Бројот на заразени надмина две илјади, попуштаат рестриктивните мерки

Вкупниот број луѓе кај кои е потврден коронавирусот во земјава вчера надмина две илјади, односно достигна 2014 од почетокот на епидемијата. 

Тие се дијагностицирани во точно три месеци откако на 26 февруари кај нас беше потврден првиот позитивен на КОВИД-19. Оздравени се 1453, 116 пациенти починаа, а активни случаи има 445. Ноќва што помина беше последна со полициски час кој беше воведен на 22 март.

Владата донесе одлука од денеска да престане важењето на забраната за ограничено движење, а угостителските објекти да почнат да работат од утре. За нив има прецизирани протоколи во зависност дали се затворени или имаат тераси.

Од 1 јуни 2020 ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на тековните активности, како што се работа од дома, патување за работа во Скопје, организирање на работниот процес со ротации… Таа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа – за просторни услови, физичко растојание, носење лична заштита итн. Ова нема да важи за хронично болните, а отстапка засега ќе има и за родители на деца до 10 години или деца од предшколска возраст затоа што сè уште нема одлука за отворање на градинките.

Одлуката за попуштање на мерките е донесена врз основа на исполнети услови, анализа и стручно мислење на епидемилозите од Комисијата за заразни болести, рече премиереот Оливер Спасовски, соопштувајќи ги одлуките кои беа усвоени вчера попладне на владина седница.

Тие произлегле од две, како што ги нарече премиерот – суштински причини: првата е дека состојбата е под контрола и бројот на активни случаи е стабилен, а втората причина е поради високото стручно и професионално ниво и подготвеност со кои здравствениот систем е поставен да може успешно да одговори на предизвиците.

Претстои одлука за отворање на државните граници и Комисијата за заразни болести е задолжена од Владата да направи прецизна проценка за нивното отворање и да подготви протоколи за влез и излез од земјава. Тоа воедно ќе се однесува и на отворањето на аеродромите. Одлуката за границите, рече премиерот, Владата ја прави во координација со земјите од регионот.

-Со секоја од нив имаме одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји. Второ задолжение за Комисијата е да подготви соодветни протоколи за работа на хотели и за начин на работа со посетители и за работа, рече Спасовски.

Владата на седница вчера усвои и прецизен протокол за постапување при влез во земјава на сите македонски државјани. Според него, задолжителелниот државен карантин за наши државјани кои од странство се враќаат со хуманитарни летови или со конвои се заменува со домашна изолација доколку при влегување на територијата на нашата држава приложат негативен ПСР-тест на КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се спроведени во објекти за државен карантин, исто така, отсега ќе може на свој трошок да направат ПСР-тест во објектот каде што се сместени. Доколку резултатот е негативен, лицето ќе биде упатено во домашна изолација.

Тоа што деновиве имавме зголемен број нови дијагностицирани на коронавирус според премиерот се должи на непочитување на рестриктивните мерки од претходната фаза, но кластерите се познати. Посочи дека македонското здравство реагирало соодветно и навремено и оцени дека добро се справило со КОВИД-19, а сите одлуки на Владата, рече, се носат врз основа на стручни анализи и препораки.

Никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата и по отворање на границите и дали таа ќе остане ваква или повторно, рече премиерот, ќе бидеме приморани да воведуваме рестриктивни мерки.

-Сето тоа се прашања кои зависат исклучиво од нашето однесување. Клучна улога е почитување на мерките и колку сите ќе придонесеме да не се зголемува бројот на заразени. Вирусот е тука и нема да исчезне преку ноќ. Ќе биде тука додека не се стекне имунитет и додека да се најде вакцина, рече Спасовски, апелирајќи дека затоа е исклучително важна заштитата – физичката дистанца и носењето заштитна опрема.

Претседателот на Комисијата за заразени болести д-р Жарко Краџовски соопшти дека не очекува зголемување на бројот на заразени, иако, рече, може да има инцидентни случаи, како што беа во изминатите денови од разни свечености на кои не се почитуваа забраните за собирања, движење и за близок респираторен контакт.

-Лично не очекувам зголемен број дотаму да ние да не можеме да го држиме под контрола, рече Караџовски. Соопшти дека пет градови во кои има познати кластери на вирусот се држат под контрола, познати се лицата во изолација и се знаат нивните непосредни контакти во изминатите 15-ина дена. /МИА.

Грција воведува шестдневна работна недела

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела.

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела, а обврската ќе важи за државните служби, комуналните претпријатија, банките, фирмите, организациите и земјоделските стопанства кои досега практикуваа петдневна работна недела, пишува inNewspaper.

Според законот, работниот ден дополнително работно време не може да трае подолго од осум часа, а не е дозволена прекувремена работа. Оваа одредба, која стапува во сила од 1 јули, не мора да ја следат работодавачите на фирми кои по својата природа не се континуирани, односно до сега не работеле пет дена во неделата. Има и други исклучоци.

Во однос на ограничувањата, вработен во шестиот работен ден не смее да работи повеќе од 8 часа и не е дозволена прекувремена работа. Во случај фирмите да имаат петдневни ноќни смени (00:00-06:00 часот), тогаш шестиот ден може да не работат во ноќна смена.

Американците се згрозени од снимката на наставник како претепува ученик,додека другите гледаат

Наставник (27) претепал ученик кој наводно го навредувал на расистичка основа, а инцидентот се случил пред очите на другите ученици во училиштето Валеи во Лас Вегас.

Во вознемирувачкото видео е снимено како наставникот му удира шлаканици на ученикот, па го фрла на земја и го клоца пред насобраните средношколци.

Според првичните информации, ученикот го нарекол наставникот „црнец“, што резултирало тој да се налути и да се соочи со младиот човек.

Откако видеата беа објавени во јавноста, полицијата ги уапси наставникот и ученикот, а локалните власти известија дека на 27-годишниот маж отсега ќе му биде забрането да предава во областа.

По нападот ученикот бил примен во болница каде се уште е таму поради повредите со кои се здобил во нападот.

Наставникот, меѓу другото, е обвинет и за нанесување тешка повреда и бил пуштен со кауција од 9.000 долари, а судењето е закажано за подоцна.

Во музејот на Битлси во Ливерпул е изложен познатиот јапонски сервис за чај на Џорџ Харисон

Јапонскиот сервис за чај, купен од англискиот гитарист, пејач и поранешен член на Битлси Џорџ Харисон во 1966 година за време на турнејата на Битлси низ Јапонија, е изложена во музејот на Битлси во Ливерпул.

Сервисот, еден од трите купени од Харисон во Јапонија, му го подарил менаџерот на турнејата Нил Аспинал на неговиот син Роаг Бест, кој сега го води музејот на Битлси.

Како што изјави, на тридневната турнеја, Битлси свиреле за повеќе од 10.000 луѓе по концерт.

„Битлеманијата навистина ја погоди Јапонија. Тие не можеа да ја напуштат хотелската соба“, рече Бест, кој е син на Аспинал и Мона Бест и полубрат на Пит Бест, оригиналниот тапанар на Битлси.

Тој изјавил дека неговиот татко, маскиран, го придружувал Џон Ленон, додека еднаш излегувале од хотел во Токио, еднаш излегол и Пол Макартни со маска, но Ринго Стар и Харисон останале заклучени во собите.

„Тие сакаа да купуваат работи на турнеја, но бидејќи не можеа да излезат, луѓето ги носеа своите производи во нивните соби. Џорџ купи три многу украсени јапонски чајни комплети кои потоа ги испрати назад во Англија. Чуваше еден, татко ми дозволи тој да избира од преостанатите два, а третиот и го дал на мајка си“, рекол Бест, пренесува Би-Би-Си.

Сервисот е префрлен во Ливерпул, во куќата на Мона Бест, сопственик на клубот „Касба“.

Бест изјавил дека на сетот недостасуваат три чаши кои ги скршил кога имал 15 години.

Тој додаде дека се надева дека сервисот за чај ќе биде од особен интерес за фановите на Битлси од Јапонија кои го посетуваат музејот во Ливерпул.

„Фан клубот на Битлси е еден од најголемите по членство и има околу 40.000 фанови. Мислам дека ова ќе им се допадне“, рече Бест.

притисни ентер