Премиерот Заев се сретна со египетскиот амбасадор Фатхаллах ел – Далие

По Договорот од Преспа и интеграциските перспективи, отворени се можности за унапредување на економската соработка со Египет, било речено на средбата.

Премиерот Зоран Заев, се сретна со Моајад Фатхаллах ел – Далие, амбасадор на Арапска Република Египет за Република Северна Македонија, кој го завршува својот мандат.

На средбата е констатирано дека нашата држава напредува по Договорот од Преспа и отворените интеграциски перспективи и со тоа отворени се можности за унапредување на билатералната соработката, посебно на економски план, помеѓу Арапска Република Египет и Република Северна Македонија.

Разговарано е за иницијатива за трговски можности во областа на земјоделството, со оглед дека нашата држава има потенцијали во земјоделството, како и за можностите за охрабрување на египетски бизнисмени да инвестираат во нашата земја.

„Градиме пријателства со сите држави, а НАТО и ЕУ перспективите создадоа можности за поинтензивен развој на економските односи со државите во светот. Во очекување сме на историската одлука за шансата да почнеме преговори со ЕУ. Ги заокружуваме НАТО интеграциите коишто значат стабилност. Поради сето ова, зголемен е интересот на странските инвеститори, коишто со поволните бизнис услови што ги овозможува државава кон инвеститорите, гледаат перспективи за инвестирање овде. Се надеваме дека тие можности ќе ги препознаат и египетските компании“, рече премиерот Заев.

На средбата се споделени искуства од Египет за развојот на туризмот и изградбата современа инфраструктура, а разговарано е и за промовирањето на културните вредности, се наведува во соопштението од Владата.

По два дена насилни протести, вечерашните протести во Белград мирни

Сосема нова слика на белградските улици по дводневната војна и десетици повредени демонстранти и припадници на полицијата. 

Она за што многумина очекуваа да излезе од контрола, прејде во мирољубиво седење на улиците од страна на демонстрантите, не за да се покорат, туку за како што појаснија, да можат хулиганите да бидат позабележителни. Камењата и солзавецот ноќеска беа заменети со оро.

Меѓу другото главна причина за демонстрациите беше најавениот карантин и строгите мерки за спротивставување на коронавирусот. Сепак по жестоките демонстрации кризниот штаб ја промени одлука, а истата ја соопшти премиерката Ана Брнабиќ

Договорот е да продолжиме и понатаму исто, да немаме мерки за целата територија на Република Србија, туку да се фокусираме на местата каде што ситуацијата е вонредна, нестабилна и непредвилива, а таму каде што граѓаните со своeто одговорно однесување допринеле кон тоа да нема потреба за воведување на вонредна ситуација, да ги оставиме да си живеат да организираат прослави, изјави Ана Брнабиќ – премиерка на Србија.

Србија во последното деноноќие регистрираше 266 новозаразени, додека пак во регионот Босна покажа најзначителен пораст. Тие потврдија 310 нови случаи на ковид-19 што е најмногу за еден ден во земјата од почетокот на пандемијата.

Расте бројот и во соседна Бугарија, каде што за последните 24 часа надлежните потврдија 330 позитивни лица. Земјата ќе воведува поригорозни мерки, а ќе растат и санкциите. Премиерот Борисов упати критика кон дисциплината на народот.

Ситуацијата се влошува и во Косово, 207 новозаразени за еден ден, додека пак Хрватска регистрираше 91 случај, а нивниот министер за здравство Вили Берош изјави дека со 81 случај на 100 илјади, Хрватски и понатаму има најповолна епидемиолошка ситуација во Европа.

Стојаноска: Граѓаните се жалат на хаосот кој владее во МНР

Од куќата на Чаковци, која денес ја посетивме со останатите кандидати за пратеници, сакам да ги пренесам актуелните проблеми на моите сограѓани Турци. 

Дафина Стојаноска, носителот на листата во ИЕ 6 попладнево во рамки на презиборните активности, го посети семејството Чако, чија куќа е дел од националното културно наследство изградена во средината на 18 век и имаше средба со припадниците на турската заедница во Гостивар.

Заедно со кандидатот за пратеник Фуркан Чако, разговараа со сограѓаните за актуелните состојби и нивните проблеми.

– Од куќата на Чаковци, која денес ја посетивме со останатите кандидати за пратеници, сакам да ги пренесам актуелните проблеми на моите сограѓани Турци. Тие во неизвесност ги чекаат своите роднини од гурбет и неизвесно им е заминувањето на оние кои треба да заминат на работа во странство. Се жалат на хаосот кој владее во МНР, заради кој не можат ни едните, ни другите да тргнат на пат. Имало и случаи да тргнат, па од пола пат да ги вратат. Затоа, не се задоволни од оваа власт. Бидејќи, не се снајде ниту со короната, ниту со економијата, ниту со дипломатијата, рече Стојаноска.

Таа се осврна и на настапите на политичките опоненти во шестата изборна единица и нивните ветувања, кажани на предизборните собири.

– И додека едни партии излегуваат со исти препакувани лаги, додека други се закануваат со војни или со предизборни условувања, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата „Обнова на Македонија" се обврзува на мерки и проекти, подеднакво достапни за сите. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на повеќе за секого, без разлика на партиска или етничка припадност, подвлече Стојаноска

Таа од сограѓаните ја побара поддршката за претстојните избори, нагласувајќи дека на 15 јули, бројот 14 е избор за обнова и избор за исправена Македонија.

притисни ентер