Поголем луксуз не може да се замисли – Мајбах го претстави најновиот СУВ (ВИДЕО)

Заменскиот бренд на Мерцедес , задолжен за луксузни изданија , има нов модел и тоа супер луксузно возило во сегментот на големи спортско урбани возила (СУВ).

Со полно име Mercedes-Maybach GLS 600 4MATIC, ова е нова мешавина на дизајнерскиот концепт на SUV со онаа на крајниот луксуз, досега регуларно резервирана за лимузини.

Трендовите очигледно се менуваат, па откако „Бентли“, „Ролс-Ројс“ и сличните излегоа со луксузни модели, а BMW објави најава, не чекаа многу ниту од Мерцедес.

Она што GLS сега треба да го понуди е луксуз со висок квалитет. Возилото најдобро е илустрирано преку споредбата со летање во удобен салон. Електрично управуваните ролетни ја диктираат количината на контакт со околината, а програмата за суспензија на Мајбах нуди супериорна удобност при возењето. Панорамското лизгање / вртливиот подвижен покрив е исто така електрично управуван, како и климатизираните седишта за масажа.

Фиксната централна конзола го претвора автомобилот во простран четворосед, а задниот дел е подеднакво погоден за работа и релаксација.

Достапен е со можност за проширување, поместување маси и ладилник за шише шампањ. Се разбира, во понудата има сребрени чаши. И тоа не е сè, создаден е соодветен мирис како дел од дополнителниот пакет Air Balance: бел османт (маслинов цвет) , миризлив и лесен, заокружен со мека кожа нота и чај, велат од Мерцедес.

Непотребно е да се каже, моделот отскокнува и со деталите на надворешниот дизајн. Sвездата на Мерцедес ја украсува хаубата на класичен начин, додека вертикалните хромирани шипки за решетката на радијаторот Мејбах создаваат шарен ефект. Покрај тоа, има хромирани детали и тркала со дијаметар од 23 инчи.

Под хаубата е познатиот 4.0 V8 мотор, специјално подготвен за новата улога. Испорачува 558 КС и 730 Nm и е комбиниран со електричен систем за напојување со моќност од 48 волти. Да, овој џин долг 5,2 метри не вози брзо, но добро е да се знае дека може. Достигнува 100 км на час за 4,9 секунди, и вози до 250 км на час.

Mercedes-Maybach GLS 600 4MATIC ќе се појави на пазарот во втората половина на 2020 година. Цената засега не е позната.

Изборниот ден неработен за сите граѓани

Поради одржување на предвремени парламентарни избори, денешниот ден е наеработен за сите граѓани во Република Макеоднија и нема да се одработува.

Според одлуката на Владата, оние институции, компании, фирми и организации кои ќе одлучат да работат денеска треба да пријават работа на неработен ден до Државниот инспекторат за труд.

– Според Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, работодавачот на работникот е должен да му исплати надоместок и додаток на плата за работа на празници и неработни денови утврдени со закон или друг пропис, појаснуваат од Владата.

Вкупно активни 3.475 случаи на Ковид-19, најмногу заболени во Скопје и Тетово

 Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 8.332, а во моментов активни се 3.475, откако вчера беа регистрирани 135 нови случаи на заразени.

Бројката на заболени повторно е највисока во Скопје, со тоа што вчера од направените 1.259 тестирања во главниот град се регистрирани 76 позитивни лица. По Скопје следи Тетово со регистрирани 13 новозаболени.

Што се однесува до останатите градови во земјава, во Куманово вчера беа регистрирани нови 6 позитивни, Дебар – 2, Штип – 6, Прилеп – 1, Струга – 7, Битола – 3, Охрид – 1, Кавадарци – 1, Гостивар – 10, Гевгелија – 1, Македонски Брод – 1, Кратово – 1, Свети Николе – 2, Кичево – 3, Ресен – 1.

Како што соопшти Министерството за здравство, вчера починаа четворица пациенти, еден од Скопје, еден од Тетово, еден од Охрид и еден од Кичево.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 142 оздравени лица од: Скопје – 68, Штип – 3, Прилеп – 1, Тетово – 15, Струга – 15, Охрид – 15, Гостивар – 7, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, Пробиштип – 1, Кратово – 5, Свети Николе – 6, Ресен – 4.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти. Вкупно се хоспитализирани 88 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 25 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, пет деца позитивни и едно дете суспектно на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" примени се четворица пациенти, вкупно хоспитализирани се 83 пациенти. На респираторна машина се пет пациенти.

Според неделниот извештај за период од 6 до 12 јули што вчера го објави Институтот за јавно здравје, во овој период се направени повеќе тестирања за Ковид-19, но процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален.

Во дадениот период направени се вкупно 9.995 тестирања (1.573 повеќе од периодот 29 јуни – 5 јули) и регистрирани се 1.073 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела. Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7 отсто позитивни од тестирани за периодот од 6 до 12 јули, наспроти 10,9 отсто за претходната недела.

Според извештајот, во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3 отсто) и во Тетово (8,9 отсто).

Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица на возраст од 30 до 39 години – 20,1 отсто, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3 отсто и од 40 до 49 години – 18,8 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа на возраст до девет години – 3,7 отсто, и од 10 до 19 години – 3,3 отсто од вкупниот број новозаболени, информира Министерството за здравство.

Предвремени парламентарни избори во Македонија

Во Македонија денеска се одржуваат десетите парламентарни избори, петти предвремени избори. Право на глас имаат еден милион 814 илјади и 613 полнолетни граѓани, кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места.

Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата бидејќи се организираат во состојба на пандемија со коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден ќе трае два часа повеќе од вообичаеното и е прогласен за неработен.

Избирачките места во шесте изборни единици се отвораат во 7:00 часот, а гласањето завршува во 21 часот. Се гласа за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на ДИК, 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.

Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата.

Сите вклучени во процесот и граѓаните кои ќе одат на гласање задолжително мора да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а тоа се носење маска, држење растојание од метар до метар и половина, дезинфекција на раце при влез и при изле од гласачкото место.

Освен спецификата поврзана со коронавирусот, на овие избори првпат е дозволено да гласаат и лицата кои до 15 јули наполниле 18 години и се со важечки документи и не се организира гласање во дијаспората бидејќи немаше доволен број пријавени македонски државјани за гласање. Сепак, овие лица доколку се во земјата денеска ќе можат да гласаат на избирачките места на адресата на која што се пријавени.

Во Избирачкиот список се запишани еден милион 814 илјади и 613 гласачи. Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки изводи се 83.054, а во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени.

Вчера гласаа болните, немоќните и хронично болните лица, затворениците, лицата во домашен притвор и во старските домови. Според податоците од ДИК, вчера вкупно 7.861 болни и немоќни лица го оствариле правото на глас. Што се однесува до лицата кои се наоѓаат во домови за вонсемејна грижа, од вкупно 357 пријавени избирачи во оваа категорија, гласале 234, а во казнено поправни установи 1.235 лица.

Гласањето за овие избори почна во понеделникот, кога гласаа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Правото на глас го искористиле 723 лица заболени од Ковид-19 и во самоизолација.

Од гласањето во понеделникот и вчера ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.

Во однос на изборните единици просечниот број на запишани гласачи е 302.377 запишани избирачи. Најмногу гласачи има во Куманово има 93.603 избирачи, Битола со 81.607 избирачи, скопски Аеродром 66.525 избирачи, Бутел 33. 278 и.т.н. Општини со најмалку гласачи се Вевчани со 2.062, Конче 2.724, а најмала е Лозово е 1.997 гласачи.

Се гласа на 3.480 избирачки места, но на 90 има помалку од 10 гласачи и според Изборниот законик, овие избирачи ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место. Во Македонски брод има 11 такви избираки места, во Пробиштип седум, во Прилеп 13 и други.

Предвремените парламентарни избори во Македонија беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавируот и вонредната состојба беа одложени со Уредба со законска сила и одлука на ДИК. Потоа во договор меѓу политичките партии беше избран датумот 15 јули.

ДИК, учесниците на изборите, сите вклучени во процесот повикаа првенствено на почитување на мерките за заштита од коронавирусот, но и на почитување на демократските стандаради, на фер и слободни избори. Генералните оценки се дека првите два дена од гласањето минале без проблеми и со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Изборите се одржуваат во ситуацијата кога во земјата недели наназад има троцифрени бројки на позитивни со коронавирусот. Но, Македонија е без Парламент од февруари година, а ја предводи техничка влада чија првенствена задача, според Пржинскиот договор, требаше да биде организирање фер и демократски избори./МИА

притисни ентер