Ауди без бензинци и дизелаши од 2026 година

Повеќето брендови на автомобили одамна започнаа со електрификација и укинување на моторите со внатрешно согорување.

Сепак, се чини дека Ауди ќе ја изврши најбрзата транзиција и ќе понуди исклучиво електрични модели во продажба.

Германскиот автомобилски гигант Ауди претходно објави дека целосно престанаа да развиваат мотори со внатрешно согорување, а сега сите ги изненадија и со најавата дека од 2026 година, тие воопшто нема да нудат автомобили со мотори на бензин и дизел горива.

Според „Зидојче цајтунг“, претседателот на „Ауди“, Маркус Дусман, им соопштил на другите директори на компанијата дека постепеното укинување на моделот со СУС мотори ќе се примени до 2026 година.

Интересно, овој извештај посочува дека од таа година, Ауди нема да нуди ниту хибридни модели. Јасно е дека ваквиот пристап и забрзаната електрификација се дел од целокупниот план и стратегија на групацијата Фолксваген, што е доста радикално во споредба со пристапот на другите германски брендови како БМВ и Мерцедес.

Владата на Словачка ја одобри контроверзната реформа на јавната радио и телевизија

 Владата на Словачка денеска ја одобри контроверзна реформа на јавната радио и телевизија во земјата, чекор, кој според критичарите, ќе доведе до преземање на целосна контрола врз медиумите од страна на Владата.

Минатиот месец, илјадници луѓе се собраа во главниот град за да го осудат планот, кој беше широко критикуван од локалните новинари, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија.

Премиерот Роберт Фицо рече дека промените се неопходни, бидејќи јавниот радиодифузен сервис РТВС бил политички пристрасен и е „во конфликт со словачката Влада“. Предложените измени ќе значат дека тој ќе има нова организација.

Се очекува, Парламентот, во кој коалициската Влада на Фицо има мнозинство, во јуни да ги одобри измените. /MIA

Де Соуза: Португалија одговорна за злосторствата за време на трансатлантското ропство

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза рече дека Португалија е одговорна за злосторствата извршени за време на трансатлантското ропство и колонијалната ера и посочи дека има потреба од репарации.

Говорејќи на настанот на кој доцна синоќа беа поканети странски дописници, Ребело де Соуза рече дека Португалија „ја презема целосната одговорност“ за неправдите од минатото и дека тие злосторства, вклучително и колонијалните масакри, имаат „цена“.

Тој посочи дека Португалија мора да ја плати цената.

„Дали има злосторства што не се казнети, а одговорните не се уапсени? Дали има стока што е ограбена и не е вратена? Да видиме како можеме да го поправиме тоа“, рече Ребело де Соза.

Во текот на повеќе од четири века, најмалку 12,5 милиони Африканци беа киднапирани, насилно транспортирани на долги растојанија главно со европски бродови и продадени во ропство.

Оние кои го преживеале патувањето завршиле со работа на плантажи претежно во Бразил и Карибите, додека други профитирале од нивниот труд.

Португалија продаде речиси шест милиони Африканци, повеќе од која било друга европска нација, но досега не успеа да се соочи со своето минато, а во училиштата малку се учи за нејзината улога во трансатлантското ропство. /МИА

Се одржа Меѓународниот натпревар за сирени во Шангај

Подводниот визуелен спектакл „Мермејд опен“ (Mermaid Open), познат и како Меѓународен натпревар за сирени во Шангај, Кина се одржа минатиот викенд. На него учествуваа стотина спортисти од Кина, Јужна Кореја и Казахстан.

Беа прикажани уметнички нуркачки вештини во неколку дисциплини, а натпреварувачките и натпреварувачите се оценувани во неколку категории.

Натпреварот се одржа во базен со 7.500 кубни метри вода и околу 50.000 риби во него, a двајца од јужна Кина се прогласени за шампиони - во женска и машка конкуренција, пишува „Шангај дејли“. Натпреварите со сирени станаа многу популарни во Кина последниве години, а за да го поттикне овој спорт, Океанскиот парк „Хајчанг“ во Шангај планира да организира серија настани и за претстојните празници во мај.

притисни ентер