Иванов: Законите за употреба на јазиците и за ратификација на спогодбата од Преспа се противуставно објавени

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни.

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни, вели во писмената изјава до медиумите претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска, вели Иванов.

Со доставувањето на овие два закона во Службен весник, како што посочува Иванов, е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.

Според него ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

-Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носатнесогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави, подвлекува во писмената изјава претседателот Иванов. /МИА

Откриен е првиот официјален портрет на кралот Чарлс III по крунисувањето (ВИДЕО)

Првиот официјален портрет на кралот Чарлс III по неговото крунисување денеска е откриен во Бакингемската палата.

Кралот на портретот се гледа во црвена униформа на велшката гарда, која е претопена во црвената позадина, со што лицето на кралот добива уште поголем израз, објави Би-Би-Си.

Тој е прикажан со меч во раката и пеперутка која слетува на неговото рамо.

„На почетокот, кралот беше малку изненаден од светлата боја, но инаку изгледаше како да се насмевнува со одобрение“, вели авторот на портретот Џонатан Јео.

Колку е светла бојата покажува реакцијата на кралот Чарлс по нејзиното откривање. Портретот го пофали и кралицата Камила, која му кажа дека добро ја пренел сликата на кралот кој го презеде тронот во мај 2023 година, по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета.

Наводно, кралицата Камила кога ја видела сликата му рекла на авторот: „Да, тоа е тој, ти го погоди“.

Откривањето на сликата сепак поминало со голема нервоза.

„Ако ова се сметаше за предавство, би можел буквално да платам со мојата глава, што би било соодветен начин за умирање на сликарот на портрети - да му ја отстранат главата“, се пошегува Јео.

Како што вели, сакал сликата да биде препознатлива и „раскин со минатото“.

Постојат традиционални мотиви на кралски портрети, како воена облека и мечеви, но и модерни елементи, како светли бои и пеперутки.

„Во историјата на уметноста, пеперутката симболизира метаморфоза и преродба“, објаснува Јео, кој досега сликал портрети на поранешниот британски премиер Тони Блер, познатиот натуралист Дејвид Атенборо и Малала Јусафзаи, борец за правата на жените.

Пеперутката, додава тој, е и референца за интересот на кралот за заштита на животната средина. Работата на портретот започнала во јуни 2021 година, додека кралот Чарлс сè уште бил принц од Велс.

Тој му позирал четири пати по околу еден час, последен пат во ноември 2023 година, пред да му биде дијагностициран рак.

Јео не сака да открие што разговарале на средбата, но вели дека кралот Чарлс има „одлична смисла за хумор“ и дека бил заинтересиран за процесот на создавање на сликата.

Кралските портрети во минатото играле важна улога во претставувањето на нечија моќ и биле дел од алатките што се користеле за да се обезбеди опстанок на монархот, наведува Би-би-си.

Македонците внесуваат 2,4 пати повеќе сол од препорачаното

 Во Македонија се внесува 2,4 пати повеќе сол од максималниот препорачан дневен внес. 

Препорачано е да не се внесува повеќе од пет грама сол на ден, а кај нас просечен дневен внес на сол е 12,1 грама, информираат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Недела за подигнување на свесноста за солта.

- Овогодинешната тема на Неделата за подигнување на свесноста за солта е „Време е да се сврти вниманието на солта“, истакнувајќи го прашањето за „скриената“ сол - натриум, во многу преработени и ултра-преработени производи, појаснуваат од ИЈЗ.

Во многу земји, како што додаваат, три четвртини од натриумот во исхраната доаѓа од ултра-преработена и преработена храна, како што се леб, сосови и преливи, крекери и колачиња, готови оброци, преработки од месо и сирења.

- Институтот за јавно здравје, како „чувар на вашето здравје“, ви препорачува да го ограничите внесот на солта на пет или помалку од пет грама дневно, апелираат од ИЈЗ.

Педесет и еден отсто од препорачаниот дневен внес на сол се внесува преку лебот.

Од ИЈЗ препорачуваат добро да се гледаат етикетите на производи пред да се купат, за да се одберат оние со помалку сол, да се отстрани соларникот од трпеза, да се користат природни билки и зачини како замена со цел да се подобри вкусот на храната, да се пие доволно вода, како и да се избегнува преработена храна. /МИА

Трамп го прифати повикот на Бајден за телевизиска дебата

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја прифати поканата на американскиот претседател Џо Бајден за телевизиска дебата, истакнувајќи дека се потребни повеќе од две дебати.

Трамп на својата социјална мрежа напиша дека е подготвен да дебатира со Бајден, истакнувајќи дека ќе биде неопходно да се одржат повеќе од двете предложени дебати, пренесува ABC News.

Бајден претходно денеска го покани Трамп да одржи две претседателски телевизиски дебати во јуни и септември, а подоцна на платформата Х напиша дека ја прифатил поканата на Си-Ен-Ен за дебата со Трамп на 27 јуни.

Малку подоцна тимот на Трамп соопшти дека и тој ја прифатил поканата на таа телевизија, пренесува CNN.

Тимот на Бајден посочи дека одлуката на Бајден да не учествува во традиционалните дебати организирани од Демократската и Републиканската партија се должи на фактот што тие се дизајнирани „како забавен спектакл, а не како сериозна размена на идеи што го одразуваат огромниот влог во избори“.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.

притисни ентер