Мобилизирани ресорните министерства и инспекциските служби за брза заедничка акција против загадување на воздухот

Координативната седница, со која раководеше вицепремиерот Оливер Спасовски, а во координација со министерот за животна средина Насер Нуредини и за земјоделство, Трајан Димковски, се свика заради  алармантната состојба со загадувањето на воздухот.

Заблагодарувајќи им се на присутните за големиот одзив и подготвеноста за соработка, министерот Нуредини, во своето обраќање ја истакна важноста на спроведувањето на добро координирани и заеднички акции, бидејќи загадувањето на воздухот е комплексен проблем кој бара меѓусекторски пристап. Покрај реализирањето на долгорочните мерки, според министерот Нуредини, моменталните состојби бараат преземање на итни интервентни акции.

Дел од мерките што ги наведе Нуредини се итно мобилизирање на сите надлежни државни и локални инспекторати со цел обезбедување на 24 часовна покриеност на терен, спроведување на вонредни контроли за проверки на исправноста и функционирањето на филтрите во индустриските капацитети и инспекторирање на примената на протоколот за контрола на градежната прашина, особено на патиштата и на другите поголеми инфраструктурни интервенции од страна на градежните инспектори. Тој нагласи дека дополнително ќе се интензивира соработка со локалните самоуправи, општинските инспекциски служби и граѓанските организации, особено во делот на пријавување на потенцијалните загадувачи, санкционирање на сторителите и изнаоѓање на можни решенија за надминување на проблемот.

Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на своите надлежности реализираше повеќе активности меѓу кои мапирање на сите капацитети кои се наоѓаат во близина на мерните станици од Државниот мониторинг систем, направи замена на неисправните инструмени во пет мерни станици, а до декември годинава ќе бидат заменети и неисправните инструменти за мерење на ПМ 10 честички на мерните станици во Лисиче, Велес, Кавадарци и Гостивар. Исто така, започнати се и активности за акредитација на лабораторијата на Министерството за животна средина и просторно планирање и се очекува процесот да заврши во првата половина на идната година, се наведува во владиното соопштение.

Велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2024“

Во општина Илинден и годинава се одржува велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2024“ епизода II, која е во организација на Здружението МТБ Илинден, а со поддршка на Општина Илинден.

На настанот учествуваат над 150 велосипедисти од целава земја, а стартната позиција беше од пред спортската сала Гоце Делчев во општина Илинден, каде присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски кој им посака успешно возење.

Велосипедската тура се вози по асфалтен и земјен пат низ пределот на општина Илинден во должина од околу 45 километри. Турата се вози групно со попатни паузи, кај местото наречено Борчиња, манастирот во Дељадровци, манастирот во Бучинци, крстот во Бучинци, манастир кај Ајватовци и крајната цел спортската сала Гоце Делчев. Оваа велосипедска тура се класифицира како средно тешка и потребна е претходна физичка подготвеност за да се стигне до целта.

Покрај велосипедската тура ќе се одржи и едукативна работилница за деца поддржана од Вело училишта наменета за децата од основните училишта.

Исто така, настанот е од хуманитарен карактер, со цел поддршка во собирањето средства за лекувањето на Алексеј Анастасовски.

-Со оглед на тоа што овој настан се одржува втора година по ред и има голем интерес кај велосипедистите, поддршката ќе ја има и понатаму од Општина Илинден, велат општинските власти.

Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

Расистички навреди кон Нико Вилијамс

Напаѓачот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, беше цел на расистички навреди од трибините на натпреварот против Атлетико Мадрид во 33. коло од шпанската Ла Лига.

Дваесетиедногодишниот Шпанец го постигна единствениот гол за баскискиот клуб кој ги загуби натпреварот со 3-1.

„Не е нормално да те навредуваат поради бојата на кожата. Знам дека насекаде има глупави луѓе, но ова треба да се промени. Играчите на Атлетико ме поддржаа и разбираат дека е неприфатливо да се пуштаат мајмунски звуци за време на натпревари“, изјави Вилијамс, цитиран од шпанските медиуми.

Вилијамс оваа сезона забележа 32 настапи во сите натпреварувања за Атлетик, постигнувајќи шест голови, а запиша и 14 асистенции.

притисни ентер