Цените на нафтата се задржаа на над 78 долари за барел

Цените на нафтата денеска се стабилизираа над нивото од 78 долари на меѓународните берзи, поддржани од загриженоста за снабдување по прекинот на извозот од ирачки Курдистан.

На лондонската берза цената на барелот по пладне беше повисока за 32 центи од вчерашното затворање и изнесуваше 78,44 долари. Вчера ја затворија трговијата со добивка од 3,13 долари.

На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по повисока цена за 26 центи, од 73,07 долари. Вчера ја затворија трговијата во плус од 3,55 долари.

Вчера на берзите преовладуваше загриженост за понудата поради прекинот на извозот од ирачки Курдистан, што се совпадна со заклучокот на инвеститорите дека интервенциите на регулаторите во САД и Швајцарија ја отстранија заканата од банкарска криза и ризикот за економскиот раст и побарувачката за нафта.

Извозот на околу 450.000 барели дневно од ирачки Курдистан преку Турција е запрен откако арбитражниот суд потврди дека извозниците мора прво да добијат дозвола од Багдад.

Суспендирањето на извозот до крајот на годината би значело за Barclays до три долари повисока цена на нафтата оваа година во споредба со сегашната прогноза од 92 долари, соопшти британската банка.

Цените на нафтата се поддржани и од индикациите за закрепнување на побарувачката во Кина. Увозот на сурова нафта во Кина се очекува да се зголеми за 6,2 отсто оваа година на 540 милиони тони, според проценката на одделот за истражување на China National Petroleum објавена вчера.

Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави денеска дека Русија мора да се фокусира на зголемување на извозот на енергија во „пријателските“ земји кои не воведоа санкции против неа, истакнувајќи дека испораките на нафта во Индија биле 22 пати повисоки минатата година отколку во 2021 година.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека вчера цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки се зголемила за 39 центи, на 75,01 долар.

Бабовски во Брисел ги презентира постојните и идните мерки во справувањето со африканската чума

-Годинава во Република Македонија досега кај питомата популација свињи евидентиравме седум жаришта на болеста, од кои шест кај мали одгледувачи, кои одгледуваат по неколку свињи за сопствени потреби.

Актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа, нужноста од преземање на координирани активности за нејзина контрола и искоренување, но и можни нови мерки кои би се презеле во иднина во оваа насока, се дел од темите на кои вчера и денес во Брисел дискутираа земјите членки на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во рамки на 21 состанок на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа.

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на член на ова тело кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската Унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентираше актуелната состојба со оваа болест во земјава и ги објасни сите досега преземени превентивни и мерки за контрола и ерадикација на болеста и идните чекори во справувањето со неа.

-Годинава во Република Македонија досега кај питомата популација свињи евидентиравме седум жаришта на болеста, од кои шест кај мали одгледувачи, кои одгледуваат по неколку свињи за сопствени потреби. За жал, погодена беше и една голема комерцијална фарма во село Таринци каде биосигурносните мерки беа имплементирани на највисоко ниво, но и покрај тоа моравме да убиеме и нештетно да отстраниме дури 8.514 свињи. Епидемиолошката истрага не покажа поврзаност на ова жариште со другите кои беа евидентирани во државата, истакна Бабовски во својата презентација.

Во рамки на активниот и пасивниот надзор на дивите свињи, како што кажа, од тестираните 2.838, оваа година позитивни на болеста африканска чума кај свињите беа 85 животни, наспроти 36 во 2022 година од тестираните 2.920 диви свињи во рамки на активниот и пасивниот надзор.

-Посветено го спроведуваме активниот и пасивниот надзор и кај питомата популација свињи за контрола на вирусот, преку кој за жал беше детектирано и присуството на африканска чума кај свињите во комерцијалната фарма во Таринци. Иако присуството на вирусот кај питомата популација свињи во земјава за прв пат беше потврдено во јануари 2022 година, уште од 2018 година почнавме со преземање на сериозни чекори и мерки за подготовка за соочување и борба со оваа болеста. Сфаќајќи ја сериозноста и големината на економската штета која може да биде нанесена на свињарството во нашата држава, која не е увозно зависна од свежо свинско месо, уште од 2018 година сконцентрирани бевме на превенцијата. Активно работевме на зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, евидентирање на сите одгледувачи на свињи во Ветеринарно информативниот систем на АХВ, спроведување на мерки за депопулација на свињи кај индивидуалните сточари кои одгледуваат животни за сопствени потреби, а посветено бевме вклучени и во иницирање и спроведување на информативни кампањи за запознавање со болеста и подигнување на биосигурносните мерки на сите вклучени во системот, почнувајќи од производителите и ловџиите па се до потрошувачите, појасни Бабовски.

Како дел од подготвителните мерки беше спроведувањето на симулациски вежби за справување со болеста, зајакнувањето на контролата кај патниците во координација со Царинската управа, засилување на отстрелот на дивата популација свињи особено во пограничните региони. Во презентацијата Бабовски додаде и дека во насока на зголемување надзорот, АХВ разви и стави во функција мобилна апликација за пријавување на угинати диви свињи, за што е обезбеден и финансиски надомест.

-Подобрување на соработката со ловџиите и ловните друштва за унапредување на пасивниот надзор, продолжување со спроведувањето на кампањи за подигнување на јавната свест за опасноста од болеста, категоризирање на ловиштата врз основа на степенот на имплементираност на биосигурносните мерки и нивно унапредување, се дел од предизвиците на кои Агенцијата ќе ги насочи активностите во справувањето со африканската чума кај свињите во иднина. Во контекст на унапредување на постојните, но и воведување на нови можности и мерки, планирано е зајакнување на надзорот над болеста со употреба на нови технологии како што се дроновите, заклучи Бабовски.

Косовската полиција изврши претрес на пет локации на северот на Косово

Косовската полиција изврши претрес на пет локации на северот на Косово во врска со инцидентот во Бањска

Во три општини на северот на Косово утринава се извршени проверки од страна на косовската полиција во врска со вооружениот напад во селото Бањска што се случи минатиот викенд. Косовската полиција информира дека претресите се во координација со ЕУЛЕКС и КФОР.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани изјави дека претресите се поврзани со настаните во Бањска и дека почнале утрово околу шест часот. Акцијата завршила еден и пол час подоцна, односно во 7:30 часот. Нема уапсени лица.Претрес, како што пренесе Радио Слободна Европа , извршен е и во близина на ресторанот „Греј“, кој се претпоставува дека е во сопственост на Ема Радоичиќ – сопругата на Милан Радоичиќ, потпретседателот на партијата Српска листа, кого косовските власти го обвинија оти учествувал во нападот во Бањска.

Според Косово онлајн претрес е извршен и во Градската болница во Северна Митровица, а директорот на болницата изјави дека полицијата ги земала снимките од видеонадзорот и искршила неколку врати.

Демократскиот сојуз: Ковачевски да го повлече закон за амнестија

Господине Ковачевски, немојте да се мачите да пишувате амандмани на закон кој го предлага Владата со која Вие раководите. Амандмани ќе има илјадници и бидете сигурни дека законот нема да помине!

Демократскиот сојуз бара од премиерот Димитар Ковачевски да го повлече новиот Предлог-закон за амнестија, бидејќи овој закон е политички пазар помеѓу коалиционите партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците и продолжение на неодамнешните измени на Кривичниот законик со кои брутално е нападнат правниот поредок.

Господине Ковачевски, немојте да се мачите да пишувате амандмани на закон кој го предлага Владата со која Вие раководите. Амандмани ќе има илјадници и бидете сигурни дека законот нема да помине!

Инаку, знаете ли на што личите сега со најавата за амандмани? На јавноста ѝ испраќате порака: „ИМАМ СВОЕ МИСЛЕЊЕ, НО НЕ СЕ СОГЛАСУВАМ СО ИСТОТО“.

Демократскиот сојуз нагласува дека Владата го урниса системот на владеење на правото и ги загрози евроинтеграциите на Македонија.

Воедно ја повикуваме Европската унија да изгради јасен став во врска со измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за функционерите, како и за најновиот предлог закон за амнестија со кој ќе се амнестираат лица сторители на тешки кривични дела.

Повеќе од јасно е дека сето ова, како и најавите за дополнителни амнестии се прави наводно за да се изгласаат уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат вградени во Уставот, а суштината е неказнивост на функционерите и да се остане ден повеќе на власт.

Демократски сојуз

притисни ентер