Цонга по пет сета се пласира во полуфиналето на Ролан Гарос - Канал 5

Цонга по пет сета се пласира во полуфиналето на Ролан Гарос

Францускиот тенисер Жо-Вилфред Цонга по пет сета игра успеа синоќа да го совлада четвртиот носител Кеи Нишикори (Јапонија) и со тоа да избори полуфинале и да го повтори резултатот од 2013 година на Ролан Гарос.

Цонга по пет сета се пласира во полуфиналето на Ролан Гарос
Цонга ги доби првите два сета со 6:1 и 6:4, но Нишикори врати добивајќи го следните два со 6:4 и 6:3. Во решавачкиот сет беше 6:3 за Цонга.

Инаку, овој меч беше во прекин од 30-тина минути во вториот сет, бидејќи дел од покривната конструкција се откачи од силниот ветар и повреди еден гледач.

Ривал на Цонга во полуфиналето ќе му биде Стан Вавринка, кој со 3:0 во сетови (6:4; 6:3 и 7:6) го победи вториот светски тенисер Рожер Федерер. За Вавринка ова е прво полуфинале на Ролан Гарос.

Денеска од четвртфиналните мечеви кај мажите ќе играат: Новак Ѓоковиќ против Рафаел Надал и Енди Мареј против Давид Ферер.

Во женска конкуренција вчера во четвртфиналето Ана Ивановиќ ја победи Елина Свитолина со 2:0 во сетови, а Луси Сафараова со истиот резултат беше подобра од Гарбине Мугуруза.

Денеска од 14 часот почнува програмата на Ролан Гарос. На теренот Филип Шатрие (централен) играат Серена Вилијамс – Сара Ерани и на теренот Сузан Леглан е мечот Тимеа Башински и Алисон Ван Ујтванк. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

И утре сончево и релативно топло време, дожд од петок и за време на викендот

Утре времето ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност, информираат од УХМР.

И утре сончево и релативно топло време, дожд од петок и за време на викендот

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА

14 Попова Шапка, 18 Крушево, 22 Претор, 23 Маврови Анови, Берово, Прилеп, Крива Паланка, Охрид, Виница, 25 Битола, Тетово, 26 Зајчев Рид, Штип, Велес, Кавадарци, 27 Скопје Петровец, Демир Капија, Струмица, 28 Гевгелија.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денес беше сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Дуваше слаб до умерен јужен ветер. До крајот на денот ќе биде стабилно со мала до умерена локална облачност.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Утрото ќе биде ведро, а во текот на денот сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Услови за врнежи од дожд ќе има во западните планински делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.

Во Скопје, сончево и релативно топло со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 27 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Утре утрото ќе биде постудено, а во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Во петок, во деновите од викендот и во вторник времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Утринските температури ќе бидат во пораст.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русија по мистериозната смрт: Нема ризик од епидемија на чума

Руската служба за здравствен надзор, „Роспотребнадзор“, денес соопшти дека не постои епидемиолошки ризик за населението во источносибирскиот регион Иркутск по смртта на вработена во локалниот институт за истражување на чума.

Русија по мистериозната смрт: Нема ризик од епидемија на чума

„Роспотребнадзор“ го пријави случајот во Светската здравствена организација (СЗО), а лицата кои биле во контакт со починатата работничка биле тестирани за заразни болести. Резултатите не покажаа знаци на инфекција ниту присуство на опасни патогени.

„Целосно се спроведени превентивни и противепидемиски мерки и не постои епидемиолошки ризик за населението во Иркутск или во регионот Иркутск“, соопштија од „Роспотребнадзор“.

Сомнеж за чума по смртта на вработена во институтот

Случајот привлече внимание бидејќи починатата била 28-годишна жена која работела во институт за истражување на чума. По нејзината смрт постоеше сомнеж за инфекција со чума, но руските власти тврдат дека во институтот не се случил никаков лабораториски инцидент.

Според „Роспотребнадзор“, жената починала од пневмонија со непознато потекло, а во нејзините примероци не биле пронајдени микроорганизми поврзани со работата на институтот.

За каква болест станува збор?

Пневмоничната чума е една од најтешките форми на болеста предизвикана од бактеријата „Yersinia pestis“. Таа може да се пренесе преку респираторни капки, а третманот со антибиотици може да биде ефикасен доколку се започне доволно рано. СЗО побара информации за случајот од руските власти во согласност со Меѓународните здравствени прописи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

25 години СОС Детско село – четврт век поддршка што менува животи

Под слоганот „Менуваме животи“, СОС Детско село одбележа 25 години постоење и работа во Македонија со јубилеен настан во Македонскиот народен театар, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

25 години СОС Детско село – четврт век поддршка што менува животи

Дваесет и пет години можат да се раскажат низ датуми, бројки и настани. Но вистинската приказна на СОС Детско село се раскажува низ животите што се промениле, децата кои добиле сигурност тогаш кога им била најпотребна, семејствата кои добиле поддршка да останат заедно и младите луѓе кои денес самостојно ја градат својата иднина.

Во изминатите 25 години, СОС Детско село промени повеќе од 6.090 животи.

Зад таа бројка не стои само статистика, туку илјадници лични приказни, различни почетоци, предизвици, успеси и нови можности.

„Домот не е само куќа ниту покрив над главата, туку место во кое ги учиме лекциите за блискост, припадност и доверба. За многу деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС Детско село“, - порача претседателката Сиљановска- Давкова, честитајќи го јубилејот и нагласувајќи дека вложувањето во децата е вложување во нивната, но и во нашата заедничка иднина.

Денес СОС Детско село работи на превенција и зајакнување на семејствата, советување и поддршка на родители и деца, поддршка и развој на згрижувачките семејства, како и подготовка и поддршка на младите на патот кон самостоен живот. Во основата на сите овие услуги е една иста цел секое дете да расте во сигурна и поддржувачка средина и да добие вистинска можност да го развие својот потенцијал.

„Кога велиме дека низ овие 25 години сме поддржале повеќе од 6.090 животи, зборуваме за илјадници надежи, предизвици, успеси и нови почетоци. Зад секоја од тие бројки има нечие име, нечие детство, нечија борба и нечија шанса животот да тргне во поинаква насока. Тоа е вистинското значење на овие 25 години и тоа е нашиот најголем успех“, истакна Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село.

Јубилејот беше и благодарност до сите оние кои низ годините ја граделе и поддржувале мисијата на СОС Детско село, згрижувачите и стручните тимови, институциите, компаниите, донаторите, партнерите, здруженијата, медиумите и пријателите на организацијата.

Јубилејната вечер ги стави во фокус и луѓето зад мисијата. Преку лични приказни, музика и сценски изведби, програмата покажа што значи поддршката кога ќе стигне во вистинскиот момент.

По 25 години, СОС Детско село со гордост гледа на изминатиот пат, но уште повеќе гледа напред, кон општество во кое секое дете ќе има сигурност, љубов, поддршка, чувство дека припаѓа и вистинска можност да верува во себе.

Затоа што понекогаш е доволен еден човек да направи разлика.

А кога цела заедница ќе одлучи да биде тука - МЕНУВАМЕ ЖИВОТИ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер