Герасимовски: Општина Центар со нови мерки за справување со проблемот со бездомните животни - Канал 5

Герасимовски: Општина Центар со нови мерки за справување со проблемот со бездомните животни

Градоначалникот Горан Герасимовски вчера беше говорник на панел-дискусија ,,За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!" организирана од Либерален институт – Скопје. 

Герасимовски: Општина Центар со нови мерки за справување со проблемот со бездомните животни

На панел-дискусијата се разговараше за потребата од итни и системски решенија кои ќе овозможат подобра заштита и грижа за животните.

„Општина Центар активно ја имплементира политиката „Залови – Стерилизирај, Вакцинирај, Врати“ во соработка со ЈП „Лајка“, со годишен буџет од 2 милиони денари. Признаваме дека е потребен дополнителен ангажман за да се зголеми ефикасноста на оваа политика, а токму затоа планираме нови активности. Проблемот е на ниво на Град Скопје и сите скопски општини. За да имаме целосно решение, потребна е пообемна стерилизација. Не велам дека ова целосно ќе го реши проблемот. И понатаму ќе има бездомни кучиња, но сигурно ќе се намали нивниот број.

Сите општини треба навремено да ги подмируваат трошоците кон ЈП „Лајка“. Граѓаните имаат право да знаат зошто плаќаат и што добиваат за тоа што го плаќаат. Колку кучиња се заловени? Колку се вакцинирани? Како се третирани? Бараме конкретни статистики за да видиме што сме добиле за парите што ги вложуваме, особено кога некои општини не плаќаат, а други го носат целиот товар" изјави Герасимовски.

Во подготовка е програма за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици, по примерот на успешната пракса од Општина Гази Баба. Преку оваа програма, ќе им се овозможи на сопствениците на миленици полесен пристап до стерилизација, со што директно ќе се влијае врз намалување на бројот на бездомни животни – најчесто последица од неодговорно сопствеништво.

Стерилизацијата не само што придонесува за контрола на популацијата, туку и го намалува ризикот од агресивно однесување кај животните.

Општина Центар работи и на координирани активности со соседните општини за справување со проблемот на глутници бездомни кучиња кои се пренесуваат од една општина во друга. Заеднички акции и образовни кампањи ќе бидат клучни за долгорочно и одржливо решение.

,,За да дојдеме до вистинско решение, мора сите да бидеме совесни како градоначалници на сите 10 скопски општини и редовно да го покриваме трошокот кон ЈП „Лајка“. Дополнително, ја отворивме темата и во рамки на Скопскиот плански регион, каде што разговараме за потребата од зголемен број стационари и други системски решенија. Не смее да се случува, како што веќе беше спомнато, кучиња од една општина што не ги третира проблемите, да завршуваат во друга. Тоа не е решение, само го префрламе проблемот од една на друга општина. Очекуваме позитивен одзив од граѓаните, затоа ги охрабруваме сите сопственици на миленици да се вклучат и да придонесат кон похумано и побезбедно урбано живеење", истакна Герасимовски

Општина Центар

НБА плејоф: Минесота поведе, први победи за Орландо и Милвоки

Кошаркарите на Минесота поведоа во серијата до четири победи во плејофот на Западната конференција во НБА лигата со триумф над Лос Анџелес Лејкерс, додека Орландо и Милвоки ја намалија негативата на 1-2 во плејофот на Источната конференција.

НБА плејоф: Минесота поведе, први победи за Орландо и Милвоки

Минесота поведе во серијата со 2-1, откако синоќа во Минеаполис го победи ЛА Лејкерс со 116-104 во третиот натпревар од плејофот на Западната конференција. Џејден Мек Дениелс постигна 30 поени, а Ентони Едвардс го заврши натпреварот со поен помалку.

Леброн Џејмс беше најефикасен во редовите на Лејкерс со 38 поени, а Лука Дончиќ додаде 17 поени со осум асистенции и седум скокови.

Орландо намали на 1-2 во серијата по победата над Бостон со 95-93 во третиот натпревар од првото коло од плејофот во Источната конференција. Франц Вагнер беше најдобар стрелец на Орландо со 32 поени.

Милвоки, исто така. го намали дефицитот на 1-2 во серијата до четири победи откако на домашен терен беше поуспешен од Индијана со 117-101.

Гари Трент Јуниор и Јанис Антетокунмпо постигнаа по 37 поени за Милвоки, а Трент постигна девет тројки во 12 обиди и со тоа го израмни рекордот во плејофот на франшизата поставен од Реј Ален во финалето на Источната конференција во 2001 година. /МИА

Нафтена индустрија на Србија доби трето одложување на воведување санкции од САД

Нафтена индустрија на Србија (НИС) доби трето одложување на воведување санкции од САД поради мнозинскиот руски капитал во таа компанија. 

Нафтена индустрија на Србија доби трето одложување на воведување санкции од САД

Овојпат, воведувањето на санкции беше одложено за дури два месеца, односно до 27 јуни. Рокот на претходно одложените санкции изминува в понеделник - 28 април.

„Добри вести за граѓаните на Србија. Србија успеа да добие ново одложување на санкциите за НИС, овојпат за два месеца, до 27 јуни. Благодарност до нашите американски партнери за разбирањето на ставот на Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил buducnostsrbijeav.

Во средата, компанијата НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање посебна лиценца со која се одложува целосното спроведување на санкциите, а целта е да се овозможи компанијата непречено да работи и по 28 април.

Прв пораз сезонава на ПСЖ во Франција

 Надежите на ПСЖ дека ќе ја заврши актуелната сезона во француското фудбалско првенство без пораз завршија, откако синоќа претрпе шокантен пораз од Ница на домашен терен со 3-1.

Прв пораз сезонава на ПСЖ во Франција

Гостите поведоа преку Морган Сансон (34 минута), а Фабијан Руиз до крајот на полувремето израмни за ПСЖ (41), но Ница во продолжението постигна два гола преку Сансон (46) и Јусуф Ндајишимије (70).

Со ова заврши серијата на ПСЖ од 30 натпревари без пораз во француското првенство, во кое клубот од Париз веќе ја одбрани шампионската титула.

Пораз од Ница за составот предводен од Луис Енрике доаѓа пред полуфиналниот дуел против Арсенал во вторник во Лигата на шампиони. /МИА

притисни ентер