Итно предупредување до странците, откако над 30 луѓе во Истанбул починаа од ракија со метанол

Холандското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да избегнуваат пиење алкохолни пијалоци во Турција.

Холандското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да избегнуваат пиење алкохолни пијалоци во Турција, откако оваа недела беше објавено дека 33 лица починале, а десетици се хоспитализирани во Истанбул, откако конзумирале фалсификуван алкохол загаден со метанол.

Како што објави NL Times, меѓу жртвите има и странски државјани, а не е познато дали меѓу нив има и холандски државјани, бидејќи Министерството не добило никакви барања за помош.

Според Министерството, лицата починале откако испиле алкохол кој бил загаден со метанол, што го засилува дејството на пијалокот. Министерството ги предупреди граѓаните да купуваат алкохолни пијалоци само во официјални продавници каде е дозволена продажба на алкохол.

"Внимателно проверете дали шишињата се затворени. Одете само во доверливи барови и ресторани. Не пијте домашен дестилиран алкохол, на пример, на улица или во нечија куќа. Секогаш внимавајте со храната и пијалоците", се додава во соопштението.

Во Истанбул 33 лица починаа, а 48 се хоспитализирани, од кои 32 се на интензивна нега, откако конзумирале фалсификуван алкохол, јави вчера Anadolu Agency.

Надлежните соопштија дека од почетокот на годинава вкупно 34 лица починале од ефектите на нелегално произведениот алкохол кој содржел метанол.

Според податоците од најновата студија објавена во Турција, во нелегално произведениот алкохол наместо етанол често се додава метанол, бидејќи е поевтин и може да предизвика слепило, оштетување на црниот дроб и смрт.

Четири лица, осомничени дека го продавале алкохолот се уапсени под обвинение за убиство. Од 1 јануари досега во Истанбул се запленети 29 тони нелегален алкохол, а 64 компании кои продаваат таков алкохол ги загубиле лиценците.

Стопанската комора на трговци со реакција на владините одлуки за ограничување на маржите

Стопанската комора на трговците на големо и мало изразува загриженост од вчерашната одлука да ги ограничи маржите, односно заработката на трговците за 5, 10 и 15% на прехранбени и непрехранбени производи и браат итна нова средба со премиерот.

Стопанската комора на трговците на големо и мало изразува загриженост од вчерашната одлука да ги ограничи маржите, односно заработката на трговците за 5, 10 и 15% на прехранбени и непрехранбени производи и браат итна нова средба со премиерот Христијан Мицкоски

Тие се жалат дека со ова им се нанесува значителна штета на стопанските субјекти, а целта нема да биде постигната.. Велат дека иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.

-Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања. – Стопанска комора на трговци на големо и мало.

Сепак, овој пат тешко дека ќе има премислување за одлуката, бидејќи од министерството за економија за Канал 5 потврдуваат дека набргу истата ќе заврши во службен весник, по што и официјално ќе стапи на сила. А, трговците со одлуката се задолжени и да имаат најмалку 70% од предвидените производи на полиците...

Дел од граѓаните сметаат дека е добро што се направило нешто во оваа насока, но сепак ќе почекаат да видат како реален ефект ќе има оваа одлука врз нивниот џеб..

Со одлуката, со 5% се ограничуваат 8 производи, белиот и полубелиот леб, брашната тип 400 и 500, киселото млеко, јогуртот, јајцата, маслото за јадење. На 10% се ограничуваат 37 производи, меѓу кои оризот, пекарските производи, месото од разно животинско потекло, рибата, млечни производи и уште многу други. Со 15% пак се ограничени поголем дел од овошјата и зеленчукот, пелени, бебешка и детска храна, хемикалии како и дел од алкохолните и безалкохолни пијалаци.

Одлуката ќе трае до 30 април со што во овој период ќе бидат опфатени и два од најголемите верски празници кај христијаните и муслиманите, Велигден и Рамазан Бајрам на кои традиционално се полнат трпезите, а се празнат маркетите.

Агелер: Вашингтон не може да го гарантира патот на Македонија кон ЕУ, но поддршката останува

САД не можат да го гарантираат вашиот пат кон ЕУ затоа што не сме членка на Унијата, но силната поддршка останува, порача американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. 

Прашана дали и какви гаранции за европскиот процес може да му дадат американските претставници на премиерот Мицкоски кој два пати за еден месец е во посета на Вашингтон, Агелер како особено значајни ги оцени овие посети за зајакнување на македонско-американските односи.

-Вашингтон не дава гаранции за вашиот европски пат, бидејќи ние не сме членка на ЕУ. Мислам дека за тоа се водат и се воделе разговори со високи претставници на ЕУ, но ќе кажам дека мило ми е што премиерот и членовите на неговиот кабинет се во Вашингтон. Ова е важна врска. Фактот што тој беше таму неколкупати откако ја презеде функцијата како премиер исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи и на многу начини покажува дека ние како САД и Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам дека таа соработка да биде зајакната, изјави Агелер.

Американската амбасадорка се уште не знае како ќе се одрази одлуката на американскиот претседател Трамп за замрзнување на средствата за финансирање на програмите на УСАИД за значајни области во земјава, но порача дека САД остануваат посветени на соработката.

-Не знам. Ова е процес што е во тек и јас не знам како ќе се одрази на нашата идна поддршка на развојот. Се разгледува и мислам дека е важно да биде разгледано. Но, како што им кажав јавно и приватно на Владата и на нашите партнери дека ние сме тука. САД не си одат, ангажирани сме и правиме фантастични партнерски настани, рече Агелер.

Експертот за Балканот Даниел Сервер, пак, во интервју за МИА зборувајќи за геополитичките односи и преговорите меѓу Вашингтон и Москва за Украина, оценува дека секој договор што би го компромитирал суверенитетот и територијалниот интегритет на Киев ќе охрабри сецесионистички и иредентистички сили на Балканот, а Македонија и премиерот Мицкоски според него нема да ги прифати бугарските барања за промена на уставот без гаранции.

-Македонија, според мене, е подготвена да ги прифати бугарските барања за вклучување на Бугарите во уставот, но сака тоа барање да биде последното од страна на Софија. Не знам дали Бугарите ќе се согласат на тоа, изјави Сервер.

Нова кривична за Перпарим Бајрами за закупот за деловен прстор за Државна лотарија

Уште една кривична пријава од финансиската полиција против поранешниот директор на Државна лотарија во бегство Перпарим Бајрами за злоупотреба на службената положба и овластување. 

Според финансиска, во јули 2023 Бајрами склучил договор за закуп на несоодветни деловни простории во Визбегово, кои биле изнајмени по цена од 9 евра за квадрат иако во тоа време цената на слични објекти во Визбегово била двојно па и тројно пониска.

Бидејќи објектот претходно бил користен за семејни веселби и прослави, за негова реконструкција Бајрами започнал јавна набавка тешка 1.300.000 евра.

Бајрами го изиграл и посебниот услов што го предвидел во јавниот повик, деловниот објект и магацинскиот простор да се со површина најмногу 2500 м2, а изнајмениот објект бил со површина од скоро 3000 м2.

-На тој начин, пријавениот П.Б. во својство на директор на АД Државна лотарија склучил договор за закуп на деловни простории кои не биле адекватни за потребите на Државна лотарија и за цена за м2 која е повисока од пазарните цени. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА согласно намената од договорот за закуп, АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА на правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје му исплатила 24.636.045 денари.-Управа за финансиска полиција.

Кривичната е доставена до скопското обвинителство од каде велат дека со оглед на недостапноста на Бајрами за органите на прогон се преземаат други дејствија за прибирање на докази.

За случајот медиумите пишуваа уште лани, а по промената на власта, премиерто Мицкоски сооошти дека штетниот договор е раскинат.

Перпарим Бајрами е во бегство од декември кога и беа распишани меѓународните потерници за него и за поранешниот вицепремиер Артан Груби кои се осомничени за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.

притисни ентер