Интервју на премиерот Никола Груевски за Канал5

Конзорциумот „Веибо Груп “ доаѓа во Македонија – ќе отвори околу 5 000 работни места. За оваа крупна инвестиција како и за останатите кои деновиве беа најавени, во интервју за Канал 5 зборува премиерот Груевски. Тој ги прокоментира и жестоките напади од опозициската СДСМ чија мета е деновиве.

- Веибо  е крупна компанија чиј светски центар е во Кина, а европски во Минхен, Германија. Тие доаѓаа повеќе пати во Македонија за конечно на нивниот веб сајт да соопштат дека ќе работат во Македонија. Ќе отворат текстилна фабрика за машка конфекција за базично и финално производство. За 5 години ќе инвестираат 400 милиони долари и ќе вработат 5 000 луѓе. Најголемата интегрирана текстилна фабрика во Европа ќе биде лоцирана во североисточна Македонија, на површина од 40 хектари. Ќе се извезува во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Русија, Кина, Јужна Кореја, а извозот во првите 5 години ќе биде меѓу 600 и 800 милиони долари. Значењето за нашата земја е огромно бидејќи покрај бројката од 5 000 вработувања ќе се отворат и голем број индиректни вработувања – изјави премиерот Груевски.

- Почетната инвестиција ќе биде 180 милиони долари. Во последниот квартал од оваа година ќе почне изградбата на фабриката, а ќе биде оперативна следната година. Тие практично ќе станат најголем работодавач во Македонија бидејќи планираат да вработат до 5.000 луѓе. Тоа е огромна бројка и планираат да се стационираат некаде во североисточна Македонија на потегот меѓу Крива Паланка, Ранковце, Куманово и Кратово затоа што сакаат да привлечат вработени од сите овие општини, појасни Груевски. 

Претставници на Веибо, рече премиерот, вечерва доаѓаат во Македонија за поточно да ја одредат локацијата каде ќе се гради фабриката. Груевски зборуваше и за другите најавени странски и домашни инвестиции.

На прашањето да даде коментар за нападите од опозициската СДСМ на негова сметка, Груевски рече:

- Јас не сум само сега мета на напад. Во последните 10 години и кога бев во опозиција и на власт јас сум жестока мета на напад од СДСМ. Ме нарекуваа недемократ, Фидел Кастро, Хитлер, а тие навреди се зајакнуваат пред избори. Се измислуваат клевети и лаги, сега тргнаа со монтирања и фалсификати. Не сум изненаден. СДСМ во првиот круг одеше со позитивна кампања но  сега одат со жестоки напади, клевети и фалсификати. Јас поднесов тужба до судот и убеден сум дека за кус временски период ќе се докаже дека се работи за лаги. Сакам да им порачам дека по секои вакви навреди и измислици тие доживуваат поголем пораз, граѓаните знаат да го казнат тоа, поразот ќе биде поголем од првиот круг- рече Груевски.

Во интервјуто за Канал 5 Груевски рече дека е важно неговата партија да добие 62 пратеници за да може без уцени и условувања од кој било коалициски партнер да ги реализира ветените над 2 000 проекти.

Со Груевски разговараше Маја Дамјановска.

притисни ентер