Покрај доставувањето на голем број дози, ЕУ сака Вашингтон да обезбеди слободен проток на главните состојки на вакцините потребни за производство во Европа, се вели во извештајот на ФТ.
„Веруваме дека можеме да работиме со Соединетите држави за да осигуриме дека договорените обврски на производителите на вакцини кон Европа се целосно исполнети“, ја цитира FT Европската комисија.
Членките на Европската унија започнаа со вакцинација кон крајот на декември, но процесот е многу побавен отколку во другите богати земји, како што се Велика Британија и САД.
Како главна причина за бавниот напредок, официјалните лица наведуваат проблеми во снабдувањето од производителите.
Европската комисија и Италија оваа недела блокираа пратка на вакцината на АстроЗенека во Австралија, бидејќи производителот не ги исполнил своите договорени обврски кон ЕУ.
Англо-шведскиот производител на лекови е на удар на критики од Европската унија за одложеното доставување дози. Европската унија нарачала 300 милиони дози до крајот на јуни.
„Ние постојано работиме на подобрување на испораката и се надеваме дека ќе ги исполниме очекувањата за вториот квартал“, рече Паскал Сориот, извршен директор на „АстраЗенека“, пред европските пратеници на јавната расправа во февруари.
ЕУ исто така планира да го прошири својот концепт за овластување за извоз на вакцини против ковид-19 до крајот на јуни, изјавија за Ројтерс во четвртокот два извори на ЕУ.
Според концептот, компаниите мора да добијат одобрение пред да извезуваат вакцини, но и тие можат да бидат одбиени доколку не ги почитуваат своите договорени обврски кон ЕУ.
Европската комисија и AstraZeneca не биле достапни за коментар.