Во штипскиот регион се зголемува бројот на заболени од грип

Се зголемува бројот на болни од грип во штипскиот регион. 

Светлана Живкова од Центарот за јавно здравје информира дека последниот извештај за периодот од 27 јануари до втори февруари покажува дека се евидентирани 126 заболени од грип што е четирикратно повеќе во однос на претходната седмица.

Живкова апелира, матичните лекари и специјалистичките ординации да ги доставуваат извештаите до Центарот за да има меродавни бројки и реална состојба на заболените. Нејзина оценка е дека бројот на болни се зголемува, а најпогодени се лицата од 15 до 64 години. Таа за МИА вели дека допрва се очекува зголемување на бројката, бидејќи во февруари е и пикот на грипот.

Началникот на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница, Дијана Шишкова забележува дека нивната амбуланта ја посетиле 13 пациенти, а во моментов на оваа Одделение се хоспитализирани осум лица кои поради хроничните болести имаат одредени компликации и затоа се под лекарски надзор.

Во штипските училишта евидентно е отсуството на ученици, а според директорот на Општинското основно училиште „Ванчо Прќе", Методија Папаров, забележано е отсуство на еден отсто од вкупниот број ученици или над 100 ученици не ја посетуваат наставата поради грип. Раководителот на Секторот за образование, јавни дејности и ЛЕР, Билјана Казанџиска вели дека ја следат состојбата во училиштата, а во текот на утрешниот ден ќе излезат со конкретни бројки на отсутни ученици во сите училишта, по што ќе утврдат какви мерки ќе се преземат. /МИА

притисни ентер