Еден загинат откако возило излета од патот Кичево-Охрид

Едно лице загина во сообраќајна несреќа што се случила ноќеска околу еден час по полноќ на магистралниот пат Кичево-Охрид, кога патничко возило „Фолксваген Голф", со охридски регистарски ознаки, излетало од коловозот.

Како што сопшти МВР, возилото било управувано од А.А. (46) од село Зајас, кој починал на местото на несреќата и чија смрт ја констатирал лекар од Медицинскиот центар Кичево.

Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на ОВР Кичево.

Ковачевски: Не закажувам јас седници

Не закажувам јас седници, ниту можам да му наредам на Собранието како ќе го спроведува Етичкиот кодекс.

Вие бегате од прашање, а не јас од одговор, затоа што наместо вие да му го поставите прашањето на претседателот на Собранието, ми го поставувате мене, а јас не сум негов портпарол, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од Драган Ковачки.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го повика претседателот на Владата да го осуди однесувањето на Талат Џафери кон собраниските служби бидејќи на прес-конференција на новинарите веќе им признал дека на телевизиската снимка од 11 мај е неговиот глас и нема сомнежи околу автентичноста на снимката. Праша и зошто неговиот сопартиец од СДСМ Панчо Минов не ја закажува седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по пријавата од пред две недели на ВМРО-ДПМНЕ за однесувањето на Џафери.

-Доколку не побарате од Минов да свика седница, а од Талат Џафери оставка, ќе покажете дека Етичкиот кодекс е мртов и дека повеќе не важи, рече Ковачки на седница посветена на пратенички прашања.

Претседателот на Владата Ковачевски во одговорот рече дека пристојноста во однесувањето нему му значи и тоа, рече, зависи лично од секој човек на кој начин комуницира и е предмет на етичките стандарди кон кои се придржува. Во однос на барањето за седница на Комисијата, одговори дека голем број седници на собраниските тела се откажани поради бојкотот на опозицијата и дека парламентарните седници не ги закажува премиерот.

-Уште првиот пат кога дадов изјава, реков дека не можам да му наредувам на Собранието на кој начин ќе го спроведува Етичкиот кодекс на однесување, туку за тоа постои соодветна Комисија. Исто така, не може на пратениците некој од надвор да им ги закажува седниците. Поради бојкотот на опозицијата во Собранието, голем број седници се откажани и голем број законски решенија не се носат. Ако може премиер да се јавува и тогаш веднаш да ги закажуваат седниците, тогаш да воспоставивме таква пракса. Но не може закажување на некоја седница, а на некоја не, да биде исклучок само затоа што некому тоа му одговара, рече Ковачевски.

Незадоволен од одговорот, пратеникот Ковачки рече дека премиерот Ковачевски „демонстрира класичен мазохизам и покажува дека е уценет".

-Не осудувате и се обидувате да релативизирате. Имате потврда од самиот Талат Џафери и треба да се одважите да го осудите овој чин, а не да поддржувате нецивилизирано однесување, рече Ковачки.

На говорот на премиерот процедурално реагираше Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека Ковачевски изнел неточни факти за блокада на опозицијата. Рече дека активна блокада подразбира дека вчера работеле од 11 до 23 часот и дискутирале и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

-Таа активна блокада ќе ја имате, нефункционирање на Собранието и незакажување седници ќе го барате во своите редови и за тоа не ја обвинувајте ја опозицијата, рече Мицевски, додавајќи дека не дошле на ред да се разгледаат две интерпелации што ги поднеле – за Бојан Маричиќ и за Љупчо Николовски.

Ковачки го праша премиерот и дали смета дека Талат Џафери е опасност/закана за национална безбедност зашто, како што рече, криел дека на средба со претставници на Европскиот муслимански форум минатата година присуствувал и Чеченецот Абдул Вајед Нијазов поранешен пратеник во руската Дума кој е поддржувач на претседателот на Русија Владимир Путин т.е. дека Џафери се сретнал со „лица кои се од безбедносен карактер".

-Како може да не ве интересира со кого се среќава вториот човек на државата и дали некој му наметнал да се среќава со нив, рече Ковачки и праша и дали премиерот знае кој иницирал изградба на споменик на Ахмат Кадиров во Тетово.

Премиерот одговори дека на 8 јули претседателот на Собранието имал средба со делегација на Европскиот муслимански форум во кој биле претставници од различни земји и дека содржината на разговорот на мултилатерално ниво како и секогаш, рече, е објавена во веста на веб-страницата на Собранието.

-Пред одржувањето на средбата, според вообичаената пракса, Собранието добива и позитивно мислење од МНР на Северна Македонија и информација дека делегацијата е примена од страна на домаќинот кој треба да ги прими. Вакви средби на претставници на Европскиот муслимански форум имале и други државници во регионот, а во 2018 истиот форум бил гостин и кај претседателот на Република Македонија во тоа време. Кога Европа и светот одржуваат конференции за борба со лажни вести и дезинформации, не е убаво нешто што е објавено и за што постојат записи и што било во минатото да се пласира како сензација која е навистина неточна и има за цел да нанесе штета, прво во Собранието, а и штета на државата, истакна Ковачевски.

Џафери кон ова додаде дека биле известени сите институции и јавноста преку медиумите.

–Така што, вие може да зборувате по однос на ова прашање што сакате, рече претседателот на Собранието.

Во однос на коментарите на социјалните мрежи за одењето на ќерката на премиерот на аудиенцијата кај папата во Рим, Ковачевски рече дека не се пречекорени протоколите и дека не е невообичаено државникот да поведе по свој избор кој било член од семејството. Такви примери, рече, имало и порано кај нас и во светот и дека и тој што го придружува искажува почит и чест кон домаќинот.

Ковачки до Ковачевски: Дали сметате дека Талат Џафери е закана за национална безбедност

Дали сметате дека Талат Џафери е закана за национална безбедност, дали сте горди што тој ви ја предводи коалицијата во Собранието?

„Денеска сме во континуитет на некое така заробено да речам Собрание, во кое што владее хаос, во кое што не владее демократија, во кое што се погазија сите принципи на демократијата. Континуитет на хаосот кој што е создаден токму од човекот позади мене, поточно од Талат Џафери кој што седи и претседава со седницава. И во тој контекст јас ќе продолжам понатаму односно ќе поставам неколку пратенички прашања кои што се однесуваат на произнесувањето од страна на премиерот односно претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, човекот кој што ја предводи Владата на ДУИ. На седницата од 11-ти мај оваа година, значи точно пред две седмици на собранискиот канал на МРТ целата македонска јавност имаше можност да слушне како еден претседател на Собрание кој што е избран од ова парламентарно мнозинство и тоа по втор пат како вулгарно, на нецивилизиран, на еден крајно примитивен начин се однесува кон службите кои што се вработени односно кои што треба да не опслужуваат сите нас", истакна Драган Ковачки, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија" на собраниска седница.

Ковачки потсети дека првиот пат Талат Џафери беше избран на нелегален начин.

„Истиот претседател на Собранието две недели се криеше, бегаше од јавноста, беше во странство, не даваше никаква изјава поврзана со настанот, со немилата случка што се случи. Меѓутоа еве како поминуваше времето значи не најде ниту засходно да се извини, туку напротив дополнително ги понижи службениците со тоа што вчера на прес конференција јавно призна дека пцуел. Тој кажа дека ја пцуел нивната неработа, а не ги пцуел нив. За нас како партија е крајно недозволиво токму од човекот кој што прв го потпишал етичкиот кодекс за однесување во Собранието најгрубо да го крши истиот кодекс и да бега од одговорност. Од друга страна пак нелигитимниот премиер најпрвин бегаше и не сакаше да коментира за да потоа се повика на немање сознанија дали снимките биле автентични. Значи премиерот не знаел дали тоа навистина се случило. Иако веќе следниот или денот после тоа заедно беа на натпревар со истиот човек Талат Џафери", појасни Ковачки.

Ковачки го запраша премиерот зошто на натпреварот Талат Џафери не го запраша за немилиот настан.

„Очигледно е дека премиерот се понадевал дека секое чудо за три дена ќе помине, па народот ќе го подзаборави примитивизмот на неговиот претседател на Собранието. Бидејќи премиерот очигледно се плаши да го праша Талат Џафери за снимките, еве тоа вчера го направија тоа новинарите, а тој истото тоа го потврди", рече Ковачки.

Ковачки додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата согласно Деловник поднесе пријава до Комисијата за деловничко мандатно - имунитетни прашања со која претседава коалициониот партнер на власта Панчо Минов. Поминаа две седници од немилиот настан, а комисија се уште до ден денешен не е закажана.

„Првото прашање до премиерот е што вие како премиер ќе преземете во врска со овој настан? Односно дали како премиер и како претседател на Социјалдемократскиот сојуз не мислите дека треба да го повикате, да поразговарате малку со него, да прашате зошто не е свикана седницата на Комисијата за деловничко мандатно - имунитетни прашања, дали еве сега откога имате јавно признание од Талат Џафери, да се распрашате дали е ова првпат што се случува, дали е континуитет на некои поранешни настани. Дали би побарале од коалициониот партнер Талат Џафери јавно да им се извини на службениците? Мислам дека е крајно непримерно од нечие непримерно поведение некој да трпи штета", го запраша Ковачки на денешната седница Ковачевски.

Тој дури го запраша Ковачевски дали како премиер ќе побара одговорност од вториот човек на државата.

„Второто прашање исто оди на нелигитимниот премиер Ковачевски, еве пет дена Ве повикуваме на прес конференции да се произнесете, најголемата македонска партија со најголем број на пратеници, со најголем број на градоначалници Ве повикува, а Вие бегате, молчите и се криете од Вашата партија не сакате ниту да искоментирате. Зошто? Затоа што сите знаеме дека тоа што го зборуваме е точно, ама Вие бегате затоа што не Ви одговара темата. И затоа на јавноста и нудите теми за малограѓанштина, а главните теми на кои треба да дадете одговори кои се од интерес на целата македонска јавност ги игнорирате. Така на пример еве деновиве Македонија е сведок и се занимава со тоа дали било по протокол што премиерот си го земал чедото со себе во Рим, во посета кај Папата. Тоа е показател колку во ова општество и кај политичари се загубија вредностите. Па, во политичкиот ранг се фрлаат ринг и децата. А, не се занимаваме со сериозен проблем како што е на пример средба на вториот човек во државата со луѓе кои се потенцијален ризик за нашите стратешки партнери. Па, моето прашање ќе биде поставено до премиерот и се однесува повторно на Талат Џафери за кого ние сметаме дека со своето поведение е опасност за националната безбедност. Како партија го прашавме Талат Џафери за таа чудна средба, но не одговори на македонската јавност и не и објасни. Зошто ја криеше средбата, однос криеше на таа средба на која што присуствувал и имало и лица кои што се од безбедносен карактер и кога планираше да ја извести јавноста за тоа", запраша Ковачки.

Ковачки посочи дека не се одговори и од кого потекнала идејата за споменикот на Ахмат Кадиров односно на таткото на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченците кој се бори во Украина. И премиерот за ова се уште молчи и не дава одговори иако треба да одговори на јавноста на ова прашање.

„Дали сметате дека Талат Џафери е закана за национална безбедност? И дали сте горди што тој ви ја предводи коалицијата во Собранието", пратеникот Ковачки го запраша Ковачевски во однос на немилите настани кои што се случија поврзано со Талат Џафери.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

О. Кавадарци утре ќе одржи јавно извлекување на граѓани за субвенции за купување на велосипед

Градоначалникот на Општина Кавадарци денеска преку својот профил на фејсбук ги информира своите сограѓани дека  утре во просториите на општината ќе се одржи јавно извлекување  на граѓани за субвенции на дел од трошоците за купување на велосипед 

-Утре во 13:00 часот во големата сала на Општина Кавадарци, ќе се одржи јавното извлекување за надомест на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Кавадарци, за купување велосипеди за 2022 година.

Секој што сака има поднесено барање за надомест за велосипед може да присуствува, напиша градоначалникот Јанчев на Фејсбук.

притисни ентер