Бејл и Рамос се враќаат за мадридското дерби

Тренерот на Реал Мадрид Рафаел Бенитез потврди дека Герет Бејл и Серхио Рамос се опоравиле од повредите и ќе играат во утрешното дерби против Атлетико Мадрид.

Покрај овие позитивни вести Бенитез соопшти и една лоша, а тоа е дека Хамес Родригез повторно се повредил овојпат на тренинг во четвртокот и ќе паузира нови 15 денови така што ќе ги пропушти и репрезентативните обврски за Колумбија.

-Родригез доби удар во четвртокот и нема да биде подготвен за дербито, тој скоро сигурно нема да патува и за Јужна Америка, изјави тренерот.

Реал се наоѓа на четвртото место со два бода повеќе од Атлетико. /МИА

ЕП започна кампања за поттикнување на излезноста на Евроизборите

 Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите. 

Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.

Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одѕивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година. На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка Брегзитот, одѕивот беше 50,62 проценти.

Во фокусот на кампањата се ставени историјата на демократијата во Европа, руската инвазија врз Украина и антидемократските трендови на континентот, со потсетување на искуствата на Европејците со диктатурте и војните, Холокаустот, Прашката пролет од 1968 година, падот на Берлинскиот ѕид, па се до и достигнувањата на европскиот мир.

- Демократијата е во опасност. Искористете го вашиот глас или другите ќе одлучат наместо вас, повикува Европарламентот.

За спроведување на оваа кампања Европскиот парламент издвои буџет од 37 милиони евра, што претставува 0,08 евра по глава на граѓанин на ЕУ со право на глас на Евроизборите.

Својата последна предвидена пленарна седница во сегашниот состав Европскиот парламент ја одржа минатата недела. /МИА

Почнаа првите проби за 68. издание на Евровизија

Почнаа првите проби за 68. издание на Евровизија. Клипови од првите проби може да се видат ексклузивно на официјалниот евровизиски профил на ТикТок, а фотографии на официјалната веб-страница на музичкиот натпревар.

Сите 37 песни што ќе учествуваат на натпреварот може да се слушнат и видат на евровизискиот канал на Јутјуб.

Годинава, натпреварот ќе се одржи во Малме, Шведска. На 7 и 9 мај ќе се одржат двете полуфиналиња, а големото финале е на 11. истиот месец.

Во моментов, според обложувалници на интернет, најмногу шанси за победа имаат песните на Швајцарија, Хрватска, Холандија, Италија и Украина. /МИА

Отфрлена тужбата против Стивен Тајлер за сексуални напади на тинејџерка

Американскиот Федералeн суд на Њујорк го отфрли обвинението против пејачот на „Аеросмит“, Стивен Тајлер, за сексуална злоупотреба на тинејџерка.

Познатиот рокер беше обвинет за нешто што наводно се случило 1975 година кога двапати сексуално ја нападнал Жана Белино, која тогаш имала 17 години, а Тајлер - 27 години. Судијата Луис Каплан изјави дека тужителката која тврди дека пејачот сексуално ја нападнал, не може да бара отштета според законите на Њујорк.

Судот смета дека е залудно да се поднесе и изменета жалба и со тоа трајно го отфрли случајот.

Образложението вели дека случајот не може да се толкува ниту по двете неодамнешни државни регулативи - Законот за возрасни жртви и Законот за деца жртви. Судијата рече дека првиот ги опфаќа само луѓето кои имале најмалку 18 години кога станале жртви, а вториот не ги опфаќа барањата поднесени по август 2021. Белино ја поднела својата тужба во ноември 2023 година.

Стивен Тајлер ги одрече обвиненијата, т.е. наводите дека ја нападнал тужителката во телефонска говорница додека неговите пријатели се смееле во близина и дека ја малтретирал во хотелска соба истиот ден.

Жана Белино, која во тоа време била млада манекенка, тврди дека го запознала Тајлер по модна ревија на Менхетен. Инаку, Тајлер се брани и од тужба во Лос Анџелес, каде што можната жртва Џулија Мисли тврди дека тој сексуално ја нападнал во 1973. кога таа имала 16, а тој 25 години. /МИА

притисни ентер