Делчевчани подарија 48 крвни единици на денешната крводарителска акција

Успешно спроведена редовната крводарителска акција за месец јули во Делчево. Денес, како што информираа од делчевскиот Црвен крст, хуманите граѓани ја надминаа очекуваната бројка, при што делчевчани подариле 48 крвни единици.

– Акцијата која ја организираше Општинската организација на Црвен крст, може да ја окарактеризираме како успешна, бидејќи очекувавме од 30 до 40 крвни единици, но и покрај топлото време на наше изненадување и задоволство собравме безмалку 50 крвни единици, за што искрено им се заблагодаруваме на крводарителите, истакнаа од Црвен крст Делчево.

Акцијата како што додадоа, се спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина – Скопје и Одделението за трансфузиологија при Јавната здравствена установа „Гоце Делчев" од Делчево.

За време на реализирањето на крводарителската акција беа почитувани сите мерки и препораки за заштита од вирусот Ковид-19.

Стојанов: Никој не знае до кога ќе трае КОВИД-от, но животот мора да тече

 КОВИД-19 ги напаѓа и старите и младите, и со коморбититети и без коморбидитети. Нема правило. 

Ова е сè уште нова инфекција за сите нас, ни треба повеќе време за да направиме релевантни статистики. Излезе дека вирусот се прилагодува и на зимско и на летно време. Сепак, оптимист сум и мислам дека трендот на заболени е во намалување, не во зголемување, вели директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов.

Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, д-р Стојанов истакнува дека медицинските работници се преморени, но не е прашањето само дали тие ќе издржат, туку и дали целокупниот здравствен систем финансиски ќе може да го поднесе „товарот".

Медицински персонал не можеме да увеземе, додава Стојанов, а клучно во борбата против КОВИД-19 е почитувањето на мерките за заштита.

Според докторот, сега младите се поактивни и се поизложени на вирусот, а пензионерите повеќе внимаваат. Младите кои ќе завршат на респиратор, предупредува, имаат големи проблеми

-Се трудиме колку можеме. Многу полесно ќе ни беше ако бројките беа двоцифрени, затоа што и болниците ќе се справуваа со помал број пациенти, центрите за јавно здравје помалку ќе тестираа, лабораториите ќе беа покомотни, ама, за жал, еве тоа не се случува. Се случува многу полека, јас пак сум оптимист и мислам дека трендот е во намалување, не е во зголемување, но не е само дали ќе издржиме, прашањето е и дали системот финансиски ќе издржи. Оти правиме многу големи трошоци, а немаме адекватна економска помош. И тој момент мора да се земе в предвид. Мора да се земе в предвид дека луѓето се изморени и им треба одмор на сите, барем по една недела, ние правиме некои напори, да пуштаме луѓе кај што може, но немаме друго решение освен да се работи секојдневно, ние работиме и саботи и недели и празници, нагласува директорот.

Во однос на почетокот на школската година, тој е дециден дека никој не може да каже кога ќе престане целата ситуација или кога бројките ќе се намалат за да биде безбедно одењето на настава, а децата мора да учат. Проблем ќе биде, нагласува, кај класовите со повеќе ученици. Во ваков случај опција би било да се седи помалку на час и да има по три смени или половина одделение да оди на настава една недела, а половина да работи од дома, а потоа обратно. Но, треба да се процени и дали ќе има доволно наставици.

-Децата мора да учат зашто оваа ситуација може да потрае подoлго време. Никој точно не може да каже кога ќе престане ова, кога ќе се намалат бројките за да биде побезбедно одењето во школо. Дали ќе ги држиме децата уште две години дома? Мерките се општи и важат за сите: дистанца, маска и дезинфекција. Но, како тоа да се спроведе во школите зашто и поголемите деца не ги почитуваат мерките, а нешто мора да се направи за да на изостануваат од училиште. Сепак, животот мора да тече, децата треба да бидат образовани. Истото се однесува и на градинките и на школите, вели д-р Стојанов.

За високата смртност во земјава, пак, смета дека има два момента, здравствениот систем и начинот на пријавување. Тој е дециден и гарантира, како што вели, дека од почетокот на епидемијата сè е транспарентно, сè е јавно кажано до детаљ и не е сигурен дека е така и во другите земји.

-Со тешките случаи најдобро се справи здравствениот систем на Германија, со тоа што уште од времето Германија има по глава на жител најголем број на интензивна нега, комплетно опремена со сè што треба. Ние не сме тој тип на држава со такво јако здравство. Другиот момент е што ние уште од почетокот значи сè што почина и во болница и надвор од болница и постмортем им земавме брисови и не сме промашиле ништо, затоа што мислевме дека во семејства каде што ќе почине некој и ако се земе брис и излезе дека е позитивен дека треба да се внимава на контактите, да се изолираат. Знам земји каде луѓе починати надвор од болница не беа воопшто ставени во таа статистика, нагласува директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов во интервјуто за Радио Слободна Европа..

ВМРО-ДПМНЕ:Над 550 студенти не добија платежни картички

Над 550 студенти не добија платежни картички, институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите!

Власта на СДСМ не успеа да се справи со пандемијата создавајќи тотален хаос во државата. Без ни малку срам ги извисија студентите за домашна платежна картичка затоа што дел од нив останаа без денар доделен од Владата. Група од околу 550 студенти на УКИМ кои иако ги исполнуваат критериумите не добиле платежни картички.

Како може МОН во време на најмодерна технологија да нема основен регистар со број на студенти во државата?

Наместо постапката на објавување да биде целосно транспарентна за на списокот да не се најдат некои што не требало да се таму очигледно власта свесно пред избори изврши класичен поткуп.

Власта го крши уставното право сите студентите да имаат еднакви можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на пандемијата. Со тоа Власта докажа дека платежната картичка за купување домашни производи е класичен поткуп. И претходно апелиравме дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите и да им овозможат тоа што го ветуваа пред избори.

Власта предводена од СДСМ свесно со поткупот за жал го поткопува образованието.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Клиниката за неврологија: „Водич за справување со невролошки заболувања во услови на ковид 19“

Со растечкиот број заболени од COVID-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем.

Универзитетската клиника за неврологија изготви Водич за справување со невролошки заболувања во услови на Ковид-19 пандемија, кој содржи стручни препораки и насоки во однос на следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици, и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со Ковид-19. Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (EAN).

Водичот содржи посебни поглавја во однос на невролошките заболувања и ковид-19, како и генерални препораки за имуносупресивна/имуномодулаторна терапија кај пациенти со невролошки заболувања, како што се пациенти со мултипла склероза, миастенија гравис, невромускулни заболувања и неинфламаторни заболувања на централниот нервен систем.

- Со растечкиот број заболени од COVID-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од COVID19. Сознанијата за COVID-19 секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија не е дефинитивен. Се наоѓаме на турбулентен терен со постојани динамични промени кои бараат следење и збогатување на знаењата и токму тоа е основната идеја за изработка на овој краток водич, кој треба да биде рамка во која неврологот со своето знаење и искуство ќе направи процена и ќе донесе одлуки за третман запазувајќи го индивидуализираниот пристап кон секој пациент, се посочува во воведот на овој водич.

притисни ентер