Гвардиола ја критикува Премиер лигата поради распоредот на натпревари - Канал 5

Гвардиола ја критикува Премиер лигата поради распоредот на натпревари

 Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ја критикуваше Премиер лига поради закажувањето на претпоследниот натпревар од првенството само 72 часа по финалето на ФА Купот против Кристал Палас.

Гвардиола ја критикува Премиер лигата поради распоредот на натпревари

Шестопласираниот Сити има одиграно натпревар помалку од Челзи и Астон Вила, кои се на четвртото и петтото место на табелата, само еден бод пред тимот на Гвардиола.

Противник на Сити во вторник ќе биде десеттопласираниот Борнмут, кој сè уште има шанси да заврши на осмото место, што би можело да му обезбеди место во плејофот на Конференциската лига на УЕФА, доколку составот на Гвардиола го освои ФА Купот.

„Се бориме со овие ситуации девет години, секоја сезона, и ништо не функционира. Ќе играме во вторник навечер против еден од најинтензивните и физички најмоќни тимови во Премиер лигата, Борнмут, кој се бори за Лигата на Европа или за квалификациите за Конференциската лига. Ќе биде тешко.“, рече Гвардиола.

Тренерот на Сити ја истакна одлуката на Премиер лигата да го помести гостувањето на Тотенхем кај Астон Вила од недела за в петок, давајќи им повеќе време да се подготват за финалето на Лигата на Европа против Манчестер Јунајтед в среда.

„Премиер лигата донесе добра одлука, многу добра. Игравме цело време во среда, а сега ќе играме и в сабота … не ни беше потребен тој дополнителен ден“, рече Гвардиола. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонско еколошко друштво: Во полн ек се теренските истражувања на дивиот свет во Преспа

Преспанскиот Регион претставува вистинска лабораторија на отворено, што јасно го потврдуваат и тековните теренски истражувања на биолошката разновидност кои Македонското еколошко друштво ги спроведува во соработка со локалните заштитени подрачја.

Македонско еколошко друштво: Во полн ек се теренските истражувања на дивиот свет во Преспа

Преспанскиот Регион претставува вистинска лабораторија на отворено, што јасно го потврдуваат и тековните теренски истражувања на биолошката разновидност кои Македонското еколошко друштво ги спроведува во соработка со локалните заштитени подрачја како дел од проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.

Долж крајбрежјето на Преспанското Езеро е веќе отпочнат мониторингот на повеќе видови птици, вклучувајќи ги големиот северен нуркач, белиот пеликан и секако кадроглавиот пеликан - како еден од најрепрезентативните симболи на Преспа. Овие истражувања овозможуваат континуирано следење на состојбата со нивните популации и навремено препознавање на потенцијалните закани со кои се соочува живиот свет во езерскиот екосистем.

Особено внимание се посветува и на влажните живеалишта и нивните жители. Во фокусот на истражувањата се македонскиот мрморец, жолтиот мукач и блатната желка - клучни видови чиј мониторинг дава значајни информации за состојбата со влажните екосистеми, кои сè почесто се изложени на притисоци од климатските промени и човековитеактивности.

Островот Голем Град продолжува да го привлекува вниманието на меѓународната научна јавност. Здружен тим на истражувачи од Македонија, Србија, Грција и Франција учествуваа во годишните студии на неколку видови влекачи, меѓу кои змиите- рибарки, поскокот и шумската желка. „Овогодинешните истражувања укажуваат на позитивните ефекти на необично влажната пролет, видливи не само во нивото на езерската вода и во снежните покривки на високите падини на Галичица и Пелистер, туку и во големиот број на заловени и обележани животни на Голем Град (>500). Меѓу другото, за прв пат по многу години успеавме да обележиме голем број на бебиња и млади шумски желки. Тие се поактивни од вообичаено заради обилната храна во интензивната зелена пролетна покривка на островот. Ова навидум нуди надеж за оваа популација на која и се ближи истребување, но сепак, најверојатно е само резултат на влажната пролет, додека пак малиот број на јајца забележани во островските женки, во споредба со оние од копното, нѐ потсетува на трагичната судбина на оваа популација. Можеби следната година ќе сведочиме подобра ситуација потпомогната од наталожените резерви од оваа година, но генералните климатски проекции ни укажуваат дека оваа година е само исклучок во една многу сушна иднина“ - објаснува д-р Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

Собраните податоци од сите овие истражувања, заедно со истражувањата на ренџерските служби на Паркот на природата „Езерани“ при Општина Ресен и националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“, ќе бидат интегрирани во единствена дигитална платформа којана различните засегнати страни ќе им овозможи сеопфатен увид во состојбата и трендовите со биолошката разновидност во регионот.

„Спроведувањето континуирани и систематски истражувања е неопходно за обезбедување релевантни податоци за состојбата со дивата флора и фауна во Преспа, како предуслов за паметно планирање на мерките за заштита, зачувување и одржливо управување со природното наследство на еден од најубавите и најуникатни прекугранични региони во Европа“ - посочува м-р Даниела Заец, раководител на канцеларијата на Македонското еколошко друштво во Ресен.

Активностите за мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се реализираат во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). Покрај Македонско еколошко друштво, партнери во имплементацијата на проектот се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Спроведувањето на проектните активности е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирањена Република Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Србија воведе забрана за влез на државјани од Црна Гора

Според локалните медиуми ниту еден црногорски државјанин не преминал во соседната земја на граничните премини Гостун, Јабука и Драченовац.

Србија воведе забрана за влез на државјани од Црна Гора

Според извештаите, од 19:30 часот ниту еден црногорски државјанин не бил пропуштен да влезе во Србија, што предизвикало застои и колони на границите.

Медиумите наведуваат дека мерката е воведена по протерување на повеќе од 80 српски државјани од Тиват поради безбедносни причини. Засега нема официјална потврда за траењето на мерката, а се очекува ситуацијата да се нормализира

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Започна првиот ИКТ бизнис форум - Македонија – Грција: МАСИТ и Setpe потпишаа меморандум за соработка

Форумот, организиран од МАСИТ во соработка со грчката асоцијација SETPE, ги обедини претставниците на ИКТ индустријата.

Започна првиот ИКТ бизнис форум - Македонија – Грција: МАСИТ и Setpe потпишаа меморандум за соработка

Со учество на над 130 претставници на компании, институции и организации од Македонија и Грција, денеска во Скопје започна првиот „North Macedonia – Greece Digital Bridge & Business ICT Forum“, настан посветен на продлабочување на економската и технолошката соработка меѓу двете земји.

Форумот, организиран од МАСИТ во соработка со грчката асоцијација SETPE, ги обедини претставниците на ИКТ индустријата, државните институции и бизнис-заедницата со цел создавање нови партнерства, размена на знаење и отворање нови можности за регионален раст.

Во рамки на свеченото отворање беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и SETPE, документ кој претставува основа за поинтензивна институционална соработка, размена на искуства и заеднички активности во областа на дигиталната економија, иновациите и технолошкиот развој.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека форумот е создаден со јасна цел – да ги поврзе компаниите од двете земји и да создаде конкретни деловни можности.

„Денешниот форум не е само уште една конференција или настан за вмрежување. Тој е создаден со многу конкретна цел – да ги поврзе компаниите, да поттикне директен дијалог и да создаде нови бизнис можности меѓу нашите две земји. Меморандумот што денес го потпишуваме не е крајна дестинација, туку почетна точка за посилна соработка, поголема размена на знаење и повеќе можности компаниите од двете земји да работат заедно“, изјави Димитровски.

На отворањето се обратија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, амбасадорката на Република Грција во Македонија Н.Е. Софија Филипиду, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски и претседателот на SETPE, Анастасиос Манос.

Во текот на денот учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на презентации, тематски дискусии и над 150 однапред организирани B2B средби насочени кон создавање конкретни деловни партнерства и нови заеднички проекти.

Организаторите очекуваат токму овие средби да резултираат со нови соработки и да придонесат за натамошно поврзување на технолошките екосистеми на Македонија и Грција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер