Амазон ги повлече божиќните украси со слики од озлогласениот логор

​Компанијата Амазон ги повлекла божиќните украси на кои се прикажани фотографии од поранешниот концентрационен логор во Полска Аушвиц.

Овој потег следи откако полскиот Меморијален центар Аушвиц објавил на Твитер повик за тргање на продуктите кои се со вознемирувачка и омаловажувачка содржина.

Тие вклучуваат, украси за елка, отворач на шишиња и подлога за компјутерско глувче, пренесува „Би-Би-Си“.

Сите овие предмети на себе имале прикажани фотографии од нацистичкиот логор на смртта во кој се убиени милиони луѓе во Втората светска војна. Божиќните украси содржеле фотографии од Аушвиц, вклучувајќи ја железсничката пруга која води до озлогласените врати, оградата со бодликава жица и зградите во кои биле сместени жртвите- главно Евреи.

Од Меморијалниот центар подоцна објавиле нов твит во кој се наведува дека предметите се тргнати од продажба и се заблагодариле на корисниците на социјалните мрежи за нивната активност и реакција брзо по првата објава.

притисни ентер