Изминатото деноноќие 15 сообраќајки во Скопје, возач на мотоцикл тешко повреден

 Возач на мотоцикл  бил тешко повреден во една од вкупно 15 сообраќајни незгоди случени во текот на вчерашниот ден

. Во шест сообраќајки со полесни повредни се здобиле седум лица, а во осум била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека вчера сообраќајната полиција санкционирала осум возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај исклучила шест возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 20 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и четворица почетници, како и 24 нерегистрирани возила.

Санкционирани биле и четворица возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, двајца возачи за неправилно престигнување, еден возач за не носење сигурносен појас, како и 28 возачи кои користеле мобилен телефон за време на управување на моторно возило.

Затекнати биле 97 возило непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило „пајак", отстранети биле 66 возила.

Антикорупциска ќе ја истражува владината помош за здруженија и фондации

Антикорупциска отвори предмет за владината парична помош на здруженијата и фондациите како дел од мерките за справување со кризата од корона вирусот.

Приговорот е поднесен од опозициската ВМРО ДПМНЕ а во него наведува дека е прекршен Изборниот Законик со исплата на пари во време на изборна кампања. Антикорупциска утврдила дека и за кратко време Комисијата во рамки на Генералниот секретаријат ги разгледала апликациите, но и дека не определила конкретни рокови за исплата на паричната помош.

Од владиниот генерален секретаријат пред антикорупционерите тврдеа дека иако во кратко време сите 549 апликации биле детално разгледани, а исплатата во време на изборна кампања ја правдаат со претходно донесена одлука на Влада.

Сепак забелешката на Антикорупциска е дека исплатата на паричните средства можела да се оствари и по завршување на изборите.

На сметка на здруженијата и фондациите кои ги исполниле условите за да добијат помош легнале околу 30 милиони денари.

Владата изработи насоки за влез и транзит низ земјава за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ

За професионалните превозници (возачи), не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест.

Владата на предлог на Министерството за внатрешни работи во соработка со министерствата за здравство и за надворешни работи изработи насоки за начинот на транзит и на регулиран привремен или постојан престој во земјава за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и на дипломати, членовите на нивните семејства и на граѓани со двојно државјанство од овие држави.

Како што информираат од владината прес-служба, за транзит низ земјава граѓаните на четирите држави при влез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле" во Охрид, не е потребно да приложат медицинска потврда од направен ПЦР тест, туку е потребно само да потпишат изјава и во рок од три часа мора да ја напуштат територијата на државата.

При влез на копнен граничен премин, со цел излез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле" во Охрид, потребно е задолжително да прикажат авионски билет (електронски билет) и да потпишат изјава за транзит и во рок од три часа мора да ја напуштат територијата на државата.

За професионалните превозници (возачи), не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, само има обврска за задолжително почитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз. За организиран автобуски превоз или меѓународни транзитни редовни линии, дозволен е влез за транзит, при што не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, а територијата на државата мора да се напушти во рок од пет часа, со потпишување изјава за транзит.

Државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои имаат регулиран привремен или постојан престој во земјава, при секој влез во државата задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата. Странските дипломати од четирите земји што се акредитирани во Република Северна Македонија, како и членови на нивните семејства, при влез во државата не е потребно да приложуваат медицинска потврда од направен ПЦР тест.

Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ кои имаат претходно закажани здравствени прегледи и лекување во здравствена установа во земјава, може да остварат влез во државата со задолжително приложување на медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата, како и медицинска потврда за закажан лекарски преглед.

Државјаните од четирите земји кои имаат двојно државјанство, доколку имаат живеалиште во Република Северна Македонија (согласно евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи, или пак се носители на МКД лична карта), при влез во државата нема потреба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест. Но, доколку имаат живеалиште во некоја од четирите држави во која го имаат второто државјанство при влез во земјава потребно е задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.

Носители на патни исправи издадени од Република Северна Македонија кои имаат адреса на живеење во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, при влез во земјава задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.

Министерството за внатрешни работи, пак, по прибавување на пополнетите изјави од државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ заедно со медицинските потврди од ПЦР тестовите треба да ги доставува на проверка и потврдување до определени лица од Министерството за здравство, а Министерството за здравство да ги доставува до регионалните Центри за јавно здравје, согласно адресите.

Овие насоки,како што велат од Владата, Министерството за надворешни работи ќе ги достави до сите дипломатско конзуларни претставништва во насока на соодветно информирање на јавноста.

Новите еколошки автобуси пуштени во сообраќај

Јавниот превоз во Скопје збогатен со нови екоавтобуси на гас, 25 од нив од денеска  сообраќаат  низ скопските улици. 

Доколку ги користите линиите 2, 5, 15 и 57 ќе влезете во модернизиран нископоден автобус направен според најновите еколошки стандарди кои не го загадуваат воздухот. Нашата екипа денеска се возеше во еден од нив.

Ова е еден од новите екоавтобуси, популарно наречен „хармоника“.Во новите нископодни автобуси може да се превезуваат двојно повеќе патници. Автобусите се со повеќе врати за влез и излез за да не се создава гужва меѓу патниците и да се одржува дистанца. Еден ваков екоавтобус годишно заштедува до 25.000 евра гориво

А какви се впечатоците да се вози ваков тип на автобус ни раскажа возачот на автобусот на „5“ка. По речиси 30-годишно искуство како возач вели разлика има, но најважно му е што чувствува безбедност додека вози, и за него и за патниците, без да загадува.

Дел од патниците кои ги затекнавме се задоволни од новите автобуси. Велат дека редно време било да се обнови јавниот превоз и очекуваат повеќе граѓани да ги користат новите автобуси,за да не се создава метеж низ скопските улици.

Екоавтобусите кои се производство на германската компанија „МАН“ се опремени и со модерна технологија и УСБ приклучоци за уреди. На вратите има посебни сензори за олеснување на влезот и излезот на патниците и лицата со инавидитет.

Доколку батеријата на мобилниот телефон ви е празна, не мора да чекате да отидете дома за да ја наполните.Телефонот може да го поврзете на некој од УСБ приклучоците што ги има во еко автобусите и да си ја полните батеријата.

Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа. Еден зглобен автобус т.н. „хармоника“ чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.

притисни ентер