Димитров: „Возиме сите напред кон ЕУ, таму каде што припаѓаме"

„Почитувани скопјанки и скопјани, денес тукушто завршивме една убава иницијатива – возевме на велосипеди, на точаци, низ победничко Скопје.

„Ако сакаме да бидеме здрава нација, треба да обезбедиме соодветна инфраструктура за велосипедите" Никола Димитров, носител на листа во изборната единица 1 од коалицијата „Можеме", кој утрово заедно со ко-носителката Мила Царовска предводеа колона велосипедисти од Паркот на новинарите преку центарот на градот и населбата Аеродром, до Градскиот парк во Скопје. Иницијативата беше отворена за сите граѓани љубители на велосипедизмот, кои им се придружија на носителите во голем број, покрај на велосипеди, имаше и скопјани кои дојдоа со електрични тротинети и ролери.

„Почитувани скопјанки и скопјани, денес тукушто завршивме една убава иницијатива – возевме на велосипеди, на точаци, низ победничко Скопје. Симболот, мотото беше: Возиме сите напред кон ЕУ, таму каде што припаѓаме. Државата ни полни 29 години оваа година, долго време сме низ тунелот, на еден чекор сме до пристапни преговори со Европската Унија. Имаме огромна шанса и имаме намера да ја зграпчиме и да ја искористиме.

Во среда 15 јули, вие одлучувате дали ќе одиме напред. Од едната страна имаме напредок, од другата страна имаме враќање назад и буквално, пустош и катастрофа. Немојте да мислите дека некој друг ќе одлучи. Вашиот глас е важен, секој глас е важен. Излезете, гласајте дадете правец каде сакате да ни оди нашата Македонија.

Меѓу другото, сакаме да дадеме и политичка поддршка на велосипедскиот транспорт, и во Скопје и во другите градови, и меѓуградскиот велосипедски транспорт. Ако сакаме да бидеме здрава нација, треба да обезбедиме соодветна инфраструктура за велосипедите."

Средба на министерот Нухиу со претставници од Амбасадата на САД

Денеска министерот за внатрешни работи  на  Република Македонија д-р Агим Нухиу одржа работна средба со  Хит Вард, Регионален офицер за безбедност и Ендрју Мофат, Втор секретар во политички сектор при Амбасадата на Соединетите Држави во Скопје.

На средбата од страна на соговорниците беше потврдена досегашната извонредна меѓусебна соработка, а од страна на министерот Нухиу беше изразена благодарност за поддршката во јакнењето на капацитетите на министерството изминатиов период, која со несмален интензитет ќе продолжи и во иднина.

Министерот Нухиу и американските претставници разговараа и за вонредните парламентарни избори кои се спроведоа во нашата држава, како и за активностите и превентивните мерки кои Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности, ги презема во справување со глобалната пандемија со Ковид - 19.

На средбата присутните се согласија дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е битен елемент во градење на доверба на државата и државните институции на патот кон Европската Унија, а Соединетите Американски Држави остануваат наш докажан стратешки партнер, стои во соопштението од МВР.

Во Тетово намален бројот на активни случаи со КОВИД-19

Кризниот штаб при општина Тетово по денешниот состанок оцени дека се намалуваат случаите на заболени со КОВИД-19, образложувајќи го тоа со намалување на бројот на активни случаи споредено за изминатите две недели.

Центарот за јавно здравје денеска бележи два нови случаја.

-Од почетокот на пандемијата во Тетово и петте околни општини, вкупниот број на дијагностицирани е 1063, а од нив досега оздравеле 769 лица, 80 починале, со што бројот на активни случаи изнесува 214. За среќа, во Тетово и регионот продолжува трендот на намалување на нови случаи, додека бројот на оздравени е во пораст, со што од минатата недела до денес бројката на активни случаи е значително намалена од 276 на 214 лица, истакна градоначалничката Теута Арифи.

Од Секторот за внатрешни работи информираа дека во Тетово и околните општини вкупниот број лица кои се наоѓаат во изолација со одлука и самоизолација е 378.

–Апелираме со посебен акцент до младите луѓе да не се собираат во поголеми групи и да ги почитуваат мерките за физичко растојание, да носат заштитни маски и да внимаваат на личната хигиена. Исто така, деловните субјекти и стопанствениците строго да ги почитуваат протоколите и заштитните мерки, бидејќи за да се избориме против оваа пандемија мора да ја докажеме нашата решеност и високо ниво на општествена и граѓанска одговорност, истакна Арифи.

Во текот на изминатото деноноќие, за неносење заштитни маски изречени се прекршочни платни налози на 21 лице. Нема прекршувања кај контролите на 346 луѓе со решенија за изолација дома. /МИА

Штипската болница набави нов респиратор

Штипската Клиничка болница набави нов респиратор со сопствени средства, информираше на денешната прес-конференција директорот Ален Ѓеорѓијев.

Забележа дека станува збор за ултра модерен апарат, а ќе се користи во интерес на здравјето на пациентите. Апаратот е набавен со средства од буџетот на болницата и изнесува 1.800.000 денари.

– Овој апарат е во топ три во светот по квалитетот што го има и уште една работа, која е многу важна, има и дополнителни функции и ваков апарат има само уште една клиника во земјава, а тоа е Клиниката за кардиологија и во ниту една друга јавна и приватна здравствена установа, вели Ѓеорѓијев.

Во моментов на Инфективното одделение се хоспитализирани 34 пациенти со коронавирус, а 11 пациенти се сомнителни и се чекаат резултатите. Инаку во Инфективното одделение е хоспитализиран и 46-годишен маж, кој пред месец и половина го прележал коронавирусот и имал два негативни тестови. Но, пред неколку денови повторно е заразен и е на болничко лекување. Ова е прв пациент во Брегалничкиот регион којшто по вторпат е заразен со овој вирус.

Ѓеорѓијев истакна дека пациентите кои болнички се лекуваат се доминатно од Штип, но има и од Виница, Берово, Кочани, Пробиштип.

-Постапките за поставување на монтажната Ковид болница течат. Инженерите од двете штипски јавни претпријатија „Исар" и „Стипион" се во комуникација, во делот на поставување на водовод и канализација, вели Ѓеорѓијев.

Најави дека изградбата и поставувањето на монтажните бараки на просторот меѓу Педијатрија и Инфективното одделение ќе биде во септември.

Директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова вели дека денеска имаат пристигнато 10 позитивни резултати, а на пунктот со упат од матичен лекар тимот има земено над 55 брисеви. Инаку вчера е починат пациент од Штип од коронавирусот, а станува збор за свештеник./МИА

притисни ентер