Пау Гасол заминува од НБА , се враќа ли во Барселона ?

Пау Гасол веќе не е играч на Портланд Треј Блејзерс. Денеска беше објавено дека дошло до пријателско раскинување на договорот на НБА клубот со еден од најдобрите европски кошаркари.

"Од денес, јас веќе не сум член на Портланд Трејл Блејзерс. Повредата со која се мачам и имав операција во мај трае од шест до 12 месеци за да заздрави. Се надевав дека закрепнувањето ќе биде побрзо, но за жал трае подолго. Знаевме дека ова е можно, па се договоривме дека клубот може да ме отпушти за да има место да доведат друг играч кој би можел веднаш да помогне.„изјави Гасол, истакнувајќи дека тој исто така се подготвува за тренерска улога и покрај тоа што сè уште сака да игра.

Сега каталонскиот портал ЕСпорт соопшти дека Барселона е подготвена да му понуди на Гасол место во екипата. Како 20-годишник, Гасол брилираше во тој клуб пред да замине во НБА лигата каде со Лос Анџелес Лејкерс освои две титули.

Барселона изгради фантастичен состав оваа сезона и има за цел да ја нападне титулата во Евролигата. Гасол ќе ги добие потребните минути таму, според ЕСпорт, за да му помогне на кошаркарот да се подготви за Олимпијадата следната година и настапот во дресот на шпанската репрезентација.

Косово воведе задолжителен ПСР тест за граѓаните на Македонија, БиХ и Црна Гора

Владата на Косово денеска одлучи да воведе обврска за задолжително приложување на негативен тест РТ-ПЦР при влез во земјата за граѓаните од Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

На денешната видео-конференциска седница на Владата на Авдулах Хоти е одлучено дека тестовите со кои се докажува дека лицето кое влегува во Косово од трите земји не е заболено од Ковид-19 не треба да биде постар од 72 часа од времето на пријавување на граница.

Од оваа одлука се исклучени граѓаните од тие земји доколку влезат преку меѓународниот аеродром „Адем Јашари" во Приштина. Тие не треба да приложат негативен тест за новиот коронавирус, но се обврзани да потпишат изјава дека во рок од три часа ќе го напуштат Косово. Исто така и патниците кои го користат аеродромот за патување во трети земји немаат потреба од тест.

Превозниците кои влегуваат во Косово од споменатите земји немаат потреба од тестот РТ-ПЦР, но треба да ги почитуваат протоколите за меѓународен превоз. И организираните превозници на патници со автобуски или меѓународни транзитни линии од тие земји не треба да приложуваат уверение за негативен тест, но треба да потпишат изјава дека се обврзуваат да ја напуштат територијата на Косово во рок од 5 часа.

Ослободени од обврската за тестирање се и странските дипломати и нивните семејства, како и државјаните на Македонија, БиХ и Црна Гора кои имаат и косовско државјанство и живеалиште во Косово./МИА

Јужна Америка стана втор најпогоден регион во светот од коронавирусот

Јужна Америка и Карибите денеска станаа вториот најпогоден регион во светот во однос на смртните случаи од коронавирус, зад Европа, со повеќе од 144.000 официјално починати, објави АФП.

Со 144.758 смртни случаи од „ковид-19“ до денеска наутро, регионот ги надмина САД и Канада и е зад Европа, која има 202.505 смртни случаи.

Бразил е земја со најголем број со 72.100 смртни случаи, или скоро половина од сите во Јужна Америка.

По Бразил е Мексико (35.006), кој ја надмина Италија по број на жртви, а следат Перу (11.870) и Чиле (6979).

Во Јужна Америка се регистрирани повеќе од 3.370.000 случаи на инфекција, што ја става на второто место во однос на бројот на заразени, веднаш зад САД и Канада.

Според некои експерти, официјалниот број на жртви од „ковид-19“ во Јужна Америка е помал од реалниот.

Чавушоглу за Аја Софија: Мораме да го заштитиме наследството на нашите предци

Турција ќе поднесе извештај до УНЕСКО за промените поврзани со древната црква Аја Софија, откако Анкара реши да го претвори музејот во џамија, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Турскиот суд во петокот го поништи декретот од 1934 година со кој Аја Софија, некогаш византиска црква, се претвора во музеј, а претседателот Реџеп Таип Ердоган, прогласувајќи ја за џамија, рече дека првите молитви таму ќе се одржат во рок од две недели.

По објавата на Ердоган, УНЕСКО во петокот објави дека ќе го разгледа статусот на обележје на светското наследство.

Чавушоглу изјави дека Анкара е изненадена од реакцијата на УНЕСКО и дека ќе го информира за понатамошните чекори што треба да се преземат во врска со Аја Софија, која била византиска црква девет века пред Османлиите да ја претворат во џамија.

„Мора да го заштитиме наследството на нашите предци. Функцијата може да биде оваа или онаа, не е важно“, рече Чавушоглу за државната телевизија ТРТ Хабер.

На прашањето за критиките и загриженоста што доаѓаат од Грција и другите земји, на кои им се придружи и папата Франциск, Чавушоглу рече дека одлуката да се претвори Аја Софија во џамија е легална.

„Ние ја почитуваме нашата позиција, дури и ако не се согласуваме со тоа, но ние остро ги отфрламе коментарите дадени на начин што ги крши суверените права на Турција“, истакна тој.

Грција во петокот ја осуди одлуката на Турција, велејќи дека тоа ќе влијае не само на односите меѓу двете земји, туку и врз односите на Турција со ЕУ.

Папата Франциск вчера рече дека е повреден од одлуката.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, денеска ја осуди преобразбата на Аја Софија од музеј во џамија.

Аселборн тврди дека одлуката е удар врз односите на Турција со Европската унија, но дека истиот има ист ефект и врз нивното место во целина во светот.

„Тоа е удар врз Алијансата на цивилизациите“, рече министерот за надворешни работи на Луксембург.

Алијансата на цивилизациите, тело поддржано од Обединетите нации, е основано во 2005 година на иницијатива на тогашниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Запатеро и тогашниот турски премиер Реџеп Таип Ердоган за зајакнување на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог.

Целта е да ги зближи Истокот и Западот.

„Со овој гест, Турција го избриша таквиот развој“, рече Аселборн пред состанокот на министрите на ЕУ во Брисел.

Откако турскиот претседател Ердоган во петокот објави, по судската пресуда, дека Аја Софија повторно ќе стане џамија, зградата била затворена за посетителите во саботата, објави турската новинска агенција „Анадолија“, повикувајќи се на тимови од министерството за туризам.

притисни ентер