Граѓаните поседуваат 621 илјада парчиња оружје, само четвртина се регистрирани - Канал 5

Граѓаните поседуваат 621 илјада парчиња оружје, само четвртина се регистрирани

Околу 621 илјада парчиња оружје поседуваат граѓаните на Македонија, односно 29.79 парчиња по глава од жител. 

Граѓаните поседуваат 621 илјада парчиња оружје, само четвртина се регистрирани

Од нив, само 169.687 се регистрирани, а 451.313 нерегистрирани, покажуваат податоците од истражувањето на организацијата „Small Arms Survey" (SAS).

Со овие бројки нашата држава се наоѓа на осмото место во Европа, а е 13-та во светот по поседување огнено оружје по глава на жител. На прво и второ место во Европа се две земји од нашиот регион Црна Гора и Србија.

Во земјава постои евиденција кој сè поседува легално оружје, но не и информација или некаква проценка за нелегалното оружје, за што останува, само да се шпекулира. Се поставува и прашањето дали максимално се почитуваат Законот за оружје и процедурите и дали секој што бара дозвола е подложен на широки безбедносни проверки, како и дали огнено оружје може да се набави на црниот пазар.

Лани се евидентирани 180 илјади парчиња оружје, годинава запленети се 83

Според евиденциите на Секторот за оружје, експлозивни и опасни материи, во Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, во 2018 година регистрирани се околу 180.000 парчиња оружје.

Во делот на недозволена трговија со оружје, МВР за МИА информира дека во периодот од јануари до јуни 2019 година регистрирани се вкупно 102 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи" за кои се пријавени 117 сторители, при што се запленети вкупно 83 парчиња огнено оружје (49 пиштоли, четири револвери, две автоматски пушки, 11 ловни пушки, два ловни карабини, малокалибарска пушка, рачно изработена пушка, воздушна пушка, пет рачни бомби, мина, пет пиштоли за звучна и светлосна сигнализација и еден гасен пиштол). Одземени се и 1.742 парчиња муниција, 192 грама експлозиви две детонаторски каписли, 100.168 парчиња петарди, 8.111 пиротехнички и светлечки ракети, 14 огномети и два топовски удари.

Како може да се добие дозвола за поседување оружје

Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи согласно со категоризацијата на оружјето. Одобрението се издава за секое поединечно набавување оружје во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето.

Одобрение за набавување оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот и за лов и спортско стрелаштво.

Одобрение за набавка на делови од оружје и одобрение за набавка муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.

Одобрение за набавување оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови: има наполнето 18 години живот, не му е одземена или ограничена деловната способност, здравствено е способно да поседува и носи оружје, не претставува опасност за јавниот ред, има оправдана причина за набавување на оружје, располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и има живеалиште на територијата на нашата држава со важечка лична карта. Доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Северна Македонија, со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

Се смета дека физичкото лице има оправдана причина за набавување оружје, ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот.

Покрај овие причини, се смета дека физичкото лице докажало дека има оправдана причина за поседување на оружје, ако е активен член на ловечко или стрелачко друштво односно има потврда дека е активен член на стрелачко друштво, собира колекционерско оружје, односно е колекционер, донесена е правосилна судска одлука за наследување на оружјето, доделена е награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или доделено е оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.

За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје.

Дозволата за оружје се издава со рок на важење од 10години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење одпет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.

Дозволата за оружје, за колекционерско оружје и за носење на оружје ќе се поништи во случај кога ќе истекне важноста на дозволата, а истата не е продолжена, донесено е конечно решение за одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје, одобрението за постојан престој на странец на територијата на Република Македонија престанало согласно со прописите за движење и престој на странците и ќе настапи смрт на имателот на дозволата и оружјето е украдено, односно исчезнато или продадено.

„Суштинска жетва" и „Килибарна лисица"

Во нашата држава беа спроведени неколку акции за легализација на оружјето, но и за собирање на нелегалното.

На 22 август 2001 година, официјално беше одобрена НАТО мисијата „Суштинска жетва" за собирање на оружјето од ОНА и траеше од 27 август до 26 септември 2001 година. Организаторите на акцијата соопштија дека беа собрани две третини од оружјето на ОНА односно 3.875 парчиња оружје. Беа собрани 3.120 автоматски и полуавтоматски пушки, 483 митралези и пушкомитралези, 161 орудие за борбена поддршка, 17 противвоздушни орудија и четири борбени оклопни возила, кои како оштетени беа оставени во АРМ.

Во втората акција, „Килибарна лисица”, спроведена од 1 ноември до 15 декември 2003 година, во организација на македонската Влада и на УНДП, пак, официјално беа собрани 7.571 парче оружје: 3.589 пушки, 2.336 пиштоли, 458 револ вери, 27 митралези, 2 минофрлачи, 55 ракетни лансери и тромболини, 60 гранати, 797 бомби и 247 мини, 100.219 парчиња муниција, 1.257 парчиња експлозиви и 165,35 кг експлозив, 1.001 парче придружно оружје и 497,65 метри фитил и кабел.

Црногорците и Србите во трка со Американците во поседување оружје

Од вкупно 857 милиони парчиња огнено оружје во сопственост на цивилни лица во целиот свет, САС утврдил дека дури 46 милиони се во сопственост на државјаните на САД.

Црна Гора и Србија, кои на светската листа се веднаш по Јемен, односно на трето и четвртото место, на 100 жители имаат 39,1 парче огнено оружје, во споредба со 120 – те парчиња во САД, кои се први на светската листа.

Во ЕУ во 2017 година нејзините 513 милиони жители поседувале 79,8 милиони парчиња оружје, а кога ќе се додадат и европските земји кои не се членки на ЕУ, тој број достигнува 93,2 милиони.

По количина на оружје по глава на жител убедливо водат Србија и Црна Гора со 39,1 парче на 100 жители. По вкупниот број, најголема концентрација на оружје има во Русија 17,6 милиони, Германија 15,8 милиони и Франција со 12,7 милиони.

Проценките се дека во 230 држави и автономни територии во светот има нешто повеќе од една милијарда парчиња огнено оружје.

Во САД секој ден оружени инциденти со убиени и повредени

До почетокот на август во САД се случиле се случиле 251 оружени инциденти во кои биле убиени или повредени најмалку четворица или повеќе лица. Американците купуваат во просек околу 14 милиони парчиња ново оружје секоја година на цивилниот пазар.

Само во изминатите дестина дека во Америка се случија три масовни оружени инциденти, во кои прво 20 лица беа убиени, а 26 ранети во трговски центар во градот Ел Пасо, во државата Тексас. Во пукање во кафе-бар во градот Дејтон во Охајо, пак, беа убиени десет лица, вклучително и напаѓачот, а уште 27 беа ранети. Нападите во Ел Пасо и Дејтон се 21 и 22-от случај на масовно пукање во САД од почетокот на 2019 година. Вкупно од почетокот на годинава во ваквите инциденти загинале 125 луѓе, а повеќе стотици се ренети.

Според податоците на американските центри за превенција и контрола, во САД од огнено оружје во 2017 и 2018 година животот го загубиле по околу 40 илјади луѓе.

Во ЕУ, пак, од 2000 до 2012 година жртви на оружени иниценти биле 87 илјади лица./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трагнал да вози Ферари, па се заглавил во тесна уличка- сите му се смеат (ВИДЕО)

Тесните улици на историскиот центар на Севиља станаа „стапица“ за црвен луксузен автомобил со португалски регистарски таблички.

Трагнал да вози Ферари, па се заглавил во тесна уличка- сите му се смеат (ВИДЕО)

Возачот на скапиот автомобил се нашол во незавидна ситуација откако се обидел да сврти, а потоа се соочил со сериозни тешкотии при маневрирањето низ тесен премин, објавува „Ел Дебет“.

Во видео кое се појави на мрежите, снимено од очевидец, можете да видите како Ферарито се заглавило откако се обидело да сврти на улицата Бамберг, на аголот со улицата Арготе де Молина.

Минувачите се обиделе да го насочат возачот за да избегне оштетување на каросеријата.

Од друга страна, корисниците на социјалните мрежи биле помалку љубезни кон возачот на Ферари. Многумина потсетиле на ризиците од возење низ најтесните и најпрометните делови на Севиља.

„Кој би возел автомобил вреден 250.000 евра низ стариот центар на градот?“, прашал еден од нив.

Медиумите известуваат дека пристапот до овој дел од градот е ограничен на станари, сопственици на гаражни простори и возила на јавниот сервис, токму поради тесните улици и недостатокот на простор за непречено движење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Главниот обвинител на американската држава Мисисипи пресуди дека полицијата оправдано употребила сила кога пукала во автомобил за време на истрага за кражба во која загина едногодишно момче. 

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Коен Вајли беше убиен во јуни додека седел во скутот на неговата мајка. Полицијата тврди дека возачот го возел автомобилот кон полицајците, пишува Би-Би-Си.

Пукање по пријава за кражба

На 14 јуни, полицијата била повикана во продавницата „Волмарт“ во Сенатобија за пријава за кражба на пелени и детска облека. Според Бирото за истраги на Мисисипи, полицајците пронашле две жени и едно бебе како се приближуваат кон автомобил на паркингот. Тие се обиделе да го запрат возилото, но според официјалната верзија, тоа тргнало кон еден од полицајците и речиси го погодило.

Потоа еден полицаец отворил оган. Куршумот го уби момчето и сериозно ја повреди жената-возач, Латоја Ферел.

Мајката на Коен, Велесија Вајли, која седела на совозачкото седиште со своето дете во скутот, негира дека таа или Ферел украле нешто. Таа рече дека го држела својот син кренат за полицајците да можат да го видат непосредно пред да биде застрелан. Не се поднесени кривични пријави против ниту една жена.

Спорна одлука на обвинителството

Државната обвинителка Лин Фич го објави заклучокот од истрагата во кратка изјава во понеделник. „Во овој инцидент, канцеларијата на државниот обвинител утврди дека употребата на сила била оправдана“, напиша таа. Полицијата не ги објави снимките од пукањето, ниту оние од камерите што ги носеле полицајците на нивните униформи, ниту снимките од камерите за надзор од паркингот. Сепак, некои беа протечени на интернет, според кои се гледа дека полицајците пукаат во автомобил што бега од нив.

Адвокатот на семејството Вајли, Бенџамин Крамп, се спротивстави на одлуката на обвинителот. „Како некој може да прифати таков заклучок додека на семејството на Коен и на јавноста сè уште не им е дозволено да ги видат снимките од полициските камери?“, рече Крамп. „Ако видеата ја потврдат одлуката на државата, објавете ги. Нема да се откажеме од борбата додека ова семејство не ја дознае вистината“, рече тој.

Мартин Зумах, адвокатот на полицаецот што пукаше, за Асошиејтед прес изјави дека возачот „се обидел да го убие“ неговиот клиент. „Тој немаше друг избор освен да пука“, рече Зумах.

Смртта на момчето се случи на американскиот празник Џунтинти, кој го означува крајот на ропството, што предизвика протести во Сенатобија. Демонстрантите тврдат дека расата играла улога во полициските акции. Коен и двете жени во автомобилот се црнци, додека полицаецот кој пукал наводно е бел, како и државниот обвинител. Минатиот месец, градот го отпушти својот началник на полицијата, кој е бел, откако еден весник откри негови СМС-пораки во кои тој постојано користел расни навреди.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тринаесетгодишната ќерка на Ким кардашијан и Канје Вест шокира со новиот изглед (ВИДЕО)

Норт Вест објави ново видео на TikTok во понеделник во кое покажа уште една промена во својот изглед. 

Тринаесетгодишната ќерка на Ким кардашијан и Канје Вест шокира со новиот изглед (ВИДЕО)

Тринаесетгодишната ќерка на Ким Кардашијан и Канје Вест се појави со нов детаљ на вратот што личеше на пирсинг, а видеото набрзо предизвика бројни реакции. Норт експериментираше со изгледи и претходно, особено со шарени перики, драматична шминка и лажен накит.

@northwest ♬ original sound - North West

Во новото видео, таа покажа многу изразена шминка, долга светло сина перика и екстремно долги црни вештачки нокти. Ги нагласи очите со темна шминка, ги обои усните во црно и покажа црни украси на забите. Сепак, детаљот во средината на вратот што личеше на пирсинг привлече најголемо внимание.

Норт ја движеше камерата навнатре и нанадвор за да го покаже својот нов изглед додека во позадина се слушаше „The Reason“ од Hoobastank. Неколку часа претходно, таа објави уште едно слично видео, во кое носеше розова маска за очи, а околу вратот можеше да се види и накит.

@northwest ♬ original sound - North West

Ким Кардашијан не се појави во ниту една од тие објави.

Следбениците изненадени од нејзиниот изглед

Трансформацијата на Норт предизвика бројни реакции од корисниците на социјалните мрежи. „Пирсинг на грло?!“ напиша едно лице. „Ова е толку тажно...“ коментираше друг корисник, додека трет напиша: „Нема шанси да има 13 години“.

Норт претходно објасни дека пирсингот е лажен

Порано овој месец, Норт разговараше во живо со својата мајка за нејзиниот накит, а потоа разјасни дека пирсингот што го носи не е вистински. „Луѓе, овие пирсинг не се вистински“, рече таа. „Ги менувам толку често што мислите дека се вистински“. Ким се согласи со својата ќерка, додавајќи: „Да, како луѓето некогаш можат да помислат дека се вистински? Тие секогаш се различни“.

Сепак, Норт не крие дека еден ден би сакала вистински „мост“ пирсинг на мостот на носот. Нејзините родители засега не се за идејата. „Можеби ќе ризикувам кога ќе бидам постара“, рече Норт, додека Ким ја затресе главата во позадина. Како компромис, таа предложи: „Засега, можеме само да ги залепиме“.

Нејзиниот изглед веќе предизвикуваше контроверзии

Норт претходно беше критикувана поради начинот на кој експериментира со својот изглед. Следбениците реагираа на нејзините објави со лажни пирсинзи на образите и бутовите, како и со фотографија од неа со тетоважи на лицето.

Канје Вест, исто така, реагираше на нејзиниот изглед претходно, кој ја критикуваше својата поранешна сопруга за тоа што, според него, ѝ дозволува на нивната ќерка да се облекува и дотерува посоодветно за нејзината постара возраст.

Ким и Канје имаат четири деца - 13-годишната Норт, осумгодишниот Чикаго и синовите Сеинт (10) и Псалм (7). Поранешните сопружници го делат законското и физичкото старателство над децата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер