Јакимовски: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат ноевска политика - Зошто не одговорите на уцените?

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски денеска се обрати од Струмица.

- Секојдневно сме буквално бомбардирани од нови и нови уцени и закани од страна на господинот Османи и од страна на господинот Таравари и заедно и едниот и другиот велат дека тие нема да влезат во Влада со оној што нема да го смени Уставот и нема да прават Влада со оној што нема да поддржи измена на Уставот во којшто претседателот ќе се бира во Парламентот.

Јас не можам да се изначудам зошто нема никаква реакција од кандидатот Доналд Реган, ниту пак од господинот Стево Пендаровски. Ај што тие не реагираат на овие уцени, но уште повеќе не можам да се изначудам како може да нема реакција ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од Мицкоски, ниту од Ковачевски, ниту од СДСМ. Практично се гледа дека водат ноевска политика, односно, главата е ставена во песок и на овие закани и на овие уцени никако не одговараат.

Јас јавно ги прашувам: Ќе се одважите ли некогаш на овие уцени да одговорите со ваш одговор, а тоа е одговорот дека ако има уцени за состав на Влада, ние ќе направиме широка коалиција меѓу ВМРО, СДСМ и сите останати што сакаат да влезат во Влада, па кој сака бујрум, кој не сака нека еди надвор?

Ова го очекува македонскиот народ. До кога мислат да го понижуваат токму партиите кои се претставници на македонскиот народ? Буквално го умревме овој народ од разочарувања и буквално главната причина зошто ни се иселуваат младите луѓе од Република Македонија е токму разочараноста од политичките и духовните водачи на нас Македонците во Република Македонија.

Еве јавно кажувам, зошто не излезете да одговорите на овие закани? Зошто господинот Мицкоски цело време се прави дека тој кога ќе дојде на власт, тој ќе го скротел ДУИ. На ваков ли начин ќе го скротите? Што на сите овие закани вие сте ја ставиле главата како ној во песок и цело време ќутите и ништо не одговарате. Во крајна линија, зошто не излезеш да одговориш дека со уцени и со закани не си подготвен да соработуваш, па макар и да не формираш Влада и да го видам тој што ќе формира Влада потоа како ќе му се дигне целиот македонски народ затоа што прифаќа уцени и затоа што со секои нови избори, со секои промени на Уставот, нас Македонците не поткусуруваат како монета и практично ништо не останува ниту од нашиот идентитет, ниту од нашиот јазик, ниту од нашата гордост. Јас морам да прашам, тие велат дека Македонија да била повторно горда.

Кога била Македонија горда? Може да одговорат од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на Груевски, или пак во времето на Љупчо Георгиевски, или пак во времето на Бранко Црвенковски?

Јас знам дека тие одговорот го немаат и тоа им е саом обична парола, а јас јасно ќе им кажам: Најгорди бевме з време на Титова Југославија, тогаш бевме многу поголеми Македонци и се чувствувавме горди. Вашиот начин на практицирање на политиката не доведе да бидеме најпонижен народ во Европа и со свиткана кичма, со прекршена кичма, да одиме кон Европа.

И јас сакам јасно да ви покажам дека има граѓани во Република Македонија кои не се согласуваат со овие ваши политики и се подготвени да се спротивстават на сите уцени и закани кои доаѓаат од било кој дел и од било кој политички субјект, без разликадали се работи од внатре од Република Македонија, или пак тоа доаѓа од надвор, истакна Јакимовски.

Центар за комуникации на ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“

Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права на првомајските демонстрации

Работниците и активистите на улиците на азиските и европските градови денеска бараат подобри работнички права и зголемување на платите, кои станаа недоволни поради растот на цените и политиките на владејачките структури.

Стотици луѓе учествуваа на собирот под мотото „За целосно вработување: да се намали работното време и да се подобрат платите“ по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот 2024 година во Барселона.

Иако Први мај во многу земји во светот ги слави работничките права и им дава можност на граѓаните да искажат општи економски поплаки или политички барања, полицијата во Истанбул приведе десетици луѓе кои се обидоа да ги искажат своите ставови на улиците, на познатиот плоштад Таксим, пренесе Бета.

Полицијата уапси демонстранти кои се обидоа да стигнат до централниот плоштад во Истанбул, иако владата го забрани прославувањето на Денот на трудот на таа локација. Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган со години забранува одржување на митинзи и демонстрации на таа локација, наведувајќи ги безбедносните причини како причина за таквата одлука. И покрај тоа, дел од политичките партии и синдикатите ги повикаа граѓаните да излезат на протестен марш до плоштадот во центарот, кој има симболична вредност за синдикатите и работниците. Сепак, полицијата подигна барикади и ги затвори сите патишта што водат до централниот плоштад во Истанбул.

Јавниот превоз во областа беше намален, а само мала група претставници на синдикатот добија дозвола да влезат на плоштадот и да положат венец на споменикот подигнат во спомен на жртвите од инцидентот во 1977 година во кој напаѓачите предизвикаа стампедо во кое загинаа 34 лица.

Интервентната полиција уапси триесетина членови на левичарската Народноослободителна партија кои се обидоа да ги пробијат барикадите околу плоштадот.

Во Атина, неколку илјади демонстранти учествуваа на првомајскиот марш кој го запре јавниот транспорт и националните железнички услуги низ Грција. Штрајковите ширум земјата беа предводени од најголемиот синдикат во земјата, кој побара враќање на колективното преговарање, откако беа одземени правата на работниците за време на тешката финансиска криза во Грција 2010-2018 година.

Во Париз, демонстрантите се собраа на Плоштадот на Републиката за да учествуваат на маршот предводен од главните синдикати во Франција, барајќи подобри плати и услови за работа. Се очекува пропалестински групи и антиолимписките активисти да се приклучат на маршот низ француската престолнина, која ќе биде домаќин на Летните олимписки игри за помалку од три месеци.

Во Индонезија работниците излегоа на улица за да го изразат своето незадоволство од новиот закон, за кој тврдат дека ги крши нивните права и им штети на нивната благосостојба и побараа заштита на работниците мигранти во странство, како и зголемување на минималната плата.

Се очекува околу 50.000 работници од Џакарта, Богор, Депок, Тангеранг и Бекаси да се приклучат на првомајските маршеви во главниот град, рече Саид Икбал, претседател на Конфедерацијата на индонезиските синдикати.

Парламентот на Индонезија минатата година ја ратификуваше владината регулатива со која се заменува контроверзниот закон за отворање работни места, но критичарите велат дека тој сепак е во корист на бизнисите.

Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, илјадници демонстранти скандираа, вееја знамиња и извикуваа про-работнички слогани на почетокот на денешниот собир.

Организаторите рекоа дека нивниот собир првенствено имал за цел да ги засили критиките на, како што ги нарекоа, антиработничките политики предводени од конзервативната влада предводена од претседателот Јун Сук-Јул.

Во Јапонија, повеќе од 10.000 луѓе се собраа во паркот Јојоги во центарот на Токио на првомајски протест, барајќи зголемување на платите за кое рекоа дека треба да биде доволно за да ги „покрие“ растечките цени.

За време на митингот, Масако Обата, лидер на левичарската Национална конфедерација на синдикати, рече дека намалувањето на платите довело многу работници во Јапонија во тешка состојба и го зголемила јазот во приходите.

Во Србија вообичаено на 1 мај се оди на излет, потсетува Бета. Се организираат собири на локални излетнички места со релативно богата трпеза и многу пијалаци, главно без работнички обележја и без да се потенцираат какви било барања.

Обединетите гранкови синдикати „Независност“ денеска во 12 часот го прославија Денот на трудот со митинг на платото Димитрије Туцовиќ, недалеку од плоштадот Славија во Белград, под слоганот „За демократски и работнички рестарт“.

Претседателката на УГС „Независност“ Чеданка Андриќ изјави дека се собрале во чест на загинатите на работни места.

Синдикатот на работниците на Босна и Херцеговина и Синдикатот на металците на ФБиХ организираа првомајска протестна прошетка во Сараево. Собирот почна пред зградата на Парламентарното собрание на БиХ, а потоа продолжија со пешачење, едните кон седиштето на Делегацијата на ЕУ, другите кон Владата на ФБиХ. /МИА

Во Кенија евакуирани туристи поради поплави, 170 загинати од март

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела.

Стотици туристи денеска се евакуирани од десетици хотели, апартмани и кампови откако пукнаа брани во националниот резерват Масаи Мара поради поплавите во кои загинаа повеќе од 170 луѓе низ Кенија од почетокот на сезоната на дождови во средината на март.

Црвениот крст на Кенија соопшти дека спасил 61 лице од резерватот, кој е популарна туристичка дестинација за годишната миграција на диви пчели од Серенгети во Танзанија.

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела, откако во понеделникот пукна брана во градот Маи Махи во округот Накуру, при што загинаа 48 луѓе, а над 80 се водат како исчезнати./МИА

Почнува уписот на првачиња за учебната 2024/2025 година

 Во основните училишта во државава во мај ќе се спроведува запишување ученици во прво одделение. Родителот односно старателот е должен во основно училиште да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.

По исклучок детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот, односно старателот, и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.

Родителот односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. На барање на родителот и доколку има соглсност од училиштето, како и слободни места, детето може да се запише и во училиште што не е во неговиот реон на живеење.

притисни ентер