Беким Сали: Бизнисот останува главен двигател на економскиот развој на државата - Канал 5

Беким Сали: Бизнисот останува главен двигател на економскиот развој на државата

Сали нагласи дека Комората претставува силен глас на бизнис-заедницата.

Беким Сали: Бизнисот останува главен двигател на економскиот развој на државата

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Стопанската комора на Северозападна Македонија, при што го истакна нејзиниот значаен придонес во економскиот развој на државата во изминатите две децении.

Во своето обраќање, Сали нагласи дека Комората претставува силен глас на бизнис-заедницата, важен партнер на институциите и активен промотор на економскиот развој. Тој истакна дека силната економија значи повеќе работни места, подобри плати и посигурна иднина за граѓаните.

Осврнувајќи се на современите предизвици, првиот заменик-претседател на Владата посочи дека дигитализацијата, вештачката интелигенција, зелената транзиција, недостигот од квалификувана работна сила и глобалната конкуренција бараат уште посилно партнерство меѓу институциите и приватниот сектор.

„Улогата на институциите е да создадат поволни услови за развој преку правна сигурност, поефикасни процедури и политики кои ги поттикнуваат инвестициите и иновациите. Од друга страна, бизнисот останува двигателот што создава вредност, работни места и конкурентна економија“, истакна Сали.

На крајот, тој изрази благодарност до основачите, раководствата и членовите на Стопанската комора на Северозападна Македонија за нивниот придонес во економскиот развој на државата и посака идните години да донесат нови инвестиции, економски раст и поголеми можности за бизнис-заедницата и граѓаните.

Кабинет на министерот за европски прашања

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ОЈО ГОК во тек е акција под кодно име „Филтер 2“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдува дека во тек е координирана акција под кодно име „Филтер 2“,.

ОЈО ГОК во тек е акција под кодно име „Филтер 2“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдува дека во тек е координирана акција под кодно име „Филтер 2“, која под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција ја спроведуваат Царинската управа. и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР-БЈБ.

Акцијата е резултат на криминалистичка истрага поради постоење основано сомнение за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои Криумчарење и Царинска измама при што е предизвикана штета на државниот буџет од големи размери.

По завршување на активностите, јавноста ќе биде дополнително информирана, стои во соопштението од Обвинителството.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нова „голема тројка“ на ЛА Лејкерс: Дончиќ, „Коби од село“ и џин подготвен да помине низ ѕид

НБА гигантот Лос Анџелес Лејкерс влегув во нова ера по заминувањето на Леброн Џејмс. 

Нова „голема тројка“ на ЛА Лејкерс: Дончиќ, „Коби од село“ и џин подготвен да помине низ ѕид

Во обидот да ја освојат 18-тата титула во лигата, клубот се потпира на ново трио предводено од Лука Дончиќ. Покрај докажаната словенечка суперѕвезда, се очекува Остин Ривс да го подигне своето ниво на игра до „Ол-стар“ стандарди, додека центарот Вокер Кеслер треба да се докаже како елитен одбранбен играч.

Клучниот дел од новиот тим е 25-годишниот Вокер Кеслер, висок 218 см, кој минатата сезона одигра само пет натпревари поради сериозна повреда и операција на левото рамо. Лејкерси го добија во размена со Јута Џез, отстапувајќи два незаштитени избори од првата рунда на драфтот и правата на два избори за размена.

Поради овој потег, клубот нема да може да разменува избори од првата рунда во следните седум години. „Секој голем тим на Лејкерс низ историјата имал доминантен центар.

Вокер Кеслер се докажа како еден од елитните високи играчи кои можат да играат на врвно ниво во двата правци. Кога се појави можноста да го споиме таков чувар на обрачот со нашите ѕвезди Лука Дончиќ и Остин Ривс во играта ’пик-енд-рол‘, не сакавме да ја пропуштиме таа шанса“, изјави Роб Пелинка, претседател за кошаркарски операции и генерален менаџер на Лејкерс.

Во сезоната 2024/25, Кеслер беше стартер на сите 58 натпревари за „Џез“, со просек од 11,1 поен, 12,2 скока и 2,4 блокади. Таа сезона, тој беше најдобар во НБА-лигата според офанзивни скокови (4,6), втор според блокади и петти според вкупен број скокови. За четирите години во Јута, одигра 201 натпревар со просек од 9,5 поени, 9,3 скока и 2,4 блокади.

Од неговото влегување во лигата, само Виктор Вембањама има подобар просек на блокади.

Дончиќ и Ривс како основа на нападот Раководството на клубот е исто така оптимистично во однос на соработката што Лука Дончиќ (33,5 поени, 7,7 скока и 8,3 асистенции минатата сезона) и Остин Ривс (23,3 поени, 4,7 скока и 5,5 асистенции минатата сезона) ја покажаа на натпреварите што Леброн Џејмс ги пропушти поради ишијас.

Ривс, познат и по прекарот „Хилбили Коби“, летово потпиша четиригодишен договор вреден 180 милиони долари – највисокиот износ во историјата за играч кој не бил избран на драфтот. Вокер Кеслер потпиша четиригодишен договор вреден 130 милиони долари. „Посебно чувство е кога некоја организација верува во тебе. Лејкерси го покажаа тоа и преку парите и преку изборите на драфтот што ги вложија во мене.

Сознанието дека имаат таква доверба во мене ме прави подготвен да ’пробијам ѕид‘ за нив. Едноставно, таков сум отсекогаш“, изјави Кеслер. Лука Дончиќ го продолжи договорот со клубот уште во август 2025 година, на три години и за сума од 165 милиони долари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Болва в уво“ на Драмски театар Скопје на фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

Драмски театар Скопје на 25 септември, со почеток во 20:00 часот, ќе гостува на 29. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово со претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов.

„Болва в уво“ на Драмски театар Скопје на фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

Претставата ќе биде изведена на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Фестивалот годинава се одржува од 23 септември до 5 октомври и во програмата носи 11 претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Десет претстави се дел од натпреварувачката програма, во чии рамки ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, актер, актерка, сценографија, костимографија и најмлад актер.

„Болва в уво“, една од најпознатите фарси на францускиот драмски автор Жорж Фејдо, во постановката на Драмски театар е динамична театарска машина во која еден мал сомнеж е доволен да предизвика лавина од недоразбирања. Љубовната несигурност го придвижува светот на погрешни врати и соби, заменети идентитети, неочекувани средби и луѓе кои постојано се наоѓаат на погрешното место во погрешно време. Секој обид да се воспостави ред создава уште поголем хаос, а забрзаното темпо на сценската игра ја води фарсата кон нејзините крајни комични последици.

Во режисерското читање на Синиша Евтимов, зад механизмот на фарсата стои свет во кој сите зборуваат, но никој вистински не слуша. Ликовите комуницираат преку сомнежи, претпоставки, полуинформации и недоизговорени реченици, додека љубомората, стравот и лагата стануваат движечка сила на нивното однесување. Дијалогот постои, но често само како маска за низа паралелни монолози, а малите приватни „војни“ се раѓаат во главите на ликовите уште пред да постои вистинска причина за нив.

Оттаму, креветот што се врти, вратите што се отвораат и се затвораат и телата што непрестајно се разминуваат и се судираат не се само препознатливи механизми на класичната фарса туку и сценска топографија на недоразбирањето. Во навидум елегантниот свет на La Belle Époque, под површината на рационалноста и општествените правила, се откриваат ниските страсти, паранојата и човековата опседнатост со туѓите постапки. Претставата ја задржува експлозивната комика на Фејдо, но истовремено го отвора прашањето колку од тој свет на неслушање, сомнежи и однапред создадени вистини препознаваме и денес.

Во претставата настапуваат: Дениз Абдула во улогите на Виктор и на Поше, Ања Митиќ како Рената, Марјан Наумов како Миле, Лазар Христов како Ристе, Игор Стојчевски како д-р Филев, Стефан Вујисиќ како Дони Карлос Хоменидес, Нина Елзесер како Луси, Владимир Петровиќ како Бегби, Рубенс Муратовски како Филип, Катерина Шехтанска-Лаковски како Оли, Томислав Давидовски како Ангел, Јована Спасиќ како Анета, Петар Стојковиќ како Бате и Ивана Павлаковиќ како Евгенија.

Режијата и адаптацијата се на Синиша Евтимов, сценографијата е на Мартин Манев, а костимографијата на Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска.

„Болва в уво“ премиерно беше изведена на 17 декември 2025 година на големата сцена на Драмски театар. Претставата трае 125 минути без пауза. Публиката повторно ќе може да ја погледне на репертоарот на Драмски театар Скопје на 10 октомври, со почеток во 20:00 часот, а билети може да се купат на билетарницата на театарот и на веб-страницата dramski.mk.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер