Форум за родовата перспектива и улогата на жената во реформите на безбедносниот систем

 Во Скопје денеска ќе се одржи форум за родовата перспектива и улогата на жената во реформите на безбедносниот систем во организација на UN WOMEN, Универзитетот „Св.Климент Охридски„-Битола и Факултетот за безбедност-Скопје.

Најавено е обраќање на заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Марјан Ѓуровски, резидентниот координатор на ООН во земјава Росана Дудзиак, деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски, раководоителката на канцеларијата на ООН за родова еднаквост и зајакнување на жените во Скопје, претседателката на Комората на РСМ за приватно обезбедување м-р Верица Милеска Стефановска, претставници од Министерството за транспорт и врски, Армијата, МВР, Царинската управа, Противпожарната бригада на град Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и други.

– Институциите од безбедносниот систем во последниот период работат на имплементирање на родовата перспектива во рамки на своите стратешки планови. Промовирањето и унапредувањето на еднаквите можности се начела од клучна важност за националните интереси и стратешките приоритети на државата, посочуваат организаторите.

Целта на форумот е акцентот да биде ставен на идните и конкретни чекори и политики што ќе се преземат во однос на предизвиците со кои се соочуваат жените професионалци во безбедноста. Клучни елементи на дискусијата ќе бидат меѓународните трендови и најдобри практики, институционалните проблеми и мерки што се преземаат и кои можни чекори треба да се направат во насока на подобрување на работните услови.

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

Шмит: Силна економија е можна само со социјална заштита и работнички права

Првомајска порака на еврокомесарот Шмит.

На 1 мај кога го славиме Меѓународниот ден на трудот, размислуваме за напредокот што ЕУ го постигна во текот на изминатата година во унапредувањето на правата и можностите на работниците во Европа, наведува еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит во пораката по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

- Европската година на вештини поттикна револуција во вештините, привлекувајќи го вниманието на креаторите на политики, компаниите и поединците кон важноста од континуирана обука за да се задоволат потребите на пазарот на трудот во ЕУ кој е во развој. Преку иницијативи. како Пактот за вештини, кој обезбеди обука за 3,5 милиони работници само во 2022-2023 година, градиме партнерства за инвестирање во работната сила за иднината. Како што Европската година на вештини официјално го се приближува до својот крај, мораме да го задржиме вниманието на вештините, наведува Шмит.

Еврокмесарот натаму се осврнува на новите правила на ЕУ со кои се отвора простор за подобрување на работните услови, заштита на работничките права, гарантирањето на социјалната заштита или можносите за стажирање на младите.

- Земјите членки бележат напредок во спроведувањето на Директивата за соодветни минимални плати, чиј краен рок за имплементација е ноември оваа година, наведува Шмит, потсетувајќи дека ЕК започна и косултација со социјалните партнери за регулирање на онлајн работењето, со цел да се обезбеди рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот и да се гарантира заштита на менталната и физичката благосостојба на работниците.

Шмит натаму во пораката потенцира дека клучна карактеристика на европската социјална пазарна економија е социјалниот дијалог, во чии рамки е ревидирана директивата на Европскиот совет за работа со што се зголемува улогата на работниците во процесот на консултации за значајни одлуки и е изработен Акциски за справување со недостигот на работна сила и стручно оспособени работници.

- Силна, флексибилна и конкурентна економија е можна само кога е придружена со силна социјална заштита и вклученост. Во текот на изминатите пет години, за време на мандатот на оваа Комисија, ние систематски ги вклучивме работничките права, правичноста и социјалната димензија во сите политики на ЕУ. Иако останува да се направи уште повеќе, можеме да бидеме горди на напредокот што го постигнавме. На сите Ви посакувам се најдобро на овој Ден на трудот, додава Шмит во пораката по повод 1 Мај. /МИА

Европски фронт: Ветингот, услов за нова Влада

Арта Билали Зендели, претставник на Европскиот фронт денеска на прес- конференција истакна дека ветингот ќе биде услов за новата Влада.

Според неа, без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата.

Во продолжение, целосниот говор:

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

Денеска ви ја претставуваме една од заложбите на политичката програма „Европа 2030“ на Европскиот фронт, спроведување на процесот на проверка за сите носители на политички функции и носители на големи одговорности во областа на судството и борбата против криминалот и корупцијата.

Без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата.

Владеењето на правото, правдата и доброто владеење гарантираат еднаква лојалност и одговорност за секој граѓанин пред законот. Борбата против корупцијата и организираниот криминал ќе продолжи да биде бескомпромисна, со нулта толеранција, но овојпат засилена со точноста на системот за проверка во законодавната, извршната, судската, обвинителството и секоја друга функција во централно и локално ниво, за именувани или избрани лица.

Ветингот ќе овозможи поголема транспарентност на богатството на кандидатите кои сакаат да преземат јавна одговорност и како се постигнува тоа богатство. Ова објективно следење ќе биде поттик за сите и можност за чесни човечки капацитети да излезат на површина за да им служат на потребите на луѓето.

Ветингот за корупција е неопходна категорија која еднаш засекогаш ќе ја затвори вратата за поединци кои го ставаат личниот интерес над општото.

Европскиот фронт за првпат инсистира и на примена на проверка на руското влијание и антидржавните служби за да се елиминира ризикот од дестабилизација и дезориентација на земјата од евро-американската ориентација.

Донесувањето на посебен закон за ветинг ќе биде најсилниот одговор против секоја тенденција за манипулација и злоупотреба на јавната положба.

притисни ентер