Еден Словенец загина во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините во областа Крањ.
Околностите на смртта се уште се утврдуваат, соопшти полицијата за агенцијата. Се чини дека смртта во Камник е последица на поплави, а на планините од удар на гром. „Околностите на смртта се уште се утврдуваат“, изјави Маја Адлешич Циперле од полицијата.
Рекордните врнежи, кои главно предизвикаа поплави во северниот дел на Словенија, не се ни при крај, предупреди метеорологот Бране Грегорчич од словенечката агенција за животна средина (Арсо).
Главниот дел од најсилните врнежи ќе се движи кон југоисток од земјата, а потоа долж границата со Хрватска кон североисток. „Времето си го направи своето“, рече Грегорчиќ на прес-конференција. Според него, количината на врнежи што паднала за 12 часа била поголема од најверојатните сценарија, на места наврнале и околу 200 милиметри врнежи на метар квадратен.
Поплави има на Крка, Сава, Драва и Дравиња, изјави хидрологот Јанез Полајнар.
Врнежите ќе продолжат, тешки услови се очекуваат денеска на југоисток од Словенија, особено во областа Кочевски, во областа Купа и Бела Краина долж хрватската граница. Утре во текот на денот врнежите ќе ослабат, а во недела навечер ќе престанат, изјави Грегорчич.
Командантот на цивилната заштита Сречко Шестан рече дека на многу места пристапот до загрозените области е невозможен. Од кампот Менина со хеликоптер мораше да се извлечат неколку лица, а има и проблеми со комуникацијата. Полицијата извести за неколку загинати, но се уште нема конкретни информации за околностите.
Ситуацијата е најтешка во Корушка, понекогаш дури и хаотична, изјави за СТА провинцискиот командант за цивилна заштита Алан Матијевич. Надојдената река Мислиња го урна мостот на главниот пат Дравоград-Словењ Градец во Отишки врв, непроодни се и неколку други патишта, многу области се поплавени, а на места нема вода за пиење и сигнал од мобилен телефон.
„Ситуацијата не се подобрува, се уште имаме вонредна состојба, имаме огромен број подрачја под вода, патиштата се отсечени и поплавени, мостовите пропаднати“, рече Матијевич. Според досегашните податоци, голем дел од инфраструктурата во регионот е уништена и поплавена.
Поради надојдените реки Меже и Мислиња и поројниот дожд има многу барања за евакуација на луѓето, но моментален проблем се непроодните патиштата, како и влошувањето на времето поради што не може да се бара помош од хеликоптер, рече Матијевич.
Регионот побара и дополнителни вреќи против поплави, но во моментов не можат да ги добијат поради прекинатата сообраќајна врска меѓу Корушка и другите делови на Словенија.
Поради поплави и одрони затворени се многу патишта, меѓу кои и некои поголеми. Според податоците на Центарот за сообраќај и информации за државни патишта, затворени се некои делови од главните патни правци Дравоград-Марибор, Дравоград-Равне на Корошкем и Дравоград-Словењ Градец.
Поради тешките временски услови и поплавите, комуналните претпријатија во западните и северните делови на земјава ги повикуваат жителите да зовриваат или користат флаширана вода. Мерките во моментов важат за голем дел од Горењска, како и за одредени области на Приморска, Корушка, Савињска долина и централна Словенија.