Бербок: Германија мора да инвестира во безбедноста

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека Германија мора да продолжи да инвестира во безбедноста и покрај силниот притисок да направи кратења во тешките преговори за буџетот за 2025 година.

Министерот за финансии Кристијан Линднер од про-бизнис либералните Слободни демократи (ФДП) побара од коалициската влада да се придржува до строги правила против буџетските дефицити, познати како должничка кочница.

Но, Бербок денеска тврдеше дека Германија мора да преземе водечка улога во справувањето со сериозните закани за европскиот мир и безбедност, дури и ако тоа значи преземање долгови.

-Ќе биде повеќе од фатално ако за неколку години треба да кажеме: ја спасивме должничката кочница, но го загубивме нашиот мирен европски поредок. Тоа ќе биде прашањето што ќе ни го постават нашите деца за неколку години, предупреди Бербок, на настан организиран од Федералната академија за безбедносна политика во Берлин.

Бербок нагласи дека е иритирана од дискусиите „каде поддршката за Украина се третира како добротворен гест, а не како она што всушност е - инвестиција во сопствената национална безбедност“.

Бербок го критикуваше јавниот дискурс во Германија каде што многу луѓе се чини дека ја поздравуваат дополнителната безбедност - но немаат интерес да ја платат цената.

Физичка пресметка меѓу татко и син од кумановско

Едниот со посериозни повреди пренесен во скопските клиники.

Две лица, татко и син се повредени при меѓусебна пресметка претпладнево во кумановската населба „Иго Тричковиќ“, соопшти СВР Куманово.

- Денеска 10:40 часот во СВР Куманово било пријавено дека во населбата „Иго Тричковиќ“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу татко и син, во која бил употребен и остар предмет. Двајцата со повреди биле пренесени во општа болница Куманово, информираше СВР Куманово.

Полициските службеници се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од кумановската болница информираат дека едниот од повредените поради сериозноста на повредите е транспортиран на една од скопските клиники.

„Ашарк ал-Аваст“: Само две или три лица знаат каде се крие лидерот на Хамас, Јахја Синвар

Само две или три лица знаат каде е лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, изјавија извори од палестинската екстремистичка организација за весникот Ашарк ал-Авсат.

„Многу тесен круг, од не повеќе од две или три лица, знае каде престојува и ги обезбедува неговите различни потреби, како и комуникација со лидерите на организацијата внатре и надвор“, изјави неименуван извор за весникот, кој се печати во Лондон.

„Израел не успеа да стигне до многу лидери од прв и втор ред (на Хамас) на политичко и воено ниво, но се обиде да убие некои од нив. Некои беа ранети, а некои преживеаја и излегоа неповредени од бомбашките операции во различни области и цели. Но, Синвар не е меѓу нив“, додаде изворот.

Во извештајот не е прецизирано дали Синвар се крие „над земја“ или во тунелите, јавуваат израелските медиуми.

Во февруари, израелската војска објави видео на кое наводно се гледа Синвар на 10 октомври 2023 година, три дена по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, како шета низ тунел во Газа со неколку членови на семејството.

Извори блиски до лидерот на Хамас изјавија за Ашарк ал-Авсат дека веруваат дека Синвар нема да размислува за договор што ќе го доведе во егзил.

„Синвар размислува за две опции, без трета, додека е жив, или да ги исполни условите на отпорот за запирање на војната, повлекување на окупаторските сили и прекинување на договорот за размена, или да ја добие честа да (стане) маченик“, објасни изворот, додавајќи дека нема други опции и дека предлогот за егзил е неприфатлив за Синвар.

Претходно беше најавено дека Израел може да предложи договор врз основа на кој организаторот на нападот врз Израел на 7 октомври ќе замине во егзил од Газа.

Израел претходно најави дека сите лидери на Хамас, што таа земја, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, ќе бидат убиени или заробени. /МИА

Најмалку 24 повредени пред ноќен клуб во Сплит откако се скрши стаклен ѕид

Дваесет и четири млади луѓе беа повредени пред популарен ноќен клуб во хрватското јадранско одморалиште Сплит доцна синоќа откако се скрши стаклена фасада на влезот во клубот.

Повредените, од кои повеќето биле туристи од Германија и Шведска, чекале пред клубот за да влезат. Тие се здобиле со исеченици од парчиња стакло што се разлетале, јави денеска локалниот весник „Слободна Далмација“, цитирајќи извори од болницата во Сплит.

Како што пренесе ДПА, маж на возраст од 20 и девојка на возраст од 16 години останале во болница и нивната состојба е опишана како стабилна. Останатите повредени по укажаната прва помош се вратиле дома.

Според првичните истраги, најверојатно стаклената фасада пукнала поради притисок од големиот број луѓе.

Сплит е најголемиот град во хрватскиот крајбрежен регион Далмација. Милиони луѓе одат на одмор таму во лето. /МИА

притисни ентер