Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски синоќа му се приклучи на градоначалникот на Општина Студеничани Азем Садику во справување со надојдените води на Маркова Река за, како што се наведува, ситуацијата што побрзо да се стави под контрола.
Како што информира денеска Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски упатил порака дека во моменти на криза не постојат институционални граници, постојат само човечки животи. - Во критични моменти не треба да се чека, туку да се делува – со срце, со раце, со присуство на терен, изјави Ѓорѓиевски и упати благодарност до сите што помогнаа, но и остра критика кон оние кои, како што рече, кризата ја користат само за политички поени.
- Во ноќите кога државата најмногу треба да биде држава, нема надлежности - има само човечки животи. Кога има несреќа, никој не треба да гледа дали надлежноста е на една или на друга институција, град или општина. Во тие моменти, единствено важно е да се покаже емпатија и солидарност со луѓето. Така постапивме и оваа ноќ. Заедно со моите колеги, Азем и Дејан – градоначалниците на Студеничани и Аеродром – останавме до раните утрински часови. Иако надлежноста е на Град Скопје, од кој веќе подолго време бараме санација на коритото на Маркова Река (за што уредно имаме доставено документација и известување дека „нема предвидени средства“), решивме да не чекаме уште една трагедија. Презедовме активности веднаш. Како луѓе, како јавни личности, како совесни политичари. Во текот на ноќта, со лична ангажираност, учествувавме во евакуацијата на нашите сограѓани, кои беа заглавени во надојдените води, а сега се безбедни, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што рече, веднаш се стави на располагање и со кого бевме во постојана комуникација до доцна во ноќта. Изрази благодарност и до сите колеги, волонтери и граѓани кои помогнале.