Џафери се обрати на четвртата конференција на претседатели на Парламенти на евроазиските земји

Имаме толку многу да понудиме како земји, имаме толку многу да учиме едни од други, толку многу да споделиме. Пред се, имаме огромен потенцијал кој се уште не е ниту половично искористен. 

Ова вчера во своето обраќање го истакнал претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на четвртата конференција на претседатели на Парламенти на евроазиските земји на тема „Поголема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство".

Како што соопшти собраниската прес-служба, главната цел на овој форум е да се воспостави директен мултилатерален дијалог, а на маргините и билатерален дијалог меѓу претседателите на законодавните тела на Европа и Азија, како и на лидерите на меѓународните и интерпарламентарните организации за понатамошно продлабочување и проширување на соработката на овој простор.

Џафери во своето обраќање порачал дека е потребно откривање и воспоставување нови, силни мостови на соработка меѓу земјите од двата континента и пошироко, односно интензивна економска соработка и трговска размена со цел обезбедување на безбеден и одржлив развој за сите региони подеднакво.

– Доаѓаме од различни држави, со различни државни уредувања, со различни билатерални и мултилатерални односи помеѓу нас, односно договорни законски рамки кои не секогаш се реципрочно воспоставени, или пак не се воопшто воспоставени. Тие нееднакви односи, произведуваат и нееднаков развој на регионите. Наша одговорност како законодавци е да изнајдеме и овозможиме начини за заемна заштита на интересите на нашите држави и изнаоѓање модуси за слободно одвивање на економската соработка меѓу земјите, слободно движење на луѓето и услугите, научната, културната, образовната, медицинската, туристичката и секаква друга соработка меѓу земјите, нагласил Џафери.

За да се овозможи тоа, како што се наведува, потребно е поврзување со патна, железничка, воздушна и друга инфраструктура, меѓутоа, пред се потребен е дијалог, директен, отворен, без ракавици.

– Имаме толку многу да понудиме како земји, имаме толку многу да учиме едни од други, толку многу да споделиме. Пред се, имаме огромен потенцијал кој се уште не е ниту половично искористен. Од друга страна, глобализацијата, покрај огромните предности, носи со себе и софистицирани закани против кои само заедничкиот, координиран одговор може да биде успешен. Затоа, да градиме мостови на доверба, да воспоставиме искрени и партнерски односи, за подобар, еднакво развиен и пред сѐ, безбеден свет за нас, за нашите деца и сите идни генерации, потенцирал Џафери во своето обраќање.

На конференцијата се очекува усвојување на Заедничка декларација на претседателите на Парламенти во насока на понатамошниот развој на евроазискиот континент кон заедничката иднина. /МИА

Полските земјоделци ја прекинаа повечемесечната блокада на границата со Украина

Полските земјоделци денеска ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина. 

Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска.

Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска.

Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската унија да интервенира. /МИА

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка

 Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка откако неговата одлука да се откаже од коалицискиот договор на СНП со шкотските Зелени доведе до владина криза.

-Иако патот низ барањето недоверба за владата оваа недела беше апсолутно возможен, јас не сум подготвен да ги променам моите вредности и принципи или да склучувам договори со некого само за да ја задржам власта, кажа премиерот.

Затоа, додаде Јусаф, „откако го поминав викендот размислувајќи за тоа што е најдобро за мојата партија, за владата и за земјата што ја водам, заклучив дека поправка на нашите односи преку политичкиот јаз може да се направи само со некој друг на чело“.

-Од тие причини, ја известив националната секретарка на СНП за мојата намера да се повлечам од позицијата лидер на партијата и барам што поскоро да се почне со конкурсот за мој наследник“, рече Јусаф.

Тој истакна дека ќе остане прв министер на Шкотска се додека не биде избран неговиот наследник како лидер на СНП. /МИА

Кина со предупредување до САД поради законот за Тајван и законот за ТикТок

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Јиан денеска изјави САД да не спроведува „негативни делови од законот што се „однесуваат на Кина“.

Доколку САД упорно опстојат на својата одлука, Кина ќе преземе решителни чекори за да ги заштити своите безбедносни и развојни интереси, посочи Лин, без да наведе детали.

Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за зајакнување на одбраната на Тајван, како и законот со кој се бара од кинескиот сопственик „БајтДенс“ (ByteDance) на ТикТок да ја продаде платформата во рок од една година.

Владата на Тајван го поздрави новиот американски закон оценувајќи дека ќе помогне во зачувување на безбедноста во регионот. /МИА

притисни ентер