Египтологот Захи Хавас и неговите колеги го ископале погребниот храм на кралицата Неарит, една од сопругите на кралот Тетис, првиот фараон на Шестата египетска династија. Откриле и 52 гробни места со повеќе од 50 дрвени саркофази. Овие дрвени ковчези се стари околу 3000 години и се најстарите саркофази пронајдени во Сакара.
"Овие се дрвени ковчези. Тие прикажуваат многу богови на кои што им се поклонувале во тоа време, заедно со разни упатства од Книгата на мртвите за кои се сметало дека им служи на мртвите за да го пронајдат вистинскиот пат кон другиот свет", се вели во соопштението на египетското министерство за туризам и антиквитети.
Археолозите пронашле стотици ковчези на разни високи функционери и свештеници во Сакара во изминатите неколку месеци, кои датираат од доцниот период на древен Египет и периодот на Птоломеидите, пишува ABC News.
Во најновото ископување биле пронајдени постари саркофази од периодот на Новото египетско кралство што траело од 16 век п.н.е. до 11 век п.н.е.
„Ова откритие потврди дека Сакара се користела како некропола и за време на Новото Кралство“, се вели во соопштението на Министерството.
Експертите пронашле уште едно светилиште направено од тули од кал на длабочина од 24 метри. Хавас вели дека работата ќе продолжи се додека не се достигне гробната комора.
„На гробните места, пронајдовме голем број археолошки артефакти и статуи што ги претставуваат боговите како Озирис и Птах-Сокар-Озирис“, додаде Министерството.
Сакара се наоѓа на околу 25 километри јужно од пирамидите на платото во Гиза, и таму е познатата скалестата пирамида на фараонот Џозер, прва од фараонската ера. Додека Мемфис бил главен град на древен Египет, Сакара служела како негова некропола.
Египќаните ги закопувале своите мртви пред 3000 години. Но, таму биле погребани не само благородниците, туку и граѓаните од средната и работничката класа.