарија се игра во Берлин од 18 часот. /МИА

Поранешни вработени го тужат Канје Вест- неговата сопруга им испраќала порно содржини

Вработените во компанијата Yeezy, сопственост на Канје Вест, го тужат раперот и неговиот поранешен соработник Мило Јанопулос.

Според судските документи до кои дојде ТМЗ, Бјанка наводно им испраќала „хардкор“ сексуална содржина на вработените откако Канје го објавил започнувањето на неговиот бизнис со филмови за возрасни Yeezy Porn.

Во тужбата се наведува дека видеата со несоодветна и експлицитна содржина биле ставени на располагање на малолетниот персонал кој работи на апликацијата на раперот. Сепак, Бјанка не била именувана како обвинета.

Раперот и неговиот поранешен шеф на кабинет, Мило Јанопулос, се именувани како обвинети за наводно неплаќање на вработените за долгите часови поминати во изградбата на апликацијата. Во тужбата се наведува дека Вест и Јанопулос ги принудувале вработените да работат и со нив се однесувале на „суров, нечовечки и понижувачки начин“.

Вработените, наводно, биле изложени на расистички коментари и биле нарекувани „новите робови“ додека ја развивале порнографската апликација. Вест и Јанопулос, наводно, ангажирале група црни странски програмери, вклучително и неколку помлади од 14 години, за да помогнат во изградбата на апликациите. Тие работеле на интернет, но често комуницираа со тимот на раперот преку видео повик.

Работниците тврдат дека Јанопулос требало да им плати 120.000 долари кога ќе биде завршено барањето и дека им било наредено да потпишат договор за необјавување или да бидат отпуштени и да не им се исплати. Малолетните програмери, наводно, биле принудени да потпишат договори за волонтери.

Тие исто така тврдат дека шефовите честопати користеле погрдни термини за нивната возраст, пол, раса и сексуална ориентација кога разговарале со нив. Покрај неисплатените плати и прекувремената работа, вработените бараат и отштета за претрпената душевна болка. Вест и Јанопулос допрва треба да ја коментираат тужбата.

Седум жртви во страшното невреме во Италија, Франција и Швајцарија (ВИДЕО)

Според последните податоци, најмалку седум лица загинаа во моќното невреме што ги погоди Франција, Швајцарија и Италија.

Како што објави Dailymail, во Швајцарија три лица загинаа во лизгање на земјиште предизвикано од обилни врнежи во кантонот Тичино, недалеку од границата со Италија.

Маж бил пронајден мртов во хотел во кантонот Вале, во југозападна Швајцарија. Полицијата соопшти дека тој загинал како последица на поројна поплава.

Во соседна Франција три лица во осмата и деветтата деценија од животот загинале кога дрво паднало врз автомобилот во кој се наоѓале поради невремето. Четвртиот патник во автомобилот е во критична состојба и лекарите се борат за неговиот живот.

Во меѓувреме, реката Ноашета, недалеку од Торино на северот на Италија, се излеа од коритото по обилните дождови, што метеоролозите го споредуваат со „водена бомба“. Мостовите и главниот пат во регионот се затворени. Реката Стура се излеа во долината Ланцо во северозападна Италија.

Во Швајцарија службите за итни случаи објавија дека неколку стотици луѓе се евакуирани поради лизгање на земјиштето и поплавите во кантонот Вале. Швајцарскиот министер за надворешни работи Игнасио Касис, кој е од Тичино, рече дека тоа е „голема катастрофа“.

Ова се најлошите поплави во Швајцарија од 2000 година, кога 13 лица загинаа во лизгање на земјиштето што го уништи селото Гондо.

Повторно одложено рочиштето за случајот „Тотал ТВ“

Рочиштето за случајот „Тотал ТВ“ повторно се одложи, овој пат поради барање на обвинетиот Никола Тасев и неговиот бранител за сослушување на двајца нови сведоци.

Обвинителката Лидија Раичевиќ и адвокатот на оштетениот Тони Илијовски се едногласни дека судењето се одложило повеќе од очекуваното и дека досега имало можност овие сведоци да бидат сослушани.

Кирил Мирчевски-адвокатот на оштетениот, е оптимист дека на наредното рочиште закажано за 6 септември ќе биде донесена пресуда.

Инаку, сопственикот на Тотал ТВ Никола Тасев е обвинет дека во периодот од 2015 до 2017 година спротивно на законот за трговските друштва и без да свика собир на содружници склучувал договори со што нанел штета, според проценките на вешто лице, од 800.000 евра на содружникот Тони Илијовски.

притисни ентер