Нови рочишта за „Ласкарци", „Траекторија" и „Транспортер"

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Ласкарци", „Траекторија" и „Транспортер".

Судењето за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс", Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија", се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Рочиште денеска е закажано и за предметот „Транспортер", во кој поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов./МИА

Соопштение од ДОМ за дивоградбите покрај Охридското Езеро

Зелената партија ДОМ ја поздравува решителната акција на Општина Охрид за отстранување на бесправните објекти на плажите за кои се истечени концесиите. 

Секојдневно сме сведоци на ослободување на крајбрежјето од бетонски и челични градби што го нарушуваа пределот и правеа штета на природните вредности и биолошката разновидност. Конечно, се спроведуваат неопходните активности за да се стави крај на долгогодишна узурпација на крајбрежјето. Затоа, даваме силна поддршка на Општина Охрид и инспекциските служби да продолжат со борбата за зачувување на вредностите на Охридскиот регион и неговиот УНЕСКО статус.

Вчера, Советот на Општина Струга донесе Одлука за продолжување на мораториумот на градби и легализација на бесправни објекти, три месеци по носењето на оваа одлука во Охрид. И покрај големото доцнење, сметаме дека тоа е мал чекор во добра насока. Сепак, недозволиво е владината Уредба со законска сила за плажите да не се применува на струшкото крајбрежје! Ја повикуваме Општина Струга да го следи примерот на Охрид и да го ослободи и западниот дел на езерото од парапетчиња, платформи и други нелегални градби. Апелираме Државниот пазарен инспекторат и УЈП да обезбедат доследно спроведување на Уредбата на Владата.

Сектор за односи со јавноста – Демократска обнова на Македонија (ДОМ)

Николовски од Берово: Европската комисија ја усвои Преговарачката рамка на Северна Македонија, ова е потврда на правилните политики, но и потврда на македонскиот јазик

„Особено сме горди што денеска на првиот ден од претседавањето на нашиот голем пријател Германија, беше соопштена преговарачката рамка на Македонија и Европската унија. 

,,Ова е огромна одлука за македонските граѓани, голем чекор кој е потврда на се она што го правевме овие две години. Но, ова е и потврда на македонскиот јазик", порача Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител на ИЕ 3 на Коалицијата „Можеме, на вчерашната трибина во Берово.

„Да стигнеме денеска до оваа Одлука во време на криза, ова е убава и важна вест за сите граѓани. Европската комисија ја усвои Преговарачката рамка за Македонија. Таа потврдува дека македонскиот јазик е загрантиран, таа потврдува дека целокупниот правен систем на ЕУ ќе биде преведен на македонски јазик. Тоа го пишува во денешната одлука", рече Николовски.

Тој нагласи дека концептот предвиден во Програмата на СДСМ и Коалицијата го трасира патот на сигурноста, безбедноста, но и развојот на новата македонска економија.

„Таа гарантира враќање на младите во земјата, но и силен развој на економијата. Успеавме заедно сите да го срушиме режимот и за две и пол години направивме огромен исчекор", рече Николовски.

Тој нагласи дека СДСМ и Коалицијата „Можеме" нуди чесни и одговорни кадри во ИЕ 3, но и во сите Изборни единици кои гарантираат развој на демократијата, економска стабилност и просперитет.

„Само Вистина“ вечерва со Зоран Иванов и Сотир Костов

Во вечерашната „Само Вистина“ ќе дебатираат Зоран Иванов и Сотир Костов.

Дами и господа, покрупни и поситни, „лавови“ и „орли“, терапија за "смирување" или за "имунитет" што ќе му „препише“ СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ на 15-ти Јули?

Можен ли е пост-изборен пресврт,па да видиме малцинска колација помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или ќе имаме прв Албанец премиер?

Вечерва за сите жешки теми на ТВ дебатниот трон ќе дебатираат Зоран Иванов и Сотир Костов.

Се вжештува ли атмосферата на „бојното“ политичко поле, кој сече, кој лепи, кој монтира или политички „поентира“?

Како влијае врз здравјето толкава колчина предизборен "сеир"?

Имаме ли ментална матрица за правда и правдина?

Концесии за повластени тарифи, подарување туѓ имот, мини хидроелектрана или паркови на енергија на ветер, како поскоро до 500-тини евра просечна плата?

СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, кој прв ќе го "подвитка вратот" пред понудата на ДУИ, вечерва во Само Вистина, со Зоран Иванов и Сотир Костов, на Канал 5 Телевизија.

притисни ентер