Битиќи: Креираме нови и добро платени работни места

Две нови инвестиции во Битола до крајот на годината, вели Битиќи.

За четири години покажавме што значи да се работи одговорно и отчетно во интерес на граѓаните, за четири години направивме сериозна позитивна трансформација на секој сегмент од општеството, истакна потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи на вечерашната трибина „Најдоброто за нашата општина" во Битола.

- За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, беа потрошени 250 милиони евра пари на граѓаните за да се креираат 15.000 работни места. Ние за 4 години обезбедивме 90.000 работни места, а за тоа само минатата година имавме потрошено 70 милиони евра, за разлика од 250 милиони евра за само 15.000 работни места. И тоа не беше доволно, во 2017 година одлучивме дека ставаме крај на отворање нови работни места кои се сиромашни работни места, затоа што тие креираат сиромаштија. Да не заборавиме дека минималната плата од 9.000 денари ја зголемивме на 14.500 денари и тогаш од опозицијата се противеа на тоа зголемување велејќи дека со тоа покачување економијата ќе крахира. Денеска минималната плата е 15.200 денари а просечната речиси на 29.000 денари и економијата не е крахирана, порача Битиќи.

Потпретседателот Битиќи најави нови инвестиции во Битола, потенцирајќи дека работните места кои ќе се отворат таму ќе бидат со минимални плати многу повисоки од законскиот минимум.

- Ние денеска преговараме за отворање на дополнителни нови 1.250 работни места ви Битола и сме пред потпишување на Договор за инвестиција од веќе постоечка фабрика, но под услов дека ќе добијат поддршка од државата само ако минималната плата што ќе ја дадат биде 22.500 денари. Е тоа е разлика, 9.000 наспроти 22.500 денари. Дали тоа е доволно? Не е, но е многу повеќе отколку 9.000 денари. Во преговори сме и за втора инвестиција, американска компанија, која ќе отвори 350 нови работни места. Зборуваме дека најдоцна до крајот на годината за две нови инвестиции во зоната во Жабени, со 1.600 нови вработувања. Така се сака татковината, не со зборови туку со работа. Нам не ни требаат ниту реклами ниту потплатени медиуми, ни требате вие затоа што вашиот глас вашето задоволство е тоа што не води напред, заклучи Битиќи на трибината во Битола.

Локалните избори во Србија и изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за недела, 2 јуни, распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа во Србија.

Во своето обраќање во српскиот парламент, Брнабиќ рече дека распишувањето на локалните избори за 2 јуни, кога ќе се одржат и изборите во Белград, е резултат на „успешниот дијалог“ и усвојувањето со двотретинско мнозинство во парламентот на измените и дополнувањата на законот за локални избори.

- Среќна сум што испративме порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани претставници сме способни да постигнеме договор и покрај сите наши разлики. Ваквиот договор е победа на сите одговорни луѓе, рече претседателката на српскиот парламент.

Веднаш потоа, претседателот на привремената управа на Белград, Александар Шапиќ, за недела, 2 јуни, распиша избори во 17 белградски општини.

Шапиќ рече дека од денеска почнуваат роковите за спроведување на изборните дејствија.

- Им посакувам среќа на сите учесници на изборите и на граѓаните кои покрај претставниците во собранијата на градските општини избираат и свои претставници за Собранието на град Белград, рече Шапиќ.

Украина ги повлекува американските тенкови „Абрамс“ од првата борбена линија

Украина ги отстрани борбените тенкови „Абрамс М1А1“ од фронтот, потврдија двајца американски воени претставници. 

Ваквиот потег тие го објаснија со тоа што руските беспилотни летала ја отежнале операцијата на тенковите.

Украина ги отстрани борбените тенкови „Абрамс М1А1“ од фронтот, потврдија двајца американски воени претставници. Ваквиот потег тие го објаснија со тоа што руските беспилотни летала ја отежнале операцијата на тенковите.

САД се согласија да испратат 31 „Абрамс“ во Украина во јануари 2023 година по агресивната повеќемесечна кампања на Киев. Украинците тврдат дека тенковите, кои чинат околу 10 милиони долари по парче, се клучни за нивната способност да ги пробијат руските линии.

Пет од 31 тенк веќе се изгубени во руските напади. Висок американски воен функционер, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека ширењето на беспилотните летала на украинското бојно поле значи дека „нема отворен терен преку кој можете само да возите без страв дека ќе бидете откриени“.

Дека тенковите се поместени од линијата на фронтот потврди и потпретседателот на Здружениот Генералштаб Кристофер Грејди, но најави и дека Вашингтон ќе му помогне на Киев да подготви нова тактика.

-Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масивниот оклоп во средина каде што се присутни беспилотни воздушни системи може да биде изложен на ризик. Ќе работиме со нашите украински партнери и другите партнери на теренот, за да им помогнеме да размислат како можат да ги користат, во таква променета средина, каде што сè е веднаш видливо, рече тој, додавајќи дека тенковите се сè уште важни.

Кривична пријава против велешанка за употреба на исправа со невистинита содржина

Велешката полиција поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. 

Како што информираат денеска од МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца - детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Бугарија.

Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.

притисни ентер