Без договор заврши лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски

По седум часа преговори во Собранието заврши средбата меѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која се обидоа да најдат решение за Законот за јавно обвинителство.

Според неофицијалните информации , договор не е постигнат а дел од клучните разлики помеѓу власта и опозицијата во однос на Законот за ЈО како и за иднината на СЈО остануваат и понатаму. Покрај ова власта понудила формирање на ново обвинителство на чие чело ќе биде Вилма Рускоска, предлог кој беше даден и како замена на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Власта понудила да се направи ново обвинителство за висока корупција на чие чело ќе биде јавен обвинител предложен од опозицијата, а поддрежан од 61 пратеник кој ќе може да покренува предмети доколку се утврди дека има криминал и во власта. Опозицијата барала кај него да бидат префрлени и предметите од првите 18 месеци отворени од СЈО, барајќи можност за нивно застарување, одолговлекување и оневозможување на нивните судски завршници.

Други извори од преговарачкикот тим на власта уште подиректно велат дека всушност вечерва ВМРО-ДПМНЕ со часови ги изневерувала очекувањата на граѓаните.

Нивната единствена цел била уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни, а тоа сакале да го постигнат преку тоа што нивни обвинител би ги преземал сите предметите за да подоцна ги затвори и уништи. А, предметите после 30 јуни да се затвореле со закон.

Власта им понудила формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт.

,,Ја одбранивме правната држава. Со вчерашното преземање на предметите од страна на ЈО" , брифираат од власта.

Според извори од опозицијата, Мицкоски побарал предистрагите, истрагите и обвиненијата поведени по 30 јуни 2017 година да запрат со изрична законска одредба која би се вметнала во Предлог-законот за јавно обвинителство. Тоа бил само еден од условите од Мицкоски за да гласа ВМРО-ДПМНЕ за законот, кој се носи со двотретинско мнозинство.

Шефот на јавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии. Државата конечно изгради независен судски систем кој функционира непречено, систем кој не може да биде спречен од која било политичка партија брифираат вечерва по пропаѓањето на преговорите од преговарачкиот тим на власта.

Не се знае дали во следниов период повторно ќе има средби меѓу преговарачките тимови .

Претходно, новинарите и снимателите ја напуштија лидерската средба во Собранието револтирани поради тоа што во текот на средбата отсуствувал брифингот, а никој од нив незнаел ни кога истата ќе заврши.

Стопанска Триоги триатлон утре во Скопје, посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги триатлон што ќе се одржува утре во Скопје.

Триатлонот ќе почне во 8.15 часот на базенот „Борис Трајковски“. Сениори, мастерси, јуниори и рекреативци први ќе испливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед, по што ќе следува трчањето на пет километри.

Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски", за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот „Илинден“, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар.

За непречено одржување на триатлонот, од 8.15 до 12.30 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден“, од крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. Ќе биде затворена и улицата околу СЦ „Борис Трајковски“. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Како што информираат организаторите од клубот „Триоги рејсинг“ - Скопје, ќе се натпреваруваат триатлонци во следните категории: Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Јуниори (2005-2008): 750 метри пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Кадети (2009-20011): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање. - Деца 2 (2012-2014): 175 метри пливање, 4 километри велосипед, 1 километар трчање, Деца 1 (2015 и помлади - рекреативна категорија): 75 метри пливање, 2 километра велосипед и 500 метра трчање; - Мастерс 1 (1994-1985): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; Мастерс 2 (1984-1975): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Мастерс 3 (1974 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Тимски триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 члена (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање.

Стопанска Триоги триатлон се реализира со техничка соработка со македонската Триатлон федерација. /MИА

Светски ден на ретката болест порфирија

Свест што поттикнува акција за подобрена здравствена заштита, зголемено истражување и зголемена поддршка за лицата со порфирија, е целта на 18 Мај, Светскиот ден на ретката болест порфирија.

Порфиријата е група од најмалку осум различни болести (наследни или стекнати), чија заедничка карактеристика е акумулација на порфирините или нивните претходници (прекурсори) во организмот. Иако тие нормално се наоѓаат во организмот, не се акумулираат во здраво тело.

Развојот на болеста е предизвикан од недостаток на ензим кој учествува во биосинтезата на хемот, што резултира со акумулација на молекули на порфирин во организмот. Името е изведено од грчкиот збор „порфирус“ што значи виолетова (светло црвено-виолетова боја). Порфиријата е позната како вампирска болест од 1985 година кога биохемичарот Дејвид Долфин утврдил дека приказните за вампири се всушност приказни за луѓе кои страдаат од порфирија - пациентите се исклучително чувствителни на светлина зашто може да доведе до развој на осип (дури и умерена изложеност – честопати излегуваат само ноќе), кожата може да биде полна со лузни, кучешките заби можат да бидат впечатливи (непцата и забите можат да бидат многу напнати).

Според доц. д-р Николина Тановска од Клиниката за неврологија во Скопјe, причина за болеста се мутации на гените кои се одговорни за синтезата и функцијата на ензимите кои учествуваат во создавањето/синтезата на хемот.

Повеќето порфирии се наследни. Можно е да се наследи абнормален ген од едниот или од двајцата родители. Сепак, тоа не значи дека ќе се развие порфирија, туку дека станува збор за личност која го носи мутираниот ген. Оваа состојба е позната како латентна порфирија.

Постојат две групи порфирии врз основа на местото на производство на порфирин: еритропоетски, кои се карактеризираат со оштетување на кожата и минимална невролошка инволвираност, и хепатални, карактеризирани со невролошки и висцерални знаци и симптоми (или мултисистемско засегање, со тешки невролошки манифестации од централниот, периферниот и автономниот нервен систем).

-Прогнозата на пациенти со симптоми на порфирија е значително поповолна со подобрување на терапијата и самоконтролата. Сепак, голем број луѓе кои страдаат од порфирија, се повторуваат атаките/нападите на болеста продолжуваат да паѓаат во повторливи кризи, каде се јавува прогресивно оштетување со трајни последици, како што е откажување на бубрезите. Потребата за аналгетици кај порфиријата може да прерасне во зависност. Гликозата, која се внесува во телото на пациентот преку централен венски катетер, помага во олеснување и модификација на симптомите, наведува Тановска.

Третманот на порфирија зависи од формата на болеста. Потешките случаи имаат потреба од хоспитализација, а третманот на акутната порфирија наметнува потреба од престој во Единица за интензивно лекување.

Луѓето кои имаат генетска предиспозиција кон развој на порфирија, треба избегнуваат храна што содржи мононатриум глутамат, сулфурни соединенија (кромид, лук, брокула, зелка и друг зеленчук), салицилати (многу видови овошје), оксалати (многу видови овошје, зеленчук и растителна храна), сијалинска киселина, глутен, лецитин (добиен од јајца и соја), зелечнук (домати, компири, пиперки), масти и/или масла, како и храна која ослободува хистамин. /МИА

Излезе од печат поетската збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на 11. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се содржани 56 автори со по едно дело.

Годинава, на единаесетотто издание на фестивалот во конкуренција влегоа 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Од песните кои прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 највисоко оценети автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

- Со благодарност и пожелание да ја слават, но и читаат поезијата, во оваа збирка ви отвораме срдечен простор за прочит на сите автори што ги споделија со нас нивните искрени интимни поетски, истакнува претседателката на жири комисијата Д-р Наташа Сарџоска во освртот за збирката.

Во оваа збирка има автори од Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Албанија и Црна Гора, Босна и Херцеговина сите на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски јазик. Организаторот и проектен координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на единаесеттото фестивалско издание се при крај. Таа упати отоворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите промоцијата на заедничката поетска збирка.

Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”,Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по единаесетти пат. /МИА

притисни ентер