Неповолната епидемиолошка слика ја остави Македонија надвор од границите на Унијата. Европскиот совет доцна попладнево ја објави листата на безбедни земји, кои од утре и во наредните две недели ќе можат слободно да патуваат во 27-те земји членки и уште во четири кои се дел од Шенген зоната. Зелено светло добија 15 светски држави. Единствени од Балканот се Црна Гора и Србија, а на списокот се најдоа и Грузија, Канада, Австралија , Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Мароко, Тунис, Алжир, Руанда и Кина за која ќе важат посебни услови. Сите останати следна шанса ќе имаат за две недели, кога ќе биде објавена нова ажурирана листа, а до кога третите земји ќе мора да исполнат три клучни критериуми.
-бројот на нови случаи во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот;
-земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена и
- начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.
Македонија во изминатите две недели имаше околу шест пати повисока стапка на заболени во однос просекот во ЕУ на 100 илјади жители. Сега фокусот на јавноста е насочен кон Грција, која за утре најави отворање на Евзони, како и официјална информација кој се би имал право да сообраќа преку овој граничен премин. Во денешната препораката на Унијата се вели дека земја членка може да олеснува мерки само за некоја од 15-те државите кои се на листата. За сите останати, неопходен ќе биде консензус од сите членки.
-Земја членка не смее еднострано да одлучи да ги олесни/укине рестрикциите за патување во ЕУ за одредена трета земја, која не е на листата, пред за таквото олеснување да биде одлучено на координиран начин, помеѓу земјите членки за таа држава, се вели во документот.
На листата очекувано не се најдоа САД, Русија и Бразил, како едни од најпогодените држави од Ковид-19. До почетокот на пандемијата низ Шенген зоната можеа слободно да патуваат граѓани од 105 светски земји.