Дете било нападнато од три ајкули, сестра му го спасила од сигурна смрт: Сѐ беше во крв

Осумгодишниот Финли Даунер од Велика Британија, кој минатата недела беше на одмор на Бахамите, со семејството го посетил Компас Кеј, заштитено пристаниште во кое може да се плива со ајкули.

Но, забавата набрзо ја прекинала крик - додека бил во базенот, го нападнале најмалку три бебиња ајкули, а последиците биле страшни - осумгодишното дете останало со парчиња месо обесени на двете нозе .

Преплашеното момче го спасила неговата 12-годишна сестра, која го одвлекла на сигурно. Излетот со пливање во базенот со ајкули чинел 200 фунти по човек.

Нивниот татко, 44-годишниот Мајкл, резервирал луксузен одмор со своите три деца Финли, Лили (9) и Емили (12), а пакетот вклучувал патување на пет острови.

Даунер рекол дека децата виделе ајкули како пливаат во блиската лагуна покрај толпа луѓе, но не биле свесни дека туристите, пред да заминат, фрлаат кон нив остатоци од храна.

„Одеднаш слушнав преплашен крик и видов десетици ајкули како кружат околу Финли“, изјавил Даунер за The Sun.

„Имаше толку многу крв. Висеа парчиња од ногата. Мојот син можеше да биде мртов. Тоа беше како сцена од Jaws.

Откако медицинската сестра го извлекла од водата, момчето било пренесено во најблиската болница.

Семејството се вратило дома во Кетеринг откако таткото платил лет од 2.000 фунти за да го однесе Финли во Насау, главниот град на Бахамите, на тричасовна операција.

Тој вели дека е бесен затоа што туристичките водичи му рекле дека ајкулите се безбедни и покрај тоа што Финли сега мора да користи инвалидска количка додека раните на нозете му зараснуваат.

Сепак, операторот Exuma Escapes објавил дека семејството отишло без водич до лагуната која не била користена на нивната турнеја.

Нивната веб-страница наведува дека ајкулите во Компас Кеј „првично биле донесени како домашни миленици, но, откако се здобила со популарност, Компас Кеј се претворил во светилиште“.

„Ајкулите се мазни на допир додека пливаат и се тријат со вашите нозе. Имаат кафеава боја и обично не им пречи да бидат покрај други ајкули и луѓе.'

Инаку, ајкулата долга приближно еден и пол метар по правило не напаѓа, освен ако не е испровоцирана.

Во чест на Мирко Попов промоција на винил издание - ПОП КУЛТУРА

 Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари - ПОП КУЛТУРА, во рамки на платформата „Силата ЕУ Младите“.

Настанот е во чест на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“, која ја издаде плочата.

Како што соопштија од тимот „Силата ЕУ Младите“, компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.

Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу Силата ЕУ Младите“, Македонско Улично Радио и Лабораториум.

Платформата „Силата ЕУ Младите“, е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.

- Во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во Лабораториум, се вели меѓу другото во соопштението од тимот на „Силата ЕУ Младите“.

Битолскиот театар на меѓународен фестивал во Рума, Србија

Актерите на НУ Народен театар-Битола, Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов вечер во Рума, Србија на тамошниот меѓународен театарски фестивал ќе ја одиграат претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ.

Фестивалот е со натпреварувачки карактер и освен македонските актери во конкуренција се и актери на театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.

Театарската претстава „Кислород“ е фокусирана на проблемите во животот, потребата на човекот да живее, или како што велат битолските актери, да се живее живот полн со љубов, среќа, емпатија и солидарност.

Претставата „Кислород“ почнува во 21 часот и ќе се одигра на сцената на Градски театар во Рума. /МИА

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

притисни ентер