ЕВРО2024: Тројца избодени со нож во фан зона во Штутгарт

 Дваесет и петгодишен маж е приведен откако нападнал со нож навивачи во фан зоната во Штутгарт за време на натпреварот од Европското фудбалско првенство меѓу Чешка и Турција, јави денеска агенцијата ДПА.

Три лица се повредени во инцидентот што се случил во средата вечер додека навивачите на голем екран во фан зоната го следеле натпреварот од групната фаза меѓу Турција и Чешка.

Напаѓачот е обвинет за обид за убиство, соопшти обвинителството.

Тројцата повредени мажи се 19-годишен Германец и двајца турски државјани, на возраст од 38 и 60 години.

Турција ја совлада Чешка со 2:1 и се пласираше во осминафиналето на ЕВРО2024.

Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул денеска ја забрани овогодинешната Парада на гордоста во Истанбул и го затвори центарот на градот.

„Настанот нема да биде одобрен“, соопштија од канцеларијата на гувернерот, без да наведат причина.

„Илегалните групи повикаа на неовластен протестен марш“, се додава во соопштението.

Областа околу централниот плоштад Таксим е затворена за возила, а движењето на пешаците е под контрола. Полицијата претходната вечер веќе постави бариери во центарот на градот.

Активистите повикаа на протести во корист на правата на ЛГБТК лицата.

Владата со години се обидува да го спречи одржувањето на Парадата на гордоста. Минатата година беа приведени голем број лица.

Како што наведуваат локалните медиуми, хомосексуалните односи не се нелегални во Турција, но владините претставници и претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано изразуваат отворено непријателство кон ЛГБТК лицата. /МИА

Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори

 Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.

Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.

Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.

Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.

Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите. /МИА

За влез во земјава на „Табановце“ се чека два часа, на останатите премини околу еден час

Зголемена е фреквенцијата на сите гранични премини за влез во земјава, информираат од АМСМ за МИА. 

Најголем интензитет на сообраќај има на Граничниот премин „Табановце“, каде се чека околу два часа, додека на останатите гранични премини од АМСМ велат дека се чека по околу еден час.

Од АМСМ нагласуваат дека зголемен е интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини. Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер