Договорот од Преспа на дневен ред на Комисијата за надворешна политика во грчкиот Парламент

Договорот од Преспа и владините позиции беа една од темите кои грчките пратеници ги поставија пред министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас на денешниот прв состанок во грчкиот Парламент.

Пратеничката од Нова демократија, Дора Бакојани, одговори на шпекулациите во медиумите дека владејачката партија предизборно и постизборно настапила со различни позиции за Договорот од Преспа, пратеникот од СИРИЗА надлежен за надворешна политика и поранешен шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос рече дека треба и Грција без отстапки да го спроведува договорот, а Дендиас говореше општо за надворешната политика, jави дописничката на МИА од Атина.

Темата на состанокот, што се одржа во два дела, беше Дендиас да ги извести членовите за прашањата што се во негова надлежност. Во првиот дел, шефот на грчката дипломатија имаше обраќање, по што следеа претставниците на партиите кои поставија прашања до министерот за надворешни работи на Грција. Вториот дел пак, во кој Дендиас одговараше на прашањата, се одржа зад затворени врати.

Првиот состанок на комисијата по формирање на составот на новиот грчки Парламент, со обраќање го отвори министерот за надворешни работи Никос Дендиас, кој рече дека „Грција по една деценија во услови на криза, го направи својот избор да ја надмине интровертноста и да ја засили нејзината позиција во светот ".

Шефот на грчката дипломатија истакна дека „за земја како Грција, којашто нема неисцрпни финансиски ресурси", Министерството за надворешни работи може да го зголеми капацитетот на земјата преку неколку цели меѓу кои: надградба на грчкото учество во ЕУ и меѓународните организации во кои што членува; дополнително подобрување на односите со соседните земји; зајакнување на врските со традиционалните сојузници како што е САД, но и продлабочување на односите со Франција, Италија и Германија; зајакнување на грчката економска дипломатија во странство итн.

Поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеник од Нова демократија, Дора Бакојани рече дека во изминатиот период се шират гласини во Грција дека во однос на Договорот од Преспа, партијата сменила став откак дојде на власт и објасни дека тие се со непроменето мислење, договорот има основни недостатоци, но не можејќи да направат ништо, бидејќи е веќе изгласан од грчкиот Парламент, тогаш, како што рече, ќе се придржуваат до него и ќе го почитуваат.

Бакојани им се обрати на колегите пратеници, истакнувајќи дека Нова демократија предизборно „потенцираше во и вон Парламентот дека кога еднаш веќе се изгласа Договорот, тоа е Договор што ќе биде во сила и оти не постои никаква можност да се поништи и промени".

-Вториот аспект на прашањето што се однесува на спроведување на договорот особено во прашањето со македонските производи е пред нас. Со тоа ќе управуваме онака како што најави премиерот од Солун. Третото прашање е интегративниот процес на Северна Македонија во Европа. Тоа нешто што не е почнато уште. Кога ќе почне грчката надворешна политика со голема внимателност ќе ги третира поглавјата за отворање/затворање врз основа на нејзините интереси, рече Бакојани.

Пратеникот од СИРИЗА надлежен за надворешна политика и поранешен шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во обраќање на Комисијата, упати неколку забелешки, коментирајќи го излагањето на Бакојани истакна дека „не може да се почитува предавство, не може да се почитува национално штетен договор", но им посочи на претставниците на владејачката партија дека и тие треба да го почитуваат и спроведуваат Договорот од Преспа и да го користат новото име.

-Сѐ додека ние не го спроведуваме без варирање, како што бараме од другите да го спроведат без варирање договорот, одземаме сила од нашите аргументи. Јас апсолутно се согласувам со политиката со која барате од Северна Македонија неопходно да го спроведе договорот и така треба за прашањата за производите, кои се обидовме да ги обезбедиме преку договорот. Но, како можеме да го направиме тоа кога ваши членови и понатаму одбиваат да ја наречат соседната земја со името што го предвидува Договорот од Преспа, рече Катругалос.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, откако потсети дека на 15 март 2019 беше формирана парламентарна група за пријателство во Северна Македонија, побара објаснување од актуелниот министер за надворешни работи на Грција, дали и во грчкиот Парламент ќе се формира ваква група. /МИА

Ново детско катче и простор за одмор на ул. "Ѓорѓи Димитров"

Прекрасниот неделен сончев ден го искористија децата кои живеат во непосредна близина на улицата ,,Ѓорѓи Димитров”. 

Во голем број излегоа да уживаат на новото детско катче и новиот терен за мал фудбал. Просторот е надополнет со урбана опрема и зеленило, така што претставува нова локација за одмор и дружење и за повозрасните.

-Се работи за ново детско катче, нова урбана опрема, клупи, нова подлога и игралиште за мал фудбал со вештачка трева на улица ,,Ѓорѓи Димитров”. Најмладите наши жители, за нивната детска игра непречено да тече, добиваат ново детско катче и терен за фудбал, а повозрасните генерации ќе можат да уживаат во зеленилото и урбаната опрема која ја нуди ова место.Сето ова, хортикултурно уредено за да естетски изгледа уште поубаво овој парк. Мојот народ од овој дел на Кисела Вода добива реконструирано катче каде ќе можат да се сретнат, да одморат, да се рекреираат или едноставно да уживаат на отворено. Промените се случуваат и продолжуваат секој ден, нема запирање-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Мундо Депортиво: Во понеделник ќе се решава судбината на Чави во Барселона

Раководството на Барселона утре ќе одлучи за иднината на тренерот на тимот Чави, пишува Мундо Депортиво.

Според шпанскиот спортски весник, 44-годишниот фудбалски стручњак ќе се сретне со претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта. Се наведува дека средбата може да има каков било исход.

Чави во јануари најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот од актуелната сезона. Во април тој објави дека се премислил и ќе продолжи да работи во клубот.

Подоцна, се појави информација дека Барселона не е задоволна од јавните коментари на Чави за финансиските проблеми на клубот.

По 36 одиграни кола, Барселона (79 бодови) е на второто место во шпанската Ла Лига. /МИА

Велешанец собирал печурки, во коленото му влегол проектил од огнено оружје

 Велешанец при собирање печурки почувствувал убод во левата нога. По лекарски преглед,  од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје.

- Во СВР Велес вчера во 11 часот, 63-годишниот Д.Ј.од Велес, пријавил дека при собирање печурки во атарот на село Лисиче, Општина Чашка, почувствувал убод на левата нога, по што во Општа болница Велес му бил извршен преглед и од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје, информира денеска Татјана Ѓуровска од СВР Велес.

Таа додаде дека за настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес и дека се преземаат мерки за негово расчистување.

притисни ентер