Ѓорческа не го мина првото квалификациско коло на Вимблдон

 Најдобрата македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да ја мине првата пречка на квалификациите на Вимблдон. 

Таа денеска загуби со 2:0 (7:6 и 7:6) од Американката Саша Викери, која ги освои двата тај брејка во мечот што траеше еден час и 44 минути.

Со овој пораз Ѓорческа го заврши настапот на третиот Грен слем турнир годинава.

Причина за поразот според статистиката се големиот број неизнудени грешки 50 за Ѓорческа, наспроти 16 на Викери, како и двојните сервис грешки 10 за Лина, а две за американската тенисерка.

По настапот на Вимблдон, Ѓорческа е пријавена за настап следната недела на ИТФ фјучрс турнир во Рим.

Украина тврди дека уништила сателитски комуникациски центар на Крим

Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти дека украинските вооружени сили оваа недела уништиле руски центар за сателитска комуникација на Кримскиот Полуостров.

Во објавата на апликацијата Телеграм, Министерството наведува дека целта е „вреден воен компонент во сателитската комуникација и системот за насочување на руските сили“.

Западни медиуми посочуваат дека во моментов не може од независен извор да се потврди оваа информација.

Во понеделникот, на социјалните мрежи се појавија информации за експлозии во близина на селото Витино на Кримскиот Полуостров, каде што е лоциран комуникацискиот центар. /МИА

Иран го продолжи изборниот ден по повикот на врховниот лидер за висока излезност

Иранските власти го продолжија изборниот ден за претседателските избори за два часа, до 20:00 часот по локално време, поради големата излезност.

Иранската државна телевизија прикажа снимки од долги редови пред избирачките места. Често се случува гласањето во Иран да продолжи до полноќ. Властите соопштија дека резултатите од претседателските избори ќе бидат објавени утре.

Претходно денеска, врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хаменеи, повика на висока излезност. Опонентите на властите тврдат дека падот на излезноста во последните години ја покажува разнишаната легитимност на системот.

Овие вонредни претседателски избори се организираат откако иранскиот претседател Ебрахим Раиси загина минатиот месец во хеликоптерска несреќа, заедно со шефот на дипломатијата.

Околу 61 милион гласачи се повикани да изберат наследник на Раиси. Советот на чуварите, исклучително конзервативно надзорно тело, одобри само шест кандидати за изборите. Двајца радикални конзервативни кандидати вчера соопштија дека се повлекуваат од претседателската трка во Иран. /MИА

Муслиу: Партиската логика го надвладеа мерит системот

Според Муслиу, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци.

Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката, за жал во случајот со моето разрешување, отсуствуваат, реагира Еролд Муслиу, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го разреши од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање.

Според Муслиу, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци.

-Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот. Со гордост и посебна чест ја раководев Агенцијата во изминатиот период во кој вложив надчовечки напори да го подигнам нивото на квалитетна работа и да го пренесам професионалното искуство и знаење стекнато во мојата 31 годишна кариера. Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи АР, се вели во реакцијата од Муслиу.

Иако, посочува Муслиу, цело време бев изложен на гнасна дезинформациска кампања која доби размери на политички линч кој остави и последици врз моето семејство, сепак, разбивајќи ги табуата во нашето општество, докажав дека Албанец, притоа и без партиска припадност, може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки.

-Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР. Под мое лидерство го подигнавме нивото и ги надградуваме нашите технички капацитети во процесот на дигитализација, информатичка и кибер безбедност. Постигнавме фантастични достигнувања во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности кои АР ги реализираше самостојно, како и на билатерално и на сојузничко ниво, се вели во реакцијата на Муслиу.

Муслиу, исто така, искажува огромна благодарност до целиот колектив во Агенцијата за разузнавање, а на новата директорка на Агенцијата и посака успех во раководењето со Агенцијата.

Од Кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска информираа дека донела одлука за именување на Габриела Јаковлева за директорка на Агенцијата за разузнавање и одлука за разрешување на досегашниот директор Еролд Муслиу.

Сиљановска Давкова, како што информираат од нејзиниот Кабинет, денеска ја разрешила и заменичката директорка во Агенцијата за разузнавање Александра Бакреска Додовска и ја именуваше Ивана Стојановска.

притисни ентер