Џастин Бибер пристигна во Мумбаи- ќе пее на свадбата на најбогатиот Индиец (ВИДЕО) - Канал 5

Џастин Бибер пристигна во Мумбаи- ќе пее на свадбата на најбогатиот Индиец (ВИДЕО)

Пејачот Џастин Бибер слета во Мумбаи, Индија, каде ќе настапи на свадбата на индискиот милијардер Анант Амбани.

Џастин Бибер пристигна во Мумбаи- ќе пее на свадбата на најбогатиот Индиец (ВИДЕО)

Неговиот настап се очекува да биде врв на вечерта на која ќе настапат познати личности од целиот свет.

Бибер е снимен во Мумбаи каде го привлече вниманието на минувачите и папараците. За пристигнувањето во Индија избра необична модна комбинација – широка розова маичка и црвена капа.

Свадбата на 29-годишниот Анант Амбани со неговата сакана од детството Радика Мерчант треба да се одржи на 12 јули. Пред самата церемонија, најбогатиот човек во Азија, Мукеш Амбани, по повод венчавката на неговиот син Анант, правеше разни забави за своите гости.

Најпрво организираа повеќедневна прослава во март, каде пееше Ријана, а настапи и американскиот магионичар Дејвид Блејн. На забавата присуствуваа многу милијардери.

Потоа, во мај, дојде редот на четиридневното луксузно крстарење. Според извештаите на индиските медиуми, свеченоста започнала со ручек за гостите кои се качиле на луксузниот брод за крстарење на 29 мај, кој тргнал на 4.380 километри долго патување од италијанскиот град Палермо до јужна Франција и назад, а иамло и гала вечера, организирана со тема „Ѕвездена ноќ“, во која учествувале Бекстрит Бојс.

Мукеш Амбани е најбогатиот човек во Азија и познат нафтен и телекомуникациски тајкун. Пред шест години, Мукеш ја омажи својата ќерка Иша со екстравагантна свадба. За неа пееше Бијонсе, а дочекот беше организиран на италијанското езеро Комо, но подоцна и во Мумбаи и Раџастан.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Памела Андерсон за борбата со хепатитис Ц: Докторот ми кажа дека имам уште 10 години

Кога на Памела Андерсон ѝ беше дијагностициран хепатитис Ц кон крајот на 1990-тите, немаше лек. 

Памела Андерсон за борбата со хепатитис Ц: Докторот ми кажа дека имам уште 10 години

Во говорот на гала вечерата на amfAR во Венеција, ѕвездата на „Спасувачка служба“ се потсети на тој период.

„Тоа беше смртна пресуда. Докторот ми рече дека веројатно ми остануваат уште десет години живот“, рече таа. „Сигурна сум дека тоа влијаеше на моите одлуки. Не беше стравот од смртта, туку стравот за моите мали деца. Мојот живот целосно се промени“, додаде Андерсон. Лек за таа вирусна инфекција беше пронајден на почетокот на 2010-тите, а до 2015 година, Андерсон беше излечена, иако ги потроши сите свои заштеди на терапија, пишува Variety.

Во неделата вечерта во Венеција, ѝ беше доделена наградата за храброст на amfAR. Оваа непрофитна организација е посветена на борбата против епидемијата на ХИВ и СИДА, а исто така финансира и истражувања за хепатитис Ц, што е честа коинфекција кај луѓето со ХИВ.

Од дијагноза до враќање на сцената

„Моето искуство со срам и вина беше исто така несвесен процес. Останува со мене“, рече Андерсон. „Исто како и сексуалната злоупотреба што ја претрпев како дете, се чувствував како „оштетена стока“. И така се претставив себеси.“

Иако вели дека сè уште не се опоравила целосно од шокот од дијагнозата, искуството ја поттикнало да се врати на глумата. Таа имала значајни улоги во „Последната шоугерл“, „Голиот пиштол“, „Кршење розови грмушки“ и „Место каде да се биде“, чија премиера беше во среда на Венецискиот филмски фестивал.

„Ја пронајдов мојата вистина преку работата и барав начини да се изразам преку уметноста. Тоа ми даде сила и исполнет живот во кој можам да создавам“, заклучи таа. „Јас не сум жртва, јас сум победник. Јас сум силна и способна, повеќе отколку што некогаш би можела да сонувам. Јас не сум дама во неволја, колку и да е лесна таа улога да се игра.“

Аукција за amfAR и награда за Марина Абрамович

Програмата на гала вечерта, што се одржа во хотелот Хилтон Молино Стаки, ја водеше Таика Ваитити. Освен Андерсон, наградата ја прими и концептуалната уметница Марина Абрамович, на која Орландо Блум ѝ ја додели наградата за инспирација. „Повеќе од пет децении, Марина бестрашно ги поместува границите на телото, умот и човековата издржливост, и со тоа длабоко го прошири нашето разбирање за тоа што може да биде уметност“, рече Блум.

Аукционерот Сајмон де Пури ја водеше хуманитарната аукција. Сликата „Цвеќиња“ од Енди Ворхол беше продадена за 160.000 евра, а продуцентката Моника Бакарди купи обетки од Шопард за 140.000 евра. Посетата на снимањето на филмот „Господар на прстените: Лов на Голум“ во Нов Зеланд, заедно со средбата со актерите, достигна цена од 90.000 евра.

Највредниот предмет го донирала самата Абрамовиќ. Нејзиниот пакет, кој вклучуваше дигитално дело „Бавно одење“, ручек што самата ќе го готви во својот стан и лекција за „Методот на Абрамовиќ“, беше продаден за 500.000 евра. По продажбата, уметникот стана и го поздрави купувачот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Британија сака да го санкционира Израел, од таму одговорија: Ќе ги признаеле Фокландските острови за аргентински

Високи израелски функционери синоќа повикаа на контрамерки против Велика Британија. 

Британија сака да го санкционира Израел, од таму одговорија: Ќе ги признаеле Фокландските острови за аргентински

Реакцијата следеше по медиумските извештаи дека Лондон се подготвува да воведе нов пакет санкции против Израел.

Остри одговори од израелските министри

Министерот за финансии Безалел Смотрих побара итно протерување на британскиот амбасадор. На социјалната мрежа X ја обвини британската влада за антисемитизам и рече дека „британскиот мандат во земјата Израел е завршен“. Смотрих, исто така, тврди дека британската влада се обидува да го одвлече вниманието од сопствените економски и социјални проблеми со напаѓање на Израел.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир повика на воведување израелски санкции врз Велика Британија. Тој, исто така, предложи Израел да го признае суверенитетот на Аргентина над Фолкландските Острови, кои се администрирани од Обединетото Кралство и за кои тврди Аргентина.

„Време е Државата Израел официјално да признае дека Фолкландските Острови се окупирана аргентинска територија што Британците насилно ја одзедоа од аргентинскиот народ“, напиша тој на платформата X. Бен-Гвир, исто така, ја обвини Велика Британија за експлоатација на нафтените ресурси околу островите и го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да воведе санкции врз Велика Британија сè додека окупацијата продолжува.

Најава за британски мерки

Израелскиот Канал 15 објави дека се очекува Велика Британија да објави санкции уште во вторник, што би вклучувало забрана за производи од израелски населби во окупираниот Западен Брег. Минатиот вторник, израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, исто така, се закани со реципрочни чекори доколку Велика Британија преземе мерки против Израел.

„Доколку Велика Британија преземе мерки против Државата Израел, Израел ќе преземе мерки против Велика Британија. Имаме алатки за тоа“, изјави тој за весникот Једиот Ахронот. Неговите коментари беа одговор на прашањето за можните британски санкции поради плановите за проширување на населбите во зоната Е1 во окупираниот Источен Ерусалим.

Истиот ден, британскиот министер за надворешни работи, Ед Милибанд, изјави дека Лондон ќе објави сеопфатен пакет мерки против населбите во наредните недели.

Контроверзното проширување на населбите

Во август, израелските организации за човекови права Ир Амим, Бимком и Мир Нау објавија дека властите распишале тендер за изградба на 1.234 станбени единици. Ова е дел од нелегалниот проект за населба Е1 во окупираниот Источен Ерусалим. Според овие организации, поширокиот проект предвидува изградба на околу 3.400 станбени единици.

Според палестинските податоци, на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, живеат околу 750.000 израелски доселеници. Тие се наоѓаат во 156 нелегални населби и 360 таканаречени предградија. Напади од доселеници со цел насилно раселување на Палестинците од нивната земја се евидентираат речиси секојдневно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Марко Рубио со честитка: САД се горди што стојат покрај Македонија како доверлив сојузник и партнер

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка по повод Денот на независноста на Македонија.

Марко Рубио со честитка: САД се горди што стојат покрај Македонија како доверлив сојузник и партнер

– Во име на американскиот народ, упатувам најтопли честитки до народот на Северна Македонија, додека славите 35 години независност. Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај Северна Македонија како доверлив сојузник и партнер. Северна Македонија игра важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста низ целиот регион преку нејзината посветеност на нашата заедничка одбрана и соработка во борбата против тероризмот и напорите за сајбер безбедност – се наведува во честитката од Рубио објавена на веб страницата на Стејт департментот.

Американскиот државен секретар го поздравува континуираниот раст на економското партнерство, вклучително и преку овогодишниот Стратешки дијалог во Вашингтон.

– Заедно, ги унапредуваме можностите во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и другите сектори за зајакнување на просперитетот во двете наши земји. Ви посакуваме радосен Ден на независноста и континуиран мир, безбедност и просперитет во годините што доаѓаат – истакнува Рубио.

Честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати и Амбасадата на САД во Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер